Збирка политички игри за деца 18+

07.02.2018 02:55
Збирка политички игри за деца 18+

Да ја наречеме Демократија.

Да направиме да изгледа Правда, исклучиво во највидливиот слој на малтерот. Луѓето се пластелин.

Да амортизираме семиња на потенцијални коректори, пластелини со следбеници, со тоа што ќе го убедиме остатокот од пластелин дека коректорите се со нас и дека заедно ќе продолжиме да ги градиме куќите од песок, а после тивко да ги џитнеме в контејнер.

Да го запалиме контејнерот, подарок од некој од Татковците. Подраснуваме. Им се придружуваме на Татковците.

Има премногу пластелин и смрди на пластика, да го исчистиме патосот со него и природно веќе не лепи.

Да ги измешаме сите бои до кафеава. Гадно е гомново старо. Се фокусираме на нов (читај: игнорантен) материјал, тие се најдобри за мoделирање (читај: месење).

Никогаш да не стигнеме никаде, тоа е поентата на играта.
Ако нè има повеќе, има помалку пластелин за моделирање по човек.

Да му кажеме на пластелинот дека секој може да биде човек ако работи и дека тоа што не е значи оти недоволно работи, сè додека пластелинот не стане плодна почва и потем да оневозможиме преку инжинирани лавиринти кои се друга игра интересна сама по себе. Мапираме ретки семиња во земјата, тие ги земаме - ќе ни требаат.

Ајде сега да направиме поделба по најмал број групи што опфаќаат по најмногу членови за да се ставиме наспроти и да ги убедиме овие од нашиов тим дека ни се заканува голема опасност. Така функционира внатрегрупна кохезија, односно најдобро лепат пластелините еден со друг.

Гледаме дека најголема група наспроти нас се жени, ама кажано ни е дека ќе ни требаат понатаму во животот за зголемување на тимот со нови лојални членови по презиме. Оваа разлика ќе ја држиме на суптилност пред јавниот пластелин. Тука ќе свртуваат внимание нивните гласови, ама да ги наречеме хистерија и да им ја залепиме како природна карактеристика на родот.

Ни треба нешто друго видливо за пластелинот што нè разликува. Што може да е поочигледно од боја. Па, се одлучуваме за раса и одиме подлабоко со религија.
Тие што се неспретни со пластелин ги бомбардираме, зашто се неспретни и може да ни го загрозат материјалот на сите. Ги бомбардираме до последниот најнеспретен и тој го оставаме на власт за да продолжи да го држи својот пластелин во незнаење, сирова состојба, без некаква форма, под отворено небо, и најчесто во депонија.

Одвреме-навреме му испраќаме по некоја стратегија за манипулирање на пластелинот зашто моментално не ни одговара да се трошиме на истребување. Тоа го оставаме на природните непогоди-земјотрес, поплава, болест. Кога некоја друга страна му дава премногу љубов на неспретниот го скратуваме од комуникација и влегуваме во тим со други играчи кои исто така треба да го мразат тоа негово слободоволие. Никој не смее да има слободоволие освен ние што први склопивме столче од мозоци, природни ресурси и насилно присвоена граѓа, успеавме да се качиме на него и го убедивме пластелинот дека столчето било, е и треба да биде наше. Повеќе слободоволија значат хаос, а тоа е непрегледност. Ако сите знаат, тогаш никој не знае што понатаму. За нашата визија треба монопол. Монопол е само ние да знаеме.

Човечето со најмалку пластелин не смее да се налути. Му ветуваме помош. Прво што правиме е да залепиме плакати за пластелинот да види дека ние значиме помош. Ако некој изгради повисоко столче се санира. Ако не може да се санира го убедуваме целиот пластелин во тимот дека тоа е самиот ѓавол сè додека пластелинот самоволно не се формира во војничиња. Имаме дронови, ама со војничиња е две муви со еден удар, исчистување на нашиот мултифункционален пластелин од материјалот за единствена, та еднократна употреба.

Кога усмена закана не функционира, се вооружуваме со боракс, и без тоа цело време имаме боракс. Поентата е да се вооружиме до точка на параноја без да почнеме да фрламе боракс и да ја одржуваме таа состојба до бесконечност. Денеска уништување на еден значи масовно уништување, а ова е само игра, сè додека Илон не нè однесе во вселената, е тогаш е веќе друга приказна.
Ново игралиште е секогаш поинтересно од старото, не сме ние виновни таква е детската природа на фокус (читај: attention span-от).

Ѕвезда светка во далечина, може да ѝ се качиме. Веднаш го баталуваме старото омилено теренче. Таму пластелинот е историски неспособен и брзо ќе кондензира, или па - што ќе ни е планетава, ај да си играме Господ, ај за последен пат да си поиграме, ајде, ајде, ај да ја рокнеме.

Слајмовите ни се најинтересни, колку и да се гмечат не добиваат конкретна форма, а се забавни за прстите. Сакаме забава.

 

Страница: https://www.facebook.com/jyjosakaspace
Мултимедија: https://www.youtube.com/watch?
v=x3_hyjmqfhg

Слики: Кристијан Џонс