Градот се мие со вода!

05.02.2018 13:12
Градот се мие со вода!

Оваа власт продолжува со манирот на претходната.

 

Веројатно немаше ни да забележам, но кога градоначелникот Шилегов во автентичен груевистички стил се истопори заедно со соработниците (заради убедливост што ли) за да даде отчет за првите сто дена на своето владеење, сфатив дека и оваа власт продолжува со манирот на претходната.

Пиар претставувањето за претходните беше начинот како да се замајува граѓанството, како да се прикаже лажното како вистинито, играјќи со бројките и податоците, без тоа да има вистинска подлога во реалноста. За успесите се изнаслушавме во минатото и видовме на што се сведе.

Во големата желба на новите власти да се прикажат поинакви, тие (не сaкајќи, претпоставувам!?) се потврдуваат како исти или многу слични со претходните, барем во делот на односите со јавноста. Новата власт на сите нивоа најпрво се потруди да ги формира службите за односи со јавноста, вработија еден куп луѓе чија основна цел е да ги презентираат успесите на новата власт дури и кога ги нема.

За Шилегов се решив да гласам најповеќе заради една негова изјава. Во финишот на кампањата, на прашањето што прво ќе стори ако биде избран рече: Прво ќе го исчистам, ќе го измијам градот! Точно погоди што му треба итно на Скопје, после толку запуштеност и негрижа. Но, тоа не го направи иако во отчетот вели дека кренале не знам колку тони отпад. Но, тоа е или неточно или недоволно. Зашто градот е исто толку валкан, масен и запуштен како што си беше. Ако не знаат, миењето е процес во кој се употребува главно вода и тоа се прави редовно, секојдневно. А вода не видов.

Во време на неговиот избор во уличката пред мојата куќа имаше многу отпаднати лисја. Ги собрав на неколку купчиња во надеж дека ќе им олеснам на оние (Шилегов вели, неколку стотини) специјално ангажирани чистачи. Купчињата сè уште се таму иако во уличката има барем 70 станови. Одговорно тврдам дека ниеден чистач за овие сто дена не поминал таму. Или само поминал.

Градоначелникот зборува за мерките против загадувањето. Освен неколку забрани тој нема ништо направено, а верувам дека миењето (со вода) ќе помогнеше. Беа забранети работи на градилиштата во критичните денови. Но таа забрана не се почитуваше. Се забранија коли на Водно. Тропа! Се засадиле 615 дрвца. По едно на илјада жители. За напролет се предвидувале нови 4.000. Тоа драстично ќе го зголеми бројот по жител! Столпчињата против паркирање веќе личат на селска ограда, нема пет кои се во иста линија, а чекам како ќе паѓаат бидејќи се направени од многу јак материјал.

Црвениот бран наместо зелениот сè уште функционира. Веројатно не сакаат да ја упропастат оваа ингениозна измислица на Коце? И уште еден куп од тие пиар досетки кои ниту вредат ниту нешто значат. Но, изгледа стручњаците за односи со јавност имаат сознанија дека граѓаните сакаат да бидат излажани, замаени, убаво им доаѓа кога се прикажува некоја друга стварност, стварност во која работите кои се нормални се прикажуваат како голем дострел на политичарите. Скопје, вели Шилегов, ќе биде „паметен“ град во кој граѓаните ќе можат лесно да ги извршуваат своите барања и обврски. Зошто? Зашто тоа им го овозможило новото раководство! Нормалното станува смешно како и оној мангупски штос со поевтинетото поскапување на давачките за вода, за кое и Владата сфати дека е идиотски потег, па го запре.

Како и да е Скопје е една тажна приказна во која ниту пристојно се живее, ниту е град за да се пензионираш, ниту е град со живот за сите. Можеби е добар за упокојување!?

Дали власта во Скопје ќе сфати дека за да се излезе од годините, децениите на флагрантна негрижа и тенденциозно деструирање на градот, треба проекти, но не оние на Коце со одливање на пари во безброј никогаш незаживеани физибилити студии со странски експерти и агенции (!?), туку стварни и применливи проекти. За сообраќај, за загадување, за градскиот јавен транспорт, за паркирање, за нови улици, тунел под Калето кој никогаш нема да се напарви... И, градот да почне да се мие. Со вода!

Пиарот е корисен кога ги афирмира добрите потези, им дава на значење, ги поттикнува, ги прави поинвентивни. Но тој не е доволен. Со него работите не стануваат подобри, ако веќе не се такви.

Слики: Александар Ковачевски

 

ОкоБоли главаВицФото