Без иднина, што ќе ти е историјата?

01.02.2018 13:06
Без иднина, што ќе ти е историјата?

Како што е познато, си „легнавме на брашно“ по прашањето на важната „историска компонента“ во проектот „Скопје 2014“ – спомениците. Ниту видовме, ниту ќе видиме дислокација или комплетно отстранување барем на некои од мермерните и бронзените кипови на мегаломанскиот проект на Груевски кои со таква густина држат „историски час“ низ центарот на Скопје, што туристичките водичи кои на турски или на англиски јазик ги раскажуваат патриотските приказни за нив, наративот не успеваат да го разделат со точки, туку едвам ставаат по некоја точка-запирка, колку да го одделат 13-от од 19-от век, со македонските војсководци од пред Христа. А и самиот Исус им е во фуснота, оти не можат да се добројат битките и победите во градивото што мора да се помине пешки, од грчката антика, преку Стариот Рим и Византија, до подемот и распадот на Отоманската империја и херојската стогодишна борба на Македонецот до своето конечно ослободување, од Зевс и Прометеј, до Груевски!

Па, дури ни оној Ќосено, за кого сите се согласни дека е врвот на политичкиот, историскиот, културниот, локацискиот и туристичкиот невкус, уште злокобно се перчи пред судскине згради, за да нѐ потсети дека „долгата рака“ на ВМРО правдата ја спроведувала со касапски нож во сигурните раце на класични социопати. Него можеа и вчера да го тргнат и никој немаше ни да праша каде ќе го однесат.

Што е право, полека почнуваме и да си се навикнуваме на нив, не ги ни забележуваме, фаќаме по некоја долга сенка летоска, а за половината секогаш одново се прашуваме „Кој беше, па, овој, сега?!“…

И таа приказна со спомениците влегува во нашето рутинирано политичко секојдневие во кое не треба да се бранува ништо, за да не се поремети „големата приказна“ за нашите евро-атлантски интеграции. Еве, само што не сме го решиле проблемот со името, а после и онака следува светлата иднина во која допрва ќе дигаме споменици за современите успеси на новата, северна, горна Република Македонија (Скопје). Ќе има во неа многу нови реформатори за во бронза, уште десетина и за од мермер, а некои би можело да се изделкаат и во дрво што ќе го премачкаме со бродски лак, за да траат барем до следната промена на власта.

А јас и понатаму мислам дека, не само што не е особено компликуван зафат, туку дека би било прекрасно восочните фигури од оној Музеј на ВМРО, што е веднаш до кинескиот ресторан од Македонски народен театар, да се претопат во свеќи што би биле донирани на МПЦ за прослава на следното Богојавление, а на местото на таа прилично фалсификувана историска нарација да се востанови Музеј на науката и технологијата на 21-от век! Во него да носиме деца од цела Македонија – кои ќе ги предводат нивните учители, а не како сега, на чело со селските попови – на кои, со возење на електрични автомобили без возачи низ холограмски прикази на тач-скринови и со помош на мобилни апликации ќе им раскажуваме за бескрајниот напредок на науката и за возбудливите визии за иднината, а не за тажните стории од минатото; за тоа дека границите за нивниот успех се високи и зависат од самите нив, а не да им бидат диктирани од некакви политички авантуристи, идеалисти, херои и предавници од пред сто и двесте години. Сигурен сум дека во таа иднина ќе нема пилоти во авионите, за што ние сме веќе политичка авангарда.

Оти, народ што нема иднина, нема потреба да си ја знае ни историјата, па макар таа била и најславна на светот.

Извор: civilmedia.mk
Слика: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото