1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:40
Ми се допаѓа работата во Ургентен – барем таму среќаваш мажи. Вистински мажи, херои. Пожарникари и џокеи. Цело време завршуваат на Ургентен. Џокеите имаат прекрасни рентген снимки. Постојано кршат коски, ама ќе се испозавиткаат и пак одат на нова трка. Костурите им личат на дрвја, како реконструирани бронтосауруси. Рентген снимки како на Свети Себастијан. Ми ги даваат џокеите зашто зборувам шпански, а повеќето се Мексиканци. Првиот џокеј што го запознав беше Муњоз. О, Боже. Цело време соблекувам луѓе, и тоа не е голема работа, се прави за неколку секунди, а Муњоз си лежеше онесвестен, минијатурен ацтешки бог. Бидејќи алиштата му беа комплицирани, изгледаше како да вршам сложен обред. Обеспокојувачки, зашто долго траеше, како кај Мишима кога му требаат три страници да го слече кимоното на жената. Неговата магента сатенска кошула имаше многу копчиња наредени долж рамото и по едно на малите зглопчиња; панталоните му беа запетлани во сложен сплет од врвци, пред-колумбијски јазли. Чизмите му мирисаа на лепешки и пот, ама беа меки и ситнички како на Пепелашка. Си спиеше, како маѓепсан принц.
Почна да вика по мајка му уште пред да се разбуди. Не само што ме држеше за рака, како што прават некои пациенти, туку ми се закачи за врат, липајќи Мамасита! Мамасита! Немаше друг начин како д-р Џонсон да го прегледа освен да го држам во раце како бебе. Беше малечок како дете, ама силен, мускулест. Маж во мојот скут. Маж од соништата? Бебе од соништата?
Д-р Џонсон ми го избриша челото со сунѓер додека преведував. Сигурно има скршена клучна коска, барем три скршени ребра, најверојатно потрес на мозокот. Не, рече Муњоз. Морал да се трка утре. Однесете го на рентген, рече д-р Џонсон. Бидејќи не сакаше да легне на носилката, го носев на раце низ ходникот, како да сум Кинг Конг. Плачеше, преплашен; солзите ми ја натопија градата.
Чекавме во темното сопче да дојдат техничарите. Го смирував како што се смирува коњ. Калмате, линдо, калмате. Деспасио... деспасио. Полека... полека. Ми се стиши во скут, нежно фучеjќи и ‘рчејќи. Го погалив по убавиот грб. Му се стресе и растрепери како грб на прекрасно младо ждребе. Беше величествено.
Превод: Румена Бужаровска
Лусија Берлин (12 ноември, 1936 – 12 ноември, 2005) стекнува постхумна слава и речиси култен статус на современа американска раскажувачка откако нејзина збирка избрани раскази Прирачник за чистачки е објавена во 2015 година и уште во втората недела се искачува на списокот најбарани книги според Њујорк Тајмс. Нејзините брутално искрени, храбри, сликовити раскази изобилуваат со автобиографски елементи поврзани со нејзиниот необичен живот низ многуте држави во САД и Јужна Америка, трите брака и одгледувањето на четирите сина, но највпечатливи се оние што се занимаваат со нејзините разноврсни работни искуства (болничарка, учителка, чистачка, итн.) Краткиот, но извонредно моќен расказ „Мојот џокеј“ ја отсликува нејзината поетска дрскост во мешањето на родовите улоги, како и границите мајка/љубовница и син/љубовник.
Клитература е дел од радио емисијата ПичПрич што секој понеделник се емитува на Канал 103, а која се занимава со женската книжевност и родовите прашања во книжевноста. Рубриката ја уредува Румена Бужаровска.