Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (10) - Бенда, Чоловиќ, Бурдие, Рансиер, Барт, Боетие

02.02.2018 14:31
 Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (10) - Бенда, Чоловиќ, Бурдие, Рансиер, Барт, Боетие

ЖИЛИЕН БЕНДА

Жилиен Бенда (познат по своите полемики против „предавството на интелектуалците“), своите согледби од раните триесетти години ги прошири со повикот Европјаните да почнат да ја развиваат одбојноста кон страста спрема себеси. Без новиот рационален човек нема да има интегрирана Европа, сметаше Бенда. Наместо еднозначниот идентитет на нацијата, културата или верата на народите кои ја сочинуваат Европа сè попотребен ќе им биде „рефлексивниот идентитет“, втемелен во рационалноста. За жал, кај нас етничкото потекло и надуеното „прашање на идентитетот“ сè уште се почетокот и крајот не само на политичкото туку и на културното и на верското дејствување. Всушност, ако се занемарат пропагандните шашми, испаѓа дека етничкиот идентитет е единствената реална политичка програма не само на сегашните партии на власт, туку и на значаен дел од македонскиот естаблишмент. А како што рече филозофот Милан Кангрга, националноста или националната и верската припадност не можат да биде политичка програма или политичка основа на општествениот живот, освен во нацизмот и фашизмот, каде што е на дело ѕвералник, а не политика!

Високи начела и ниски побуди

ЖАК РАНСИЕР

„Политиката исчезнува во оној момент кога ќе се поистовети со власта и кога граба за што повеќе да поседува“, вели Жак Рансиер. Таквото разбирање на политиката како предаторство упорно оневозможува Република Македонија да стане држава во модерна демократска смисла, т.е. систем на законодавство, политичко одлучување, судство и управување заснован врз еднаквоста пред законот и неутрален спрема посебните општествени и економски интереси. Во нашиот систем држењето на политичката власт е воспоставено како посебен интерес спротиставен на целото општество, а посебните интереси и политичката моќ неразделно се испреплетени. Сето тоа е прикриено со помош на „протоплазмата“ на митскиот национално-државен тоталитет.

Во добата на профлувиумот

ИВАН ЧОЛОВИЌ, ПЈЕР БУРДИЕ

Теоретичарот на културата Иван Чоловиќ има интересна теорија, многу применлива и во македонскиот случај. Чоловиќ вели дека Слободан Милошевиќ ги создаде таканаречените имагинарни Срби. Вистина, ги создаде од елементи кои други (националистичката интелигенција, пред сè) во тие години веќе ги беа собрале, но кои го чекаа Милошевиќ да ги склопи елементите. Да ги плукне-залепи и да ги изведе на улица. Тие се „случија“ благодарение на Милошевиќ. Но, покрај тоа, вели Чоловиќ, Милошевиќ и самиот себе се вообличи како отелотворение, модел за имагинарниот Србин. „Народот“ се беше случил преку него и во него.

На сличен начин и груевизмот ги создаде имагинарните Македонци, љубителите на панаѓурски барок ем антика. Ги создаде од фрлените делови, од некогашното „Македонче“, од фрустрациите, бедата и комплексот на пониска вредност. Социологот Пјер Бурдие со својата „алхемија на претставувањето“ на интересен начин го објаснува овој феномен на создавање имагинарни припадници.

„Мистеријата на перформативната магија така се огледува во мистеријата на министрантот, то ест во алхемијата на претставувањето (во разните значења на тој термин) со помош на која претставникот ја сочинува групата којашто го направила претставник... Тој персонифицира фиктивна личност, којашто ја создава оттргнувајќи ги поединците од ситуации во кои тие се само проста група и им овозможува да се однесуваат и зборуваат ’како еден човек’. За возврат, тој добива право да зборува и дејствува во името на групата, како самиот тој да е групата што ја отелотворува, па тој се идентификува со својата функција на која ѝ е посветен ’со телото и со душата’, давајќи му така биолошко тело на создаденото општествено тело. Status est magistratus, државата тоа сум јас.“

Имагинарниот Македонец

СЛАВОЈ ЖИЖЕК

Груевизмот е своевидна идеологија на дувлото. Оти, како што вели Славој Жижек, демократијата претпоставува одреден степен на отуѓеност. Кај сатрапиите, пак, не постои дистанца меѓу водачот и народот. Оваа дистанца е укината бидејќи се претпоставува дека водачот директно ја претставува народната волја, а резултатот се состои во тоа што луѓето многу порадикално се отуѓени во својот водач. Тој директно е тоа што „тие навистина се“, тој е нивниот вистински идентитет, тој ги олицетворува нивните вистински желби и интереси, како спротивни на нивните збркани „емпириски“ желби и интереси. Спротивно на авторитарната власт отуѓена од своите поданици, народот овде е отуѓен од самиот себе. Тоа ѝ се случи на Македонија под груевизмот (на Бугарија под живковизмот, или на Унгарија под орбанизмот) ‒ народот да се отуѓи од самиот себе, од сопствените интереси.

Тодор Живков е претходник на Никола Груевски

ЕТЈЕН ДЕ ЛА БОЕТИЕ

Уште во 16-иот век Етјен де ла Боетие предупредувал: кога моќните се ненаситни, покорноста е фатална ‒ колку повеќе се покоруваме на „законот и редот“ на оние што се на власт, тие толку повеќе ќе бараат. Боетие напишал дека „колку повеќе тираните грабаат, толку повеќе сакаат; колку повеќе рушат и уништуваат, толку повеќе човек им се покорува и ги слуша, а на тој начин тие стануваат помоќни и пострашни, поспремни да пљачкаат и уништуваат; но ако во ништо не им се попушти, ако без насилство едноставно не се послушаат, тие остануваат соголени и без сила“.

Колку повеќе грабаат, толку повеќе сакаат

РОЛАН БАРТ

Тој феномен за кој подлецот мисли дека е добитна комбинација во сите времиња и сите простори („Те поздравувам, Чаршијо, на сите четири страни“ ‒ се изговара секој ден, како утринска молитва) Ролан Барт го нарекува нит‒нитизам (neither‒norism). Станува збор за вазалска и анестетичка стратегија на преживување во лоши времиња (а овде сите времиња се лоши, што значи дека нит‒нитизмот е вечен и универзален). Божем во моментов ги отфрлаш и ВМРО и СДСМ како две страни на една иста сосема девалвирана монета; но монетата всушност ја буткаш в џеб. Тајно им намигаш и на едните и на другите. По хаустори, крчми и темници лижеш шеќер од дланките на двете (понекогаш лижеш и нож, пот, страв, но битно е да си со двете, со „народот“, во средината). Јавно си нит‒нитист, ги отфрлаш „екстремностите“ и заземаш позиција на објективен и неутрален судија, оној што ја застапува самата правда. Но, како што забележува Барт, дури и ако светот на овој начин навистина може се сведе на судир на спротивности, не постои неутрално место од коешто може да се суди за тој судир: „нема спас ни за судиите, и тие самите и тоа како се определени“. Во потрагата по оваа невозможна неутрална позиција, демагозите‒тезгароши се обидуваат да се сместат те во „научната објективност“, те во аисторичноста на личното искуство, те во „неутралноста и естетичноста на културата“. Истото школски го прави Дарко Митревски, самиот совршено артикулирајќи ја сопствената морална ништожност: „Менталитетот на мојот народ е моја лична болка. Болка за која немам лек, а по вокација не сум повикан да имам решение“.

Мрестење на краповите (Демагогот‒тезгарош)

Слики: Marcel Dzama

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото