Погледи врз толеранцијата

06.02.2018 03:25
Погледи врз толеранцијата

Знаци на животот: свирепост, разбирање, попустливост... Сѐ додека една институција се потпира на моќни инстинкти, таа не допушта ниту непријатели, ниту еретици: ги масакрира, ги спалува или ги затвора. Клади, бесилки, затвори! Не е злобата таа што ги измисли, туку убедувањето, секое потполно убедување. Се воспоставува ли една вера? Порано или подоцна, полицијата ќе ѝ ја загарантира „вистината“. Исус - од моментот кога сакаше да триумфира меѓу луѓето - би требало да го предвиди Торкемада, неминовната последица на христијанството оживотворено во историјата. И ако Јагнето не го предвидело крвникот, мачителот на крстот, неговиот иден бранител, тогаш тој си го заслужува прекарот. Преку Инквизицијата, Црквата докажа дека уште располага со голема виталност; како и кралевите со своите задоволства. Секоја власт има своја Бастилја: колку една институција е помоќна, толку повеќе е понечовечна. Енергијата на една епоха се мери со суштествата што страдаат, а една религиозна вера или политичко кредо се афирмираат преку жртвите што ги создаваат, затоа што бестијалноста е првостепена карактеристика на секој успех во времето. Глави паѓаат таму каде што една идеја победува; таа може да победи само на сметка на другите идеи и на други глави што ги замислиле и ги бранеле.

Скептицизмот е потврден од Историјата; сепак историјата е и живее само газејќи го со нозете; ниеден настан не живее од сомнежот, но сите проучувања на настаните водат кон сомнежот и го оправдуваат. Тоа е исто како да се каже дека толеранцијата - најголемото добро на светот - е во исто време и негово зло. Само една општа состојба на замор и стерилност ги допушта сите, најразличните вери, најконтрадикторните мислења. Се доаѓа до следното чудо: противниците коегзистираат токму затоа што не можат повеќе да бидат противници; спротивставените доктрини реципрочно си ги признаваат заслугите, бидејќи ниту една нема сила да се афирмира. Една религија згаснува кога толерира вистини што ја исклучуваат; и сосема е мртов богот во чие име луѓето повеќе не убиваат. Една апсолутност исчезнува: слаба светлина на земскиот рај се наѕира... бегла светлина зашто законот на човечките дела е нетолерантен. Колективитетите зацврснуваат само под тирани и се распаѓаат при еден благ режим; - тогаш, во еден потскок на енергијата, тие почнуваат да си ги задушуваат слободите и да ги обожаваат своите обични или крунисани чувари на затворите.

Епохите на ужасот се предоминантни во споредба со мирните епохи; човекот се разгневува повеќе од отсуството одошто од богатството на настани; а Историјата е крвавиот производ на неговото одбивање да се досадува.

Извор: Précis de décomposition, Gallimard 1993
Скулптура на сликата: Toru Kurokawa

ОкоБоли главаВицФото