Вработени и директорот ја спасуваа историската архивска граѓа од поплавените простории во Археолошкиот музеј

05.02.2018 02:31
Вработени и директорот ја спасуваа историската архивска граѓа од поплавените простории во Археолошкиот музеј

Шестиот и седмиот кат од Археолошкиот музеј на Македонија, се целосно поплавени од дождот што врнеше изминатото деноноќие. И ова не е првпат.

Дел од вработените на Државен архив и директорот Кирил Петров, го поминаа денот на своите работни места, но за да ја преместат архивската документација и материјал од едно место на друго, за да спасат што може да се спаси.

Со катастрофа се соочува историската вековна граѓа, документи кои грижливо се собирани и складирани во некогашните депоа на зградата на Државен архив на Македонија, кај комплексот судови. Наменска зграда, која ја штитеше историјата на Македонија низ вековите.

Сега, преместена пред две години во Археолошкиот музеј, зграда од проектот Скопје 2014, оваа бесценета документација е секојдневно изложена на пропаѓање и уништување. После секој дожд или снег, се трча низ депото, кое се наоѓа на шестиот кат, и документите се преместуваат на побезбедни локации.

Таваните во административниот дел се прокиснати, течат и постои опасност да се урнат.

Неколкумина вработени и историчари, подолг период укажуваат дека е погубна преселбата на историската архива на Република Македонија во оваа зграда, која како и сите објекти од Скопје 2014, се фушерски направени и се распаѓаат после секој дожд.

Владата на Груевски, во време на Филип Петровски како директор на Државен архив, направија геноцид врз Архивот на Македонија. Тие преку ноќ, целата архивска граѓа, која бара посебни услови за чување, ја преселија од наменската зграда градена во шеесетите години од минатиот век, во времето на социјализмот, и ја складираа на несоодветно и крајно небезбедно место.

Наменската зграда на Архивот се искорна и прекопа, за да се прилагоди за Обвинителството за организиран криминал, кое тогаш го раководеше баџанакот на Сашо Мијалков, сега судија во Судот за човекови права во Стразбур, Јован Илиевски.

Вработени во Архив на Македонија и историчари од ИНИ, бараат подолг период средба кај премиерот Заев за да го запознаат со сите проблеми.

Очекуваат Владата што ја раководи Заев веднаш да донесе одлука за враќање на Архивот во старата наменска зграда. Во спротивно, велат, Македонија може да се прости со илјадниците историски бесценети архивски документи, кои се огледало и сведоштво за постоењето на македонска нација и држава.

Извор: ako.mk