Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (8)

07.02.2018 03:11
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (8)

Фросина Пармаковска, Одбројување (Или-или)

 

Го гледам уште додека е точка што додека ги подготвувам парите за такси се претвора во човек што ме чека. Излегувам и сретнувам човек што ме прегрнува, ја зема мојата рака и ја става на неговите гради, му чука срцето. Не мора да ми каже дека едвај чекал да ме види, ниту дека изгледам убаво, ниту дека сака да ме гризе по вратот додека го испуштам најсилниот, последен здив на задоволство, не мора ниту да ми рече дека е среќен, не мора да ми рече ништо. Не мора да ме праша дали спијам со мојот маж, како воопшто се однесува тој во врска со тоа, ниту колку го мразам кога тој ме посакува и нема да му кажам ни дека тоа се случува ретко, по оној бизарен ручек ниту еднаш, а последните пати претходно кога на мојот маж му доаѓа неговиот нагон, јас сум сува, а тој ужива во тоа што сум сува затоа што знае дека ме боли. Тој е силно убеден дека низ болката ми помага на овој свет да се искупам колку што е можно повеќе, во најдобар случај целосно и ретко кој човек ја има таа можност да се исчисти тука, јас се чистам за тоа што му работам зад грб, што соработувам со сите оние што сакаат да му ја парализираат мислата, за сите други нелојалности и за сите слики што ме влажнеле додека тој одел на работа, пријатели мои, пријатели негови, пријатели на татко му и на брат му, продавачот во пекарата што секогаш ми го подаваше лебот со насмевка, пазарџиите што ми ги бираа најубавите зеленчуци и овошја, Иван што ме викаше на пиво по испитот: сето тоа ми го елаборираше мојот маж кога ме учеше да ја поднесувам болката и не можев да не го мразам поради тоа, не знам дали повеќе заради самата болка или заради тоа што јас тогаш никако не бев виновна. Нема да му кажам ниту дека не смеам да го мразам поради ништо од тоа затоа што мојот маж не само што не сака да боледува така, туку и воопшто не е свесен за тоа. И нема да му кажам ништо од тоа, едноставно затоа што ова е крадена вечер, и тоа на начин што ги вклучува сите методи поради кои не смеев да го мразам мојот маж, и ова е крадена вечер само за нас двајца. Вечер кога нема да зборуваме ништо, брзо ќе ме соблекува затоа што го немаме целото време на светот, многу ќе ме бакнува затоа што знае дека одамна не сум се бакнувала толку долго, пред неколку вечери и толку многу одамна, можеби и никогаш, ќе запира само кога вџашено и со ококорени очи ќе ме гледа во центарот на моето тело како да ми се восхитува, без зборови ми се восхитува, маж е, вистински маж, здрав и бесконечно страсен, не сакам никогаш да заврши, но завршува и тој и јас и оваа вечер кога не морав да му кажам колку би било убаво наместо да си одам во куќата каде што живеам, да спијам овде на зелениот чаршаф со бумбари, колку би било убаво да има време и да нема часовник, па дури и да се занимаваме со тривијалности, комарецот, на пример, што ни зуи околу ушите да го отепаме, ама претходно долго да го бркаме, да го залепиме на ѕидот и да се натажуваме гледајќи го неговиот последен оброк, „крвта твоја, крвта моја“, да си велиме, да се намачкаме со ракија на местата каде што нè цицал и заемно да се воздржуваме од чешање. И за глупави филмови и за уште поглупави озборувања и за бакнежи од навика и за коментирање на дневна политика и за расправање со соседите поради гласна музика и за пензионерски заспивања во девет часот навечер време да има. Но, време нема и јас конечно заминувам затоа што гледам на небото нијанса на светлосина боја, мала и едвај забележлива, но набргу ќе се претвори во зора и морам да побрзам. Ми вели дека ако случајно нешто не е во ред, да се вратам, а јас му враќам пу пу пу и се смеам со сила за да не ја растажам вечерта.

 

Петар Петрески, Безимениот (Панили)


-Докторе, како се викам?
-А може јас да те прашам пред да ти одговорам? - вели тој.
-Може, - му велам, за првпат од мојата средба со него. Преку стаклата од очилата што ги носи, забележувам оганче во неговите очи. Веројатно на тоа се должи неговата ненадејна живост.
-А, да ми кажеш јас како се викам? Ќе ти пишам петка на рака! – Ја погледна сестрата и нејзе ѝ намигна, очекувајќи позитивна реакција од неа на кажанава глупост за којашто тој длабоко беше убеден дека е врвна духовност. Инаку, обично безнадежно недуховитите луѓе себеси се сметаат за исклучително духовити, што само по себе е екстремно смешно. Сестрата беше ставена во непријатна ситуација да се смее, за да му го направи ќефот на својот шеф.
-Не знам и не ве познавам ни вас ни моите пријатели, - реков рамнодушно.
-Кој ден сме денеска, знаеш? – докторот се обидува да ја разврзе мојата меморија.
-Ни тоа не го знам, - пак јас, во истиот тон.
-А, мајка ти, на кој датум почина? - докторот пробува со трик прашање.
-Мајка ми е жива и здрава.
-Браво! Браво! - зааплаудира докторот, а по него и сестрата. Притоа, листовите што ги држеше в раце ѝ испопаѓаа на подот.
-Да слушнам аплауз! - викна докторот. Сестрата ги собираше паднатите листови. Немаше аплауз. Докторот погледна по собата и кога виде дека освен него, сестрата и јас, во неа нема никој друг, се накашла, ги поднамести очилата и гледајќи ме со фаца на гуштер, рече:
-Ти си перспективен случај, во секој случај. Дури да појдеш по втора голема нужда, ако, се разбира, немаш опстипација, ти ќе си го знаеш името. Гарантирам со глава, - рече и одненадеж ми постави ново прашање:
- Три по три, колку се?
- Долга деветка - реков како од пушка. Тој остана вчудоневиден и неподвижен. Двапати ги крена веѓите, погледна во цицките на сестрата, заклепа неколкупати, небаре му се нарасија очите и триумфално извика:
-Ете, гледаш, работите си се движат. Ти одиш напред.
- Докторе, моето име, дали го знаете?
-Ти ќе ми го кажеш! Лекот е кај тебе, а календарчево е кај мене. – Од џебот од мантилот извади црковно календарче, го отвори каде што се имињата и почна да чита:
-Анастас? – ме погледна, не реагирав. – Атанас? – ме погледна, не реагирав. –Александар? – ме погледна, не реагирав. Не реагирав ниту на следните: Боне, Богдан Босилко, Бранко и други. И сѐ така, додека не дојде до буквата „ш“.
-Аха, тука сме! – зеде воздух, не прочита туку се издра:
-Шекспир !Ти се викаш Шекспир! - неговиот израз на лицето доби драматично прашална форма. На сета рамнодушност, избувнав:
-Да бев Шекспир, ти во мојата пиеса ќе беше дворски шут.
-Да ми седнеш в скут! – добив жесток одговор од докторот што не го очекував. Ова не го очекуваше ни сестрата која, си го покри лицето со листовите.
-Ти го крштаваш, тој прди! - не се смируваше докторот.
-Зошто сум врзан, докторе?
-Врзан коњ подобро пасе - ми одговори тој малку посмирено.
-Јас сум коњ, докторе?
-Да беше коњ, ќе си го знаеше името, вака, само личиш. – Си помислив дека докторов намерно ме провоцира, дека тоа му е некаква лекарска тактика, некаков метод кај мене да предизвика брзо струење на крвта, да ми го покачи адреналинот, да ме натера на поголема мисловна активност, која би можела да ми ја ресетира меморијата. Но, следната негова постапка ми ја разниша оваа теорија.
-Пиши - ѝ се обрати на сестрата. Сестрата зеде пенкало. – Делумна анестезија...
-Рековте анестезија, докторе?
-Каква анестезија, мори! Реков делумна амнестија ...
- Амнестија? – пак потпраша сестрата.
-Сестро, имаш проблем со слушниот апарат. Велам и повеќе не повторувам: -Пиши во наод: Делумна амнезија со комплекс на мал пенис. Да се продолжи со пропишаната терапија. Психотетарот според процедура.