Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (6)

03.02.2018 15:07
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (6)

Блаже Миневски, Љубовникот на Ленин („Матица македонска“)

 

Во основа, луѓето не се идеи! Луѓето не се компири, па да никнат од лушпа! Не може некој да си игра со нив така што ќе смисли тркалезен воздух наместо глава! Значи, револуцијата е заебанција, разбираш. Ако го менуваш светот, го менуваш трајно, а не само привремено, додека си жив или, евентуално, додека не те исфрлат од мавзолејот! Како водачот на Големата социјалистичка револуција, да речеме. И потоа пу-пу ништо не важи, како да не било! Времето не може да се врати назад со поплукување, пријателе! А доктор Владимир Каваев, како главен лекар за Петроградската околија, шеф на санитетот во Првиот комесаријат за народно здравје, бездруго лично се познавал со него, уживал неограничена доверба. Заедно со младата полска емигрантка Елена Етингер организираат пунктови со петнаесет илјади легла, и заштита за повеќе илјади деца. Во меѓувреме, додека се бавтаат со оние што гинат за идеали, а јас не сакам да сум таква будала, меѓу нив се раѓа голема љубов, и така натаму, ако има каде. Во секој случај, вдишуваме, издишуваме, вдишуваме, издишуваме! Гласно! И оној пред вратата нека слуша! Слушај, да те ребрам! Вдишуваме, издишуваме! Четири секуди вдишуваме, го задржуваме воздухот осум секунди, тишина, издишуваме; вдишуваме осум секунди, го задржуваме воздухот шеснаесет секунди, тишина, издишуваме! Продолжи! И продолжувам, во негово име: Во записите на дотичната пишува дека Владимир бил конзул за емигрантите од Балканот. Во Петроград формирале Балкански сојуз под негово водство! Слушај, водство! А мечтаел за Македонија. По секоја цена сакал да се врати дома, да му помогне на својот народ како лекар; Елена Ентигер била решена да го следи до крајот на светот. Била помлада од него осум години. Според мене, а јас не сум мачкина кашлица, имам увид во работите, двајцата се враќаат во Македонија затоа што се плашат од ликвидација! Што? Кој ти мој? Зошто? Затоа што Владимир дознава за она меѓу Вова и Гершел! А како дознава? Во строга тајност прави одредена хируршка интервенција во Кремљ. Причината е позната, постои преписка: „Драг Вова! Зарасна ли твоето газенце за време на моето отсуство? Скоро ќе дојдам и ќе го продувам нашето мило, љубезно шупче. Јас добро знам како светнуваат твоите очи кога ќе видиш маж со крупно орудие. Знам дека отсекогаш говореше оти во малечките фигури се крие великолепно орудие. Што се однесува до тоа, и јас не сум за фрлање! Го бакнувам твоето марксистичко газе. Твој Гершел.“ Докторот го видел писмото додека се токмел да го закрпи својот вип-пациент во другата просторија. И се исплашил како никогаш порано; скалпелот му паднал од раката. А што ли не поминал во животот дотогаш, и ништо не му паднало! Добро, ќе скратам! Во документите пишува дека е роден токму кога е создаден првиот кондом од гума! А меѓу кондомот од гума и газето во Кремљ, стои една битолска гимназија, една бугарска егзархија и духовна семинарија, една Света Гора и еден Амајак Оскањан, џуџе од Ереван, монах со брада до колена, еден американски колеџ, една воено-медицинска академија и еден институт за историја на народите на Блискиот Исток. Подоцна, во пасажот на Невскиот проспект спроти споменикот на Кутузов, извесен Козаков му дава скица од гробот на браќата Миладиновци во Тихвинските гробишта, и некаков дневник за кој сите мислат дека изгорел во пожарот што го зафатил квартот каде што била старата куќа на Димитрија Чуповски, куќата во која живеел заедно со семејството на Пејко Најденов Жванковски. Според изјавата на доктор Ѓорѓе Миљковиќ, докторот се занимавал и со археологија, говорел шест јазика и подготвил и англо-арапски, односно персиско-турски речник. Во меѓувреме, во Петроград, во станот на Фофанова, го запознал водачот на револуцијата, нашиот непријател. Што? Кој ти мој! Што е непријател? Непријател е човек што покажува омраза, злоба кон некого или кон нешто, разбираш! Маде од крап, разбираш. Може да се пријавам за квиз, ако сакам! Во тоа време, додека биле во Петроград, власта ги повикува на сите важни состаноци. Патем се зборува дека бил член на револуционерната влада, но тоа не може да се докаже со документ. А дека бил близок човек на водачот, и дека играл клучна улога во здравствената заштита за време на револуцијата, веќе се знае и за тоа има документи.

Велко Неделковски, Се буди ѕверот (Антолог)

 

Возеше внимателно, по крајот на коловозната лента. Го остави градот зад себе и фати правец кон голите ридишта. Колку време соработува со крими – муцките – неполн месец? Им стана неопходен со своите умни совети како да ги камуфлираат возилата за препродажба. Тргува со знаењата стекнати во механичарската работилница на Димкар Пуцвалот, одамна умрел и се смрдел.
Сопре на безбедна оддалеченост од хангарот, под ничие ореово дрво. Тоа му е редовна претпазлива процедура. Пуши една цигара и со будни очи разгледува наоколу. Доколку се случи полицијата да ги зграпчи тројцата престапници, тој би одбегнал како четврта жртва да им падне во рацете... Сѐ беше тивко и чисто. Водејќи го моторчето (штеди бензин) се доближи до ламаринената врата и тропна со договорениот знак. Му отвори Пушкарот, кому во меѓувреме му го дозна и вистинското (или лажно?) име: Лазор. Којзнае дали е чедо на македонското поднебје: има чуден нагласок.

- Доцниш, прчу! – му рече Лазор. - А ние , да простиш, помисливме сешто. Да не ни доведеш несакани сватови во униформа...
-Затни, празна ти е пушката! – му подвикна Трајчило. –Јас веќе се докажав како верен и лојален соработник. Дрпнавте ли нешто синоќа?
- Една „лада – нива“, ганц нова. Бела како млада невеста!
- Прво и ургентно, да се бојадиса во зелено. И час поскоро на див премин со неа. Оти на Блаце или кај Делчево ќе ве уловат како муви.
- Имаш доверливи информации, или гаташ како бајачка со мустаци?
-Пушкар, кому му е до заебанција!
-Многу си серт денес, чиче. Влези, ручаме пржени колбаси.
-Грдолино?
-Не е многу разубавен од последната средба. Надвор е, џогира по околните патеки. Сака гадот да живее деведесет - викна, навнатре: - Мирон, стигна волшебникот Трајчило!
-Прашај го дали ми купи цигари – се одзва Мирон.
-Цела штека, момче – рече Трајчило, го втурна пред себе моторчето, па и тој се мушна во хангарот. Навистина мирисаше на колбаси, ни варени ни пржени во тавче врз плинска боца.

Белото возило беше поставено над бетонскиот канал. Не почнуваат со интервенции без негов стручен благослов.
-Еве ти го нарачаниот тутун, Мирон – ја поткина амбалажата и сам се послужи со една кутија. –Провизија! Ебеш благодарам, пазарно време.
-Нема грешка, наши сме. Грдолино ќе дојде запотен како коњ. Но ти има подготвено божиќен подарок! Ќе викнеш или ќе крикнеш.
- Не кажувај му, ќе го мавне инфаркт - предупреди пушкарот Лазор.
Трајчило помисли: „А ако ми готват ликвидација, како незгоден сведок? Нема отстапница од крваво оро. Ќе ме задават или дум-дум в чело...?“
Мирон му подаваше дебел колбас набоден на виљушка: - Ќе ти се случи нешто пријатно, што си се стаписал? Јади, па од оваа „лада“ да направиме „пежо де лукс“?!
-Подоцна ќе каснам. Прво работата! – рече Трајчило и ги засука ракавите. Спарно и задушливо е во хангарот; нема систем за вентилација, а ретко отвораат природно да се проветри. Тој се спушти во каналот и оттаму ги извести: - Долниот трап е петка плус! Сега ќе тропнам со клучот по карданската оска... Што ви кажува овој звук?
-Не знам, ебаго! - се јави озгора Лазор. – Квиз ли ќе играме, стрико?
-А ти, Мирон?
-Некаде е напукната, колку да речам нешто.
-Бинго! И ќорава кокошка наоѓа зрно! – Трајчило излезе од каналот. - Да се замени, имаме ли од резервните делови?
-Мислам, остана нешто зад онаа преграда – појде да провери Лазор. Има иста таква оска, пасент!
-Ченч, нека не ве мрзи! Треба да возите по брда и преку каменести реки. Дивиот премин е ризик на диво. Оваа оска, на таков терен, ќе крцне како бисквит!