Млади жени со години го пријавуваа Лари Насар, досега никој не ги слушаше

05.02.2018 13:08
Млади жени со години го пријавуваа Лари Насар, досега никој не ги слушаше

Мекајла Маруни на настап во 2013 година

 

Кога Кајл Стивенс на 12-годишна возраст им кажала на родителите дека тренерот по гимнастика Лари Насар ја злоставувал, тие не ѝ верувале.

Насар, поранешен спортски физотерапевт на Универзитетот Мичиген и лекар на американската гимнастичарска репрезентација успешно ги убедил нејзините родители дека девојчето лаже за злоставувањето што траело цели шест години, а тие целосно му верувале и дури ја натерале својата ќерка да му се извини. Како резултат на тоа, Стивенс во тинејџерските години почнала да се оддалечува од своето семејство.

На крајот на јануари, Насар беше осуден на 40 до 175 години затвор за сексуална злоупотреба и дополнително уште на 60 години затвор за детска порнографија, казна што беше изречена во декември 2017 година.

Повеќе од 150 негови жртви говореа во текот на седум дена на неговото сослушување пред окружниот суд во Инхам, Мичиген, за тоа како влијала врз нив неговата злоупотреба.

„Лари Насар се постави меѓу мене и моето семејство и го искористи своето влијание како пријател на семејство за да нѐ раздели“, изјави Стивенс на сослушувањето.

Нејзиниот татко се самоубил во 2016 година, а Стивенс вели дека верува оти неговите евентуални сознанија дека ја кажувала вистината за злоставувањето се дел од причината за неговото самоубиство.

Стивенс не е единствената што го прежививувала злоставувањето на Насар, на која не ѝ се верувало или била игнорирана - државните службеници во Мичиген првпат добиле пријава за однесувањето на Насар во 1997 година.

Иако обвинувањата против Насар станаа јавни пред откривањето на Харви Вајнстин, сепак, овој последниот предизвика поинаков однос кон сексуалното вознемирување и напад, од друга страна, движењето #MeToo неоспорно привлекува поголемо внимание на јавноста кон тоа што го преживеале жртвите на Насар и им помогна да бидат сфатени посериозно.

Девојчињата и младите жени, сè уште, премногу често се гледаат како неверодостојни сведоци кога зборуваат за сопствената сексуална злоупотреба. Но, сведочењето на Стивенс и другите открива катастрофални последици од тоа што или околината одбивала да ги слушне или нивните изјави биле дискредитирани. Можеби сега, повеќе од 20 години откако универзитетските службеници биле известени за Насар, Американците конечно се подготвени вистински да ги видат тие последици.

Лари Насар на едно од судските рочишта

Девојчињата и жените зборуваа за Насер со децении. Но, никој не ги слушаше.

Лариса Бојс била гимнастичарка тинејџерка во 1997 година, кога таа и уште една гимнастичарка од тимот ја известиле тренерката на репрезентацијата на државата Мичиген, Кети Клејгс, дека не се чувствуваат пријатно со третманите на Насер, кои вклучуваат вагинална пенетрација. Но, наместо да ги пријави овие искази на универзитетските власти или на органите на законот, Клејгс му кажа на Насар што зборувала Бојс за него.

„Морав да слушам како го одрекувавте злоставувањето“, му рече Лариса Бојс на Насар во нејзината изјава на сослушувањето. „Морав да ти се извинам. Се извинував за недоразбирањето и морав да кажам дека сето тоа е моја вина“.

Откако беа објавени обвинувањата против Насар, во 2016 година многу жени раскажаа варијации на истата приказна. Тие се обиделе да зборуваат. Им кажувале на своите родители, нивните тренери, универзитетските службеници, на други лекари. Но, оние што имале моќ да го запрат Насар, никогаш не сториле нешто во врска со ова. Злоупотребата продолжувала со години.

Една жена идентификувана само како Аманда, на пример, за „NBC News“ изјави дека кога во 2014 година му се обратила на Насар поради болки во колкот и задниот дел, тој се обидел да ги допира нејзините гради и да ги стави прстите во нејзината вагина. Таа се пожалила на друг лекар, кој контактирал со универзитетски службеници. Истражувале, но не презеле никакво дејство. Насар останал на својата позиција.

Кога Насар конечно се соочи со полициска истрага во 2016 година, Клејгс, наводно, побарала од членовите на државната гимнастичка екипа на Мичиген да се потпишат на честитка за него. „Таа рече: Не мора да го потпишувате ова ако не сакате, но тоа е за Лари и би било убаво да му кажеме дека мислиме на него“, изјави една поранешна членка на тимот за „NBC“.

Во меѓувреме, Аманда се откажа од нејзината цел да оди на медицинско училиште. Таа се плашела да оди на лекар, па затоа едноставно живеела со болки во грбот. Лариса Бојс имала повеќе од 100 третмани со Насар пред да го пријави. Таа страда од мигрена, напади на паника и самоубиствени мисли. Ова се само некои од многуте последици од злоставувањата на Насар.

Татко на три жртви на Насар се обидува да го нападне злоставувачот во судница

Нападите на Насар беа откриени пред # MeToo. Но # MeToo помогна да се слушнат гласовите на жртвите.

Весникот „The Indianapolis Star“ во голема мерка придонесе за тоа што Насар конечно се соочи со правдата: Истрагата за сексуалното злоставување во американската гимнастика во 2016 година, помогнала Рејчел Денхоландер, поранешна гимнастичарка, да поднесе пријава против Насар во полицијата, велејќи дека тој сексуално ја нападнал во 2000 година, кога имала 15 години. Наскоро повеќе жени почнале да пријавуваат. Насар беше отпуштен од државниот универзитет во Мичиген во септември 2016 година и беше обвинет за криминална сексуална злоупотреба во ноември, истата година.

Случајот доби пошироко внимание во јавноста во октомври 2017 година, кога добитничката на олимписки медал, Мекајла Маруни, под хаштагот # MeToo објави дека Насар ја злоставувал.

„Бев сама со него во неговата хотелска соба и добив ‘третман’“, напиша таа. „Мислев дека ќе умрам таа ноќ.“

Од тој момент, случајот Насар стана дел од големата тема за сексуалното вознемирување, напад и злоупотреба, предизвикани од откритијата за Харви Вајнстин. Додека она што Насар им го направи на младите жртви беше злоупотреба на деца, вреди да се напомене дека тој е исто така виновен за сексуално насилство на работното место - многу гимнастичарки беа всушност на работно место, на кои им било потребно лекување и се надевале дека тој може да им помогне за да бидат подобри во нивните кариери. Наместо тоа, тој ја искористил својата позиција на доверба и моќ во рамките на гимнастичарската заедница за да им наштети.

Постот на Маруни дополнително ја разбуди растечката јавна дискусија за сексуалното вознемирување и напад и веројатно помогна да се насочи вниманието кон нејзината приказна и приказните на другите жртви. „Њујорк тајмс“ објави карикатура, потенцирајќи ги зборовите на многу девојки и жени кои зборуваа на судскиот процес против Насар. „Армијата што ја одбравте кон крајот на 90-тите за да ме замолчите, да ме отфрлите и да го спречите мојот обид да ја кажам вистината, нема да надвладее над армијата што ја создадовте кога нè повредувавте“, рече Тифани Томас Лопез на сослушувањето.

Маруни беше обврзана со договор за доверливост со американската федерација за гимнастика која можеше да изрече паричната казна ако одлучеше да зборува на претресот. Но, моделот Криси Тејген твитна дека ќе биде среќна да ја плати казната за Маруни, а минатата недела Федерацијата објави дека нема да бара парична казна за прекршување на договорот.

Маруни испрати изјава да биде прочитана на сослушувањето. „Ако Државниот универзитет на Мичиген, гимнастичарската федерација на САД и Американскиот олимписки комитет обрнаа внимание на кое било од црвените знамиња во однесувањето на Лари Насар, никогаш немаше да го сретнам, никогаш немаше да ми прави третмани, никогаш немаше да ме злоупотребува“, напиша таа.

Без дополнително внимание што е заслуга на движењето #MeToo, не е извесно дека американската гимнастичка федерација би го почувствувала истиот притисок да ѝ дозволи на Маруни отворено да зборува.

