Генијот Микеланџело во Њујорк

01.02.2018 11:13
Генијот Микеланџело во Њујорк

„Микеланџело, божествен цртач и конструктор“ е насловот на изложбата во Метрополитен музејот во Њујорк што критичарите ја нарекоа „монумент на монументот“. Поставката е составена од 200 дела, чие јадро го чинат 133 цртежи на славниот уметник, а тоа се повеќе негови дела од кога било собрани на едно место. Од нив, голем број биле позајмени од 50 врвни колекционери. Оваа изложба е вистински кустоски пресврт, уште поважно, ова е потфат направен со многу знаење, историска тура низ историјата на уметноста во нејзините најкревки облици – хартија, креда и мастило.

Ова пред сè е изложба која бара од вас да сте сосема присутни, овде нема место за чкрапањето со смартфонот. Славата на Микеланџело Буонароти можеби трае долго, но овој споменик на Метрополитен за него нема да трае толку долго. Изложбата беше отворена во ноември и може да трае само три месеци без можност да биде продолжена, бидејќи тоа е максимум количество светлина, макар и пригушена, што можат да ja поднесат скиците без да се оштетат. Кога ќе се затвори изложбата, речиси не постои веројатност дека кој било што сега го чита овој текст ќе доживее нешто слично.

Да ѝ да се даде контекст на нечија уметност значи да се истражи од каде потекнува таа. Иако Микеланџело би бил последниот кој би ни го признал тоа – сакал себеси да се претставува како партеногенетско чудо – тој во некој период изучувал уметност. Роден во 1475 година во семејство од понизок ранг на благородништво во Фиренца, уште како 13-годишно момче стигнал до работилницата на Доменико Гирландај на кој му бил помошник.

Според податоците што произлегуваат од сликите непосредно пред изложувањето, уште на 16 години тој ги скицирал фреските и фигурите на Џото и Мазачо во локалните цркви. Прашањето што било прво нè води до скулптурата насловена „Младиот стрелец“. Оваа фигура на гола младост, со години едвај ја забележувале и собирала прашина во француската амбасада што се наоѓа спроти музејот Метрополитен, сè додека некој историчар на уметност во 1996 година не утврдил дека станува збор за дело на Микеланџело. Долго се расправало, но неоспорно е дека фигурата ја извајал токму Микеланџело.

А оваа изложба на дела на кои како датуми на нивното настанување се нотираат 1496 и 1497 година, сега ѝ дава смисла на претпоставката дека Микеланџело ја извајал скулптурата кога имал 21 година, што го прави гениј, како што тврдел дека е. Со оваа скулптура открил што ќе биде негова омилена тема, онаа со која ќе се прослави: херојското машко тело.

Околу една деценија по „Младиот стрелец“ доаѓа колосалниот „Давид“ и Микеланџело станува ѕвезда, штитеник на владетелите Медичи и конечно на пат да стане нов вид славна личност каква што сакал да биде: аристократ на креативноста кој прави чуда.

Изложбата во Метрополитен музејот на ингениозен начин ги реконструира проектите на Микеланџело така што нацртите поврзани ги реди еден до друг и ве тера да ги поврзувате точките. Ова, се разбира, е единствениот начин да се претстави архитектонската уметност или одамна умрени работи.

Од уметник во работилница, Микеланџело стигна до статус на божество. Во неговите последни години на неверојатна слава, луѓето за него зборувале како за Бог. Сводовите на Сикстинската капела се desegno in excelsis; приказната за постанокот раскажана со натчовечка вештина.

Визуелно, Микеланџело знае да биде агресивен уметник. Но, не е таков, напротив, во извитканото мешање на црвената и црната креда кога станува збор за делото „Мртвиот Исус во мајчината прегратка“, кое датира од крајот на триесеттите години на 16-от век, или во делото „Пиета“ изработено во црна креда од 1546 година.

Меѓутоа, и во другите суштински аспекти тој не се менувал. На залезот на кариерата и понатаму многу работел, помирувал папи и пишувал поезија.

Неговата рака и ум никогаш не биле мирни. Речиси секој цртеж на изложбата во Метрополитен е скица за некое следно дело. Уметникот прави скица, го ротира за да направи втора, ја превртува и додава уште една. Сликите може претставуваат бодибилдери, светци, архитектонски зданија, порнографски цртеж, човек кој вреска, стих од Петрарка, сакана личност. Споменикот на генијот е направен од сето ова.

Изложбата на дела од Микеланџело во Метрополитен музејот во Њујорк ќе биде отворена до 12 февруари, 2018 година, а досега ја виделе повеќе од 500 илјади посетители.

Извор: The New York Times

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото