Сега кажувам #9

31.01.2018 17:54
Сега кажувам #9

Milena Viitman

#СегаКажувам дека кога бев мала многу сакав да одам на курсеви по кајак. Имав 12 години првиот пат кога отидов. Тренерот Раде ги пушти сите деца да трчаат за загревање, а јас останав во клубот. Мислев бидејќи сум нова, ќе ми даде некоја друга вежба. Но, Раде, со смрдлив облак ракија под носот, ми се доближи и ме качи на едно високо шанкерско столче, ме фати за колената и ми рече, доaѓајќи поблиску, дека ние ќе трчаме друг пат, сами. Ме допираше по нозете. Бев многу мала да сфатам или да знам што се случува и дали е во ред, само паметам чувство на целосна отупеност. Децата се вратија, а јас си отидов дома и никогаш повторно не се појавив во клубот. Најмногу од сѐ, ми беше срам. Раде неколку пати ме бараше дома на фиксен за да трчаме. Сè додека не дигна слушалка татко ми. И толку.

Го пишувам ова затоа што ‒ ако не се случеше ‒ можеби денес ќе бев многу добра во кајак. Зашто познавам многу девојчиња чии соништа биле срушени поради вакви инциденти, а никој не знаел како, ниту пак сакал да им ги објасни.

Го пишувам ова за го прочитаат родителите чии девојчиња одат во КК Стрмец, Охрид, социјалните служби кои замижуваат со едно око, и за комшиине од Раде шо мислет дек е само пијајнца.

Сузана Јосевска Анастасовска

Наставникот по физичко ги плескаше по задникот сите девојчиња со образложение дека така ги мотивира да трчаат побргу. Секој час плеснуваше различна. Кога еднаш сакав да избегнам да ме плесне мене, го видов како ја спрема раката, па толку се извиткав во кичмата, што кога ме плесна паднав и се струполив наземи. Целото одделение се смееше. Никој не презеде ништо против тој наставник, а ние од страв молчевме. Подоцна стана и директор на училиштето.

Билјана Настовска

Имав 32 години, добив работа во една голема респектибилна фирма, како магистер на Болоњски универзитет. Шефот ме забележа веднаш. Имав супер старт. Сè до моментот кога жустро се спротивставив на еден состанок кога пред сите рече: „Оваa е само да ja однесеш на Сани на викенд”. Секако ова го направи во присуство на останатите директори (мажи). Уште и кога разбра дека се разведувам. Отказот го добив експресно, без образложение. Никогаш не прозборев за сите уцени, пораки, ‘ржења… А чувствував и вина дека можеби и јас сум го предизвикала... Често се прашувам колку жени и девојки го поминале или во моментов го поминуваат тоа.

Мери Цветковска

Моето минато искуство со напад направен од личност која во моментот беше професионално надмоќна е искуството кое ме тресна од земја, па ме порасна. Искуство како книга од еден том, или како филм на Бергман, само со нула уметничка вредност. Само сурова и брутална порака како филмско финале, која те остава занемена, недокажана и полна гнев. Гневна на чинителот, а уште погневна на немите сведоци, грижливите родители на своите деца, кои заборавија дека сите ние сме нечии деца, па не само што имаа 0 сочувство, морал и достоинство да пуштат глас, туку нивното сведоштво стана вистинско соучесништво.

Дали да продолжам да зборувам за оваа личност која целиот свој личен и професионален неуспех и фрустрација ги рефлектираше врз она кое веројатно најмногу мразеше ‒ж ените? Вреди ли? Или да се вратам 10 години назад во една скопска гимназија каде професорот бараше од ученичките да им ги ѕирне „пеперутките“? Зашто он бил од половината нагоре човек, а од половината надоле секс машина. Зашто овој професор, наместо да предава за балерините на Дега, го крадеше часот за да си каже дека е лав во хороскоп, а стрелец во кревет. Најстрашното беше што додека се триеше и ги расфрлаше своите сексуални фантазии врз своите ученички и ученици, тој полека стануваше скопска легенда. Не само што ова не се покрена како проблем, туку овој човек за многу луѓе важеше за фраер, мангуп, необичен, ексцентричен, абе луд и откачен. Стока. Проблемот е што тука ваквите луѓе имаат поддршка. Поддршка од публиката гладна за крв и сеир, која и тоа како е одговорна за секое премолчено сведоштво.

Затоа #Сегакажувам дека оној момент кога ќе проговорите си помагате себеси, но им помагате и на другите околу вас. Кажете ја својата приказна и излезете како победници од истата. Никако поинаку.

Денис Јанкуловски

Еднаш кажав, морам пак.
Кои мало‒ситно‒душници сме ти ние.
Некои собрале храброст да кажат нешто што им тежело со години, немале каде порано, немале ни на кого. Голем проблем им било, а години и години само стоело и само ин натежнувало. И сега излезе шанса, се укажа прилика барем да го кажат ако не успеале за себе да сменат а се во интерес да ги охрабрат оние кои од пусти страв сеуште не се осудуваат да зборуваат гласно. Страв од тоа како ќе ги прифатат своите, како ќе реагира средината, страв од тоа што уште не веруваат во институциите на системот.
Оние што молчат, се надевам, ќе се одважат и ќе се огласат. А овие што зборуваат, секоја чест.

Е сега, што гледам на терен (facebook). Околу оние што читаат. Некои од нив ги поздравуваат и поддржуваат. Некои воопшто не реагираат, не поддржуваат, тоа е нивно право и тука нема осуда. Проблем се оние другите. Оние кои не само што не поддржуваат туку гласно завиваат и урликаат. Ги омаловажуваат овие што зборуваат, си играат мајтап со нив, ги потценуваат и понижуваат и нив и нивните случки на крајно вулгарен и безобразен начин ‒ е тоа воопшто не ми е јасно. И со тој начин да си им интересен на многумина па уште понејасно ми е. Не ги поддржувате – ок, немојте. Ама не ги ни сатанизирајте. Што да помислат оние кои допрва треба да се охрабрат? Да видат дека општеството, или поточно околината, повторно ќе ги замолчи?

Молчете бре.

Човек на човека е волк.

Ангела Саплиева

Одјебете со коментариве што го релативизираат сексуалното насилство и по секоја цена наоѓаат оправдување да ја префрлат вината кај жртвата. Жената била таа што провоцира, флертува и сама си го бара?! Па и така нека било, што мајка барала сега да кажува после толку време?!

Муабетите од типот „сум ја фатил за колено во гимназија, сеа чекам да ме обвини за насилство“ се во најмала рака опасни и прават ненормално голема контра услуга. Преку тие наизглед наивни шали, жените кои конечно се охрабриле да зборуваат за тоа се изложуваат на потсмев (као они преувеличуваат), зашто насилството врз нив за кое се осмелиле да проговорат не било „доволно насилство“ (?!) според некој што си земал право да мери немерливи категории. Тоа може да резултира со обесхрабрување на други жртви и да се отиде многу чекори назад. Сега кога конечно се солидаризиравме ‒ да обрнеме внимание на едно олку озбилно прашање.

Конечно, не ли сфативте до сега дека сексуалното вознемирување не мора да има врска со самиот чин на секс? Има врска со злоупотребата на моќ и позиција.
Никој не смее да си земе за право да го преиспитува твојот #MeToo!

Слики: Christer Karlstad

Слични содржини

Општество / Активизам / Живот
Општество / Активизам
Општество / Активизам
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото