Двата Берлини на Европа: за политичката економија на фашизмот и за нејзините европски последици (5)

02.02.2018 13:42
Двата Берлини на Европа: за политичката економија на фашизмот и за нејзините европски последици (5)

4. Неолиберализмот

 

 

„But thanks to Reaganomics, prisons turned to profts
Cause free labor is the cornerstone of US economics“
KIller Mike,
Reagan1

 

 

Иако овие процеси се спроведувале за да ги заменат пазарните принципи кои претходно ја уништиле економијата, тие во догледно време се покажале како мошне компатибилни со нив. Врз основа на Кинл можеме да кажеме дека, откако завршила војната, овие процеси и стратегии можеле да се прилагодат на друга форма на државно владеење која била во создавање: далеку од тоа дека се претставуваат како антагонисти на неолиберализмот, тие се претставувале како клучни инструменти во повторната изградба токму на самата пазарна економија.

Секако, оваа промена помалку се однесува на годините после војната, а повеќе на оние што довеле до или го следеле падот на Берлинскиот ѕид и социјалистичкиот блок потоа: она што се појавило пред неолиберализмот да почне да се развива во полна смисла на зборот во текот на осумдесеттите, било само белег на она што ќе дојде. По распадот на државата на благосостојба и „социјалистичката закана“ која повеќе не се сметала за закана, гореспоменатите процеси можеле да достигнат целосен замав, со одредени подеми и падови. Нивниот нерамномерен развој е причина зошто авторите како Кинл многу ја намалуваат улогата на неолиберализмот – исклучувајќи го од своите анализи како облик на владеење (forms of government), деградирајќи го само на неуспешен обид за комбинирање на државата на благосостојба со пазарните принципи. Од друга страна, кај другите автори, како Фуко – чија анализа на неолиберализмот во Раѓањето на биополитиката го претставува токму како нов облик на управување (governmentality) – впечатливо им недостасува какво било споменување на приватизацијата или штедењето. Причината е што, без оглед дали го означуваат неолиберализмот како облик на владеење или не, двата мислители на располагање имале само обични белези од она што ќе дојде подоцна. Бидејќи пишувале во време пред Тачер и Реган да ги развијат и имплементираат сопствените политики во комплетна форма, или дури пред таквите политики да имаат име со Вашингтонскиот консензус (или „заповедите на неолиберализмот“ (Вилијамсон) – приватизација, дерегулација, фискална консолидација, либерализација на трговијата, итн.) – тие имале шанса само делумно да го насетат системот кој ќе се развие неколку децении подоцна, во обликот што ни е познат денес. За да расчистиме каква било недоумица која останала заради развојот на таквиот систем и да го објаснуме неговиот однос спрема сопствениот фашистички претходник, прво ќе понудиме краток историски приказ за значењето на германскиот случај за повоениот развој на Европската Унија, а ќе завршиме со описот на она што неолиберализмот го научил и преземал од фашизмот во текот на сопствениот развој.

4.1 Историски фрагмент: за Европската Унија

Најпрвин, краткиот ретроспективен поглед на неолибералната историја на развојот на ЕУ открива нешто интересно: се покажува дека политичката и економската специфичност на германскиот случај била од најголемо значење уште од почетокот. Пред сè, како во рок од неколку години една земја можела да се издигне толку за да стане една од најголемите економии во светот, а камоли во Европа? Сепак, станува збор за земја чија индустрија е разрушена, автономната власт е паузирана, а валутата, Reichsmark, толку девалвирана што за помали трампи морало да се користат американски цигари, а за поголеми трансакции шишиња коњак, додека храната се рационализирала од страна на американските власти2. Таквата информација повеќе е благодарение на некаков Wirtschaftswunder, а повеќе на фактот дека, како што забележува Варуфакис, токму оние пазари кои биле најунитшени за време на војната, биле воедно најповолни за реструктурирање3: токму државите со најразрушени економии биле оние што се вратиле на сцената како извозно ориентирани економии кои ќе ги стабилизираат своите региони – имено, јенот и марката, Јапонија и Германија, Токио и Берлин. Фактот дека Маршаловиот план за ревитализација на германската економија е избран наместо планот на Моргентау за нејзина деиндустријализација зборува многу за таквиот чекор: нејзините долгови се избришани и странските инвестиции помогнале земјата да се реструктуира во единствена извозно ориентирана економија во срцето на Европа. Исто така, таквата економија по обединувањето, стекнала единствена позиција во Европската Унија која била во создавање. За да се случи тоа, специфичната положба на Германија во создавањето на новиот европски економски простор морала да го следи надгледувањето на нејзината политичка клима: нејзиниот политички развој морал да се набљудува, и денес треба да се толкува токму во согласност со тоа. Забраната на марксистичките дискусии и комунистичките економски програми и укинувањето и конфискацијата на имотот на комунистичките журнали4 во повоена западна Германија како и соочувањето со економијата на националсоцијализмот одело рака под рака со обидот повторно да се воведе мислењето и пропагирањето на пазарната економија – политички ризичен потфат во светот кој вината за сите свои неуспеси ја гледал во кризата што следела токму заради дејствувањето на laissez-faire капитализмот. Ова го одредило начинот на кој либерализмот „ќе се врати“ во Германија, па со самото тоа и во Европа – барем иницијално, барем според името. Да се сетиме барем накратко на Лудвиг Ерхард и познатата програма Sozial Marktwirtschaf – општествена пазарна економија, замислена како „трет пат“ помеѓу социјализмот и капитализмот; да се сетиме на неговата поврзаност со Фрајбуршката и Келнската школа и самиот ордолиберализам. Исто така, можеме да ги наведеме и другите вообичаени „виновници“ за повоеното враќање на либерализмот, кој се појавил под истите околности: познатото друштво Мон Пелерин кое го водел Хаек, а кое Мировски го нарекувал „мисловен колектив“ на неолиберализмот („neoliberal thought collective“), друштво кое требало да влијае токму на самиот начин на кој можел да се проучува пазарот, да се подучува и да размислува ширум светските универзитети и институции5. Без оглед на тоа на кој од нив и до која мера му даваме предност во поглед на главниот протагонист на неолиберализмот, не смееме да заборавиме дека членови на овие исти тела исто така биле законодавците и креаторите на политики во Европската Унија: нејзините закони за конкуренцијата, нејзиниот устав и, во случајот на Ерхарт, водечките партии на нејзините национални влади. Нивното „германско“ искуство било од клучна важност за развојот на повоениот неолиберализам не само во Германија, туку и во Европа воопшто.

4.2 Неолибералното наследство

Смислата на овој прекраток историски преглед не е да нè увери дека постои линеарен пат кој води од повоена Германија до современа Европа: специфичниот случај на Германија бил влијателен во развојот на неолиберализмот во Европа, но секако не бил единствениот значаен фактор. Би било погрешно да се означи неолиберализмот како едноставен додаток на либерализмот пред војната: постои многу подлабока, поквалитативна промена во неолиберализмот која не може да се сведе на сопственото либерално минато. Смислата на историскиот преглед била да ја нагласи можноста за разгледување на институционалната форма на континуитетот, но најпосле, она што треба да се предложи е содржинска врска во поглед на социо-економското искуство на националсоцијализмот и подемот на неолиберализмот денес.

Најпрвин, доколку се вратиме на анализата на Кинл, можеме да согледаме дека користел два критериуми за да ги разликува тенденциите кои се појавувале од внатрешните тензии на граѓанското општество: политичката демократија и приватната сопственост. Начините на кои различните облици на владеење се однесуваат кон нив одредуваат какви типови системи ќе се појават: социјализам, социјална држава или фашизам. Меѓутоа, би било погрешно неолиберализмот да се нарече „четврта тенденција“ на граѓанското општество: тој не може да биде таков зашто не произлегува од неговите противречности како такви. Напротив, неолиберализмот има посебен однос спрема граѓанското општество: едноставно, тој не произлегува од граѓанското општество, туку, впрочем, активно го гради. Како што вели Елен Меиксинс Вуд, неолиберализмот не се развил со помош на глобализацијата, туку со помош на „универзализацијата“ на пазарите6: денес тој се вовлекува во институциите кои го држат токму тоа општество – јавниот сектор, образованието, здравствената нега, урбаното планирање итн. Бидејќи сега конкуренцијата е присутна во секоја институција на граѓанското општество, неолиберализмот најпосле можел, да го парафразирам Полањи, конечно да го „искорени“ (disembedd) економскиот домен од неговата вкоренетост во општеството и политичката сфера. Непосредната политичка активност, иако формално присутна, не може демократски да ги прекине овие процеси на ниво на националните влади, ниту во случајот на ЕУ, на ниво над националното. Спротивно на либерализмот, во граѓанските општества на неолиберализмот, демократијата веќе не создава никакви тензии, зашто фактички е импотентна. Кога станува збор за првото, таа може да се суспендира post ante; за неолиберализмот сепак таа однапред е сосема исклучена од економските прашања. Според тоа, неолиберализмот е реализација – и парализација – на граѓанските општества, на крајот сосема раздвојувајќи ги економијата и политиката; а, тоа не го прави преку распуштање на институциите на либералната демократија, туку со тоа што ги остава недопрени – на тој начин заобиколувајќи го демократскиот отпор и лишувајќи го од каква било содржина.

Секако, треба да се нагласи дека оваа промена не смее да се толкува само како линеарен след од либерализам кон неолиберализам, туку како квалитативна промена која влијае на тоа како воопшто функционираат граѓанските општества. Накратко: бидејќи веќе не влијаат на улогата на парламентарните демократии во граѓанските општества, истите процеси кои некогаш биле потребни за да се излезе од застојот на пазарната економија од челуста на политичката економија на фашизмот, сега можат да се реактивираат во пазарната економија. Тие не го прават тоа преку трансформација на целиот систем, туку со проширување на самото значење на економската принуда: и покрај тоа што го тврдат либералите за „пазарните поттици“, драстичното намалување на работничките права и субвенционирањето на богатите (со вера во магијата на „trickledown“ ефектот) веќе не е карактеристично за ширењето на пазарите од намалувањето на граѓанските права и државјанството, воведувањето на малцинствата и осиромашените во обврската за поделбата на трудот, повторното појавување на работничките кампови за сиромашните, управувањето со економските прашања засновани на принудата и структурниот расизам; ограничувањето на движењето (засновано на разликата помеѓу „вистинскиот“ бегалец и „економскиот мигрант“, „барател на азил“, итн.7) и деградацијата на основните човекови права (како што е правото на вода) – сето тоа е дел од нормалното функционирање на пазарната економија. Ова може да се сумира во една реченица која ја напишал Тамаш во својот познат текст за пост-фашизмот: „Без фирерот, без владеењето на само една партија, без СА или СС, постфашизмот ја поништува тенденцијата на Просветителството да го асимилира граѓанството на самата човечка состојба.“8

Меѓутоа, ова е само последица на многу подлабока промена, онаа која го овозможила преминот од либерализмот на политичката економија на фашизмот и онаа кон неолибералната трансформација на граѓанското општество. Процесот за драстично поништување на човечките и работничките права не е повеќе случаен од процесот на приватизација и штедење – трите начела на политичката економија на фашизмот. Тие никако не се само слични со неолиберализмот: напротив, тие се структурно неопходни заради расколот во самото граѓанско општество – толку споменуваното раздвојување на политичкото и економското до ден денешен е реализирано само во два системи: фашизмот и неолиберализмот. Процесите што ги користеле – приватизација, штедење, повлекување на работничките и човековите права и негирање на парламентарната демократија – не се случајно слични, туку последично произлегуваат од начинот на кој биле структурирани нивните економии и општества. И, не случајно, двата системи истовремено се и национални – потпирајќи се на принудните апарати на националните држави – и меѓународни – потпирајќи се на ширењето мрежи со слично структурирани економии чии национални власти тогаш се ставаат во состојба не меѓузависност делумно без оглед на политичките разлики. И спротивно на некои заблуди (да речеме, Третата интернационала исто колку и современата европска левица) – ова се системи кои можеле и можат да се одржат на долги патеки: иако, двете барале „вонредна состојба“, тие самите не биле со минлив карактер. Затоа, како што вели Мировски, ако се запрашаме што се случило со неолиберализмот после кризата – одговорот е „Ништо!“. Останал неоштетен. Затоа, неолиберализмот не е повеќе „вонреден“ од фашизмот – напротив, и едниот и другиот се развиле во системи кои и тоа како можеле да траат подолг временски период.

Секако, разликите се бројни – додека првиот систем го укинал пазарот, вториот го реструктуирал целото општество околу него; првиот се потпирал на водечките партии, вториот не, првиот ги поттикнувал индустриските вложувања, вториот се потпирал на анти-кејнзијанизмот итн. Наспроти сопственото спротивставување, треба да се истакне дека главните разлики на овие системи пред сè се наоѓаат во методот, а не во структурата. Дури иако неолиберализмот не постои преку мобилизацијата на масите одозгора, како фашизмот, тој опстојува токму преку нивната демобилизација одоздола: со приватизацијата и мерките за штедење и фрагментацијата на договорните односи помеѓу капиталот и трудот преку прекарната работа, неолибералната варијанта на флексибилни работни часови се сведува на режимот на флексибилна акумулација која често оди под рака со забрана на колективните договори за работа како својот националсоцијалистички претходник. И покрај тоа, со спроведување на тие процеси – кои денес важат за амблеми на неолиберализмот – самиот неолиберализам се покажа како исклучителен наследник во поглед на регулацијата на капиталистичката акумулација со други средства; а, тие средства, спротивно на сопствениот опис, го направиле она за што и биле наменети: на сопственичките класи да им обезбедат моќ и да воведат мерки за штедење за оние кои не се дел од нив.

__________________________________________________

[1] https://www.youtube.com/watch?v=6lIqNjC1RKU

[2] Види: Glossner, Christian (2008), The Making of the German Post-War Economy, London: Tauris Academic Studies.

[3] Varoufakis, Yanis, The Global Minotaur, London: Zed Books, ceo odeljak “The Global Plan”, 57–90. Ова прашање се ревитализираше дури неодамна во контекст на кампањата на еден дел на Сириза по повод политиката на ЕУ за отпишување на грчките долгови, кога се споменуваа токму овие олеснувања кои европските земји (вклучувајќи ја и Грција) ѝ ги пружиле на Германија после војната.

[4] Споменатиот Glossner, стр. 8–29.

[5] Mirowski, Philip (2009), The Road from Mont Pèlerin: The Making of the Neoliberal Thought Collective, London: Harvard University Press.

[6] Wood, Meiksins Ellen (1997), “Modernity, postmodernity or capitalism?”, in Review of International Political Economy, 4 (3), 539–560.

[7] И, навистина, овие категории и сите апарати користени за нивно спроведување ја повторуваат логиката на либералниот дух – претпоставувајќи дека пазарот е неполитички и ненасилен, и дека „економските мигранти“ не се „вистински“ бегалци зашто можат да ја задржат волјата за избор на „слободниот“ пазар кој веројатно функционира дома. Види: Apostolova, Raia. 2015. “Economic vs.
political: Violent abstractions in Europe’s refugee crisis.” FocaalBlog, 10 December. www.focaalblog.com/2015/12/10/raia-apostolova-economic-vs-political-viol...

[8] G.M. Tamás, On Post-Fascism: The Degradation of Universal Citizenship
http://bostonreview.net/world/g-m-tam%C3%A1s-post-fascism

(крај)


Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел

 

 

Слики: Готфрид Хелвајн
Превод: Алек Кузмановски