Правосмукалка дизајнирана за Фосили

06.02.2018 13:52
Правосмукалка дизајнирана за Фосили


Будимка Поповска - Буде е мало чудо на нашата култура. Мултиталентирана, необична, издвоена од главните матрици. 17 години помина во манастир. Последниве години одново е во светот и одново објавува мошне интересни записи, дневнички фото белешки, песни, писма... речиси исклучиво на Фејсбук. Книжевно дебитираше пред 25 години со книгата со графичка поезија, „Врата“ (Темплум, 1993). Денес донесуваме пет нејзини нови песни или фрагменти од песни, проследени со нејзини фотографии...


 

Правосмукалка дизајнирана за Фосили

Како мртвата бубалка
Што ја наоѓам на подот
Штотуку пропадната во процепот помеѓу две даски
Мислејќи ќе ја одминат погледите на љубопитните чистачки
Се вкотвила веќе и подготвила рецитал
Издвоила некој пасус од Иго
И рецитира со глас што директно како грамофонска игла
Ја струга кората на мојот кортекс
Паднала кога сум ги вадела летните алишта
А била закачена некаде од долната страна на куферот
Па откривам малечок фосил
Таква сплескана птеродактилска форма
На нечуен вапај за смисла
Поинаку лингвистички испрограмирана
Принудена да молчи да го вибрира молкот на минералите
На други бранови на мозокот
Ама оној општиот, голем мозок
На кој сме приклучени сите
Со своите меки антени
И филтри кои пропуштаат само сакани содржини
Па се протегам нежно во асана сплескан инсект
Смрскано ноџе на ракавот на ланското палто
И чаура од пајаци ембриони стуткана во фишек
Од внатрешната страна на фотелјата
Каде што жената што чисти заборавила
Да пикне рака
Така и јас
Како мртвата бубалка ре-цитирам
мислиш дека си се спасил, прогоненику – фосил
бубалко сплескана по грешка,
„не знаеш што те очекува
Си побегнал, но не си се ослободил
Прогоненику“... (Виктор Иго)

Постајем други

Станувам другите
Со брзина на тигар
Што со шепата ги оттурнува мувите
Додека дреме под стреата на прекрасна палма
И го мрзи да мисли
Зошто не го оставам на раат
Станувам другите
Така простум низ зраците тишина
Зраците несподелива тишина
Низ која отсјајува денот што се рони
Околу палмата, околу мувите
И под мојот брк
Што накострешено ја боцка
Мувата мажјак
Некаква алфа варијанта
На она што некогаш БЕВ ЈАС
Станувам други

Трансплантација на срце

Сè околу мене
Има тенденција
Да ја навлече на себе маската ала црна дупка, протон
Со големина на показалец и домал прст
Едноставно исчезнувам
Во огледалото кое глуми
Дека ја одбива мојата рефлексија
А всушност ме голта
Ме вари и ме исфрла
Надвор од себе како мал фецес
Накинџурен смет со мириси од други планети
Поинаква, друга
Без да ја разберам претходната
Без воопшто да се сетам дека имало
Архиверзија на ова сега
Некоја друга затрчана да живее низ мене
Не можам да се сетам зошто го држи
Финиот сребрен нож
Го користи мојот хардвер
За да стопи уште едно кутро авокадо
Потем, зборува преку разгласниот систем
На нешама и руах збрчкани заедно
Во гркланот на таа нова супер нова
Небиднина во раст
Небаре точка скокалница
Од која моето бившо јас треба да скокне
Во океанот од маслинки и кремаст балсамико
Оцет на раните
Излачувајќи секрет во вид на пластични кеси
Некаде на брегот на слоновите коски
А потоа ѕирка низ улиците на светот
И се враќа назад користејќи камера, огледало и корпа за отпадоци
Полна со корички од авокадо
И дршки од рукола
Додека минувачите салутираат
Гугл! Глеј! Гугл!

После толку преживеани смрти

По секоја смрт едноставно се случуваше најнеочекуваното
– продолжувањето на животот секојпат одново беше како мало раѓање.
Оваа состојба на непланиран и изненадувачки Феникс
кој не може а да не се роди од пепелта на болката
стана нешто трајно исто толку колку што е трајна четката за заби
и желбата на неа да нанесеш паста направена од билки кои помагаат
да се зацврсти непцето.
На пример, одвечер доаѓа смртта
и те кани да си легнете заедно.
Легнуваш бидејќи неодоливо ти се пика под кожа.
Бидејќи знаеш со кого имаш работа
очекуваш дека оваа ноќ ти е последна.
Потоа од умор заспиваш.
Во сонот откриваш дека си ангел.
Дека не можеш да умреш и да сакаш.
Ти доаѓа да трчаш по мостовите и по високите згради,
по аптеките и по болниците каде што лежат изнемоштените,
оштетените, гризнатите и да им викаш: ЕЕЕЈ! ЕЕЕЕЕЕЕЕЈ!
Потоа се јавува малиот проблем на зборовите.
Не можеш да го вербализираш своето искуство на оживување,
лажна смрт, лажен живот,
вистински момент на сегашност продолжен како панорама на вечноста.
Ниту рамна плоча, ниту круг и тркало.
Само сега. Само просто бидување.
Си велиш Те сакам.
О, колку те сакам, без да знаеш, без да морам да ти кажам.
О, колку без причина, без потреба и целосно за џабе, само – те сакам.

Не сум глупа

Му велиш и се вознемируваш
Но сепак на крајот на умот
Среќна што најде поетика во тоа детско одрекување на
Состојбата на својот рустикален расцеп
На свеста
Само несреќна, додаваш низ солзи
И се проѕеваш истовремено
Како волк, како лисица и кокошка,
три во едно, не сум
божем му објаснуваш неволно
за постанокот
на светот
според тао, т.е. кинг

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото