Неолиберализмот и десницата во Австрија

03.02.2018 12:25
Неолиберализмот и десницата во Австрија

Набрзо откако новата австриска влада е формирана како коалиција на конзервативците и екстремната десница, во декември 2017 во францускиот весник Монд објавен е пвоик на бојкот на австриските министри од екстремната десница - додека претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер најтопло го прими новиот австриски канцелар Себастијан Курц. Овој потег беше радикално поинаков од одбивачката реакција на Европската Унија на првата австриска влада на екстремната десница во 2000. Би било премногу просто да се каже дека Европа во меѓувреме се поместила надесно. Попрво може да се каже дека сеприсутната неолиберална идеологија - поточно, пазарниот фундаментализам - го проголта целиот простор, од социјалдемократската левица до демохристијанската десница.

Програмата на новата австриска влада добро ја илустрира таа еволуција, додека австриските социјалдеморати во опозиција би можеле да ја потпишат речиси цела - некои од нив ја разгледуваа можноста за коалиција со екстремната десница. Доктрината на пазарниот фундаментализам го отфрла секое вмешување на политиката во пазарните сили, кои наводно треба да се ослободат од човечко мешање, во согласност со претпоставените природни закони на пазарот кои економистите ни ги опишуваат во математички формули. Така е укината клучната обврска на секоја влада - примена на економска политика во склад со одредени идеолошки уверувања. Владите сега се збир од менаџери кои го контролираат слободниот и неограничен развој на пазарите и ги анализираат нивните промени и потези, како чувари на зоолошка градина кои нѐ забавуваат со коментари за однесувањето на животните. Од владата сега се очекува само поддршка на постоечката состојба, а не владеење и затоа е сѐ помалку важно дали политичката партија на власт се вика социјалистичка, либерална, конзервативна или екстремно десна.

Неолибералната економска политика нужно води кон прераспределба на богатството од сиромашните кон богатите и отуѓување како резултат на непречените (наводно непроменливи) правила на пазарот и финансискиот и монетарен систем. За да го одржи таквиот систем на економска и политичка нееднаквост, власта ги подбуцнува сиромашните едни против други, за да бидат зафатени со меѓусебни судири на интернет или на улиците - на пример, сиромашните граѓани против сиромашните странци и бегалците. Во исто време, власта ги укинува последните остатоци на општествена солидарност и финансиска прераспределба со понатамошна дерегулација на пазарите и намалување на даноците. Токму тоа е содржината на програмата на австриската влада (на пример, страниците 23-24, 29-35, 41-42, 47-48, 76-77, 118, 127-146). Дерегулацијата на пазарите (помало мешање на државата) оди заедно со спроведување на „ред и закон“, национализам и потврдување на сопствениот идентитет во однос на странците (поголемо мешање на државата).

Ако неолибералниот поредок сака да опстане, тој во крајна линија мора да тежнее кон авторитарна власт со примеси на модерен фашизам. Критичарите се замолчуваат така што се прогласени за неважни или пристрасни - или се отстрануваат по насилен пат како во Јужна Америка од 70-тите години на минатиот век. Ништо не смее да се најде на патот на фундаменталистичката пазарна идеологија. Во либералната демократија тоа не може да се постигне на подолги патеки. Луѓето треба непрестајно да се замајуваат со наративи за стравот и борбата, „нив-нас“, „наши-странци“, „пријатели-непријатели“, „црно-бело“, како и да оди тоа во класичната националистичка, расистичка и ксенофобична реторика. Така вниманието на граѓаните се одвраќа од сѐ поголемата сиромаштија и нееднаквост. Таквата реторика убаво со согласува со пазарниот фундаментализам, зашто што друго значи „здрава конкуренција“ помеѓу сите во секоја област на општеството, ако не беспоштедна борба за опстанок.

Секој станува нечиј непријател: солидарноста и сочувството стануваат чинови против нацијата или „народот“, то ест атомизираните потрошувачи кои уживаат во својата индивидуалност сведена на избор на стока. Иронично, ова апсолутно величање на економските односи пазарниот фундаментализам го дели со марксизмот-ленинизмот на 20-от век. Повикот на бојкот на екстремно десните австриски министри се чини неумесен. Францускиот претседател Емануел Макрон е типичен пример за политичар кој го отвора патот за екстремно десниот неолиберален систем, онака како што Ангела Меркел го прави тоа во Германија. Австрија само предничи за неколку години. Како што веќе забележа австрискиот сатиричар и критичар Карл Краус (1874-1936): Австрија е експеримент за крај на светот.

Извор: Social Europe, 23.01.2018.
Слики: Метју Хјустон

ОкоБоли главаВицФото