Оние кои можеби го имаат заштитено или ги имаат овозможено делата на Насар сега се соочуваат со истрага. NCAA отвори истрага за тоа како државата Мичиген го водела целиот случај. Претседателот на универзитетот, Лу Ана Симон, даде оставка. Во декември, Маруни ја тужеше американската гимнастичка федерација. Организацијата беше „подготвена да го жртвува здравјето и благосостојбата на една од најпознатите гимнастичарки во светот, бидејќи не сакаше светот да знае дека тие штитат педофилски лекар“, изјави нејзиниот адвокат.

Обвиненијата освен за Насар, можат да одат и на сметката на гимнастичката федерација на САД и на државата Мичиген, дури и да не постоеше движењето # MeToo. Но, дополнителното влијание во јавноста на движењето може да помогне да се осигура дека сите оние што ги затворале очите пред злоставувањата на Насар, исто така ќе се соочаат со правдата и дека организациите што ги не успеале да ги заштитат своите млади спортистки ќе бидат принудени да се реформираат.

Поранешната гимнастичарка Рејчел Денхоландер сведочи против Насар

Случајот Насар покажува колку е важно да им се верува на девојчињата и жените.

Тенденцијата да не им се верува на жените кога пријавуваат сексуално насилство е длабоко вкоренета во американското општество. „И нашата поп-култура и религиозните учења се слични по тоа што жените ги опишуваат како неверодостојни - од Ева и јаболкото до серијата ‘Озборувачката’“, напиша Емили Крокет во Вокс, во 2016 година. „Тинејџерите и полицајците подеднакво радикално го потценуваат бројот на жени кои лажат дека биле силувани.“

И како што професорот по право, Шери Ф. Колб, напиша во списанието „Verdict“ во декември, „одбивањето изјавите на жените да бидат прифатени како вистинити, е резултат на тоа што значат и колку се вистинити поплаките за силување и сексуално вознемирување за обичните мажи. Да се признае дека нормален човек кој обично се придржува кон законот, силувал или сексуално малтретирал жени (или мажи) значи да се признае дека општеството го одобрувало или барем го толерирало таквото однесување многу долго време“.

Општеството сега се движи кон едно такво признавање. Сè уште не знаеме кои ќе бидат ефектите на #MeToo. Но, акцентот на движењето - да се слушне што преживеале жртвите веќе има влијание. Жените како Кајл Стивенс и Лариса Бојс зборуваа за тоа што им се случувало со години. Сега јавноста слуша. Медиумите развија стратегии и практики за раскажување приказни на жртвите, или им помагаат самите да ги кажат. Познатите личности со влијателни онлајн платформи, како Криси Тајген, им помагаат да кажат.

Не сите жртви имаат пристап до оваа нова реалност. Оние кои немаат познати имиња, кои работат на работни места со ниски плати, допрва треба да ја видат користа од она што доаѓа во Холивуд и други индустрии. Има уште работа. Но, жените вработени во разни дејности, земјоделството и други индустрии работат на остварување на целта, а фондот за правна помош на Time's Up, дизајниран да им помогне на жените со понизок приход, е знак дека оние со поголемо богатство може да почнат да помагаат.

Фразата „верувај им на жените“ се критикува последниве месеци, бидејќи некои погрешно ја протолкуваа дека треба да се верува во сè што вели една жена без никакво прашање или верификација. Ова никогаш не било планираното значење. Наместо тоа, да им се верува на жените - или, во случајот на Насар, да им се верува на девојчињата, односно да ги сфатат сериозно кога велат дека некој извршил насилство врз нив. Тоа значи поставување прашања, испитување и отвореност кон можноста дека лицето кое е на позиција на авторитет, може да биде во состојба да ја злоупотреби својата позиција. Тоа значи да им се даде збор на девојките и жените, кој ќе има иста тежина како зборот на моќните мажи.

Ако повеќе луѓе го стореле тоа пред неколку години, можеби на сослушувањето на Насар ќе имаше помалку девојки и жени, кои ја опишуваа физичката и психолошката болка што ја доживеале како резултат на злоставувањето. Ако повеќе луѓе им веруваа на девојчињата и жените, Насар можеби ќе беше запрен уште во 1997 година.

#MeToo не го доведе Лари Насар пред лицето на правдата. Храброста на жртвите и посветеноста на локалните новинари го сторија тоа. Но, поради # MeToo, жените кои се соочија со Насар прозбореа во момент кога Америка беше подготвена и сакаше да ги слушне. Најдобар начин да се почитува нивната храброст е да се продолжи да се слуша.

Извор: Vox

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото