Гола (1)

07.02.2018 03:17
Гола (1)

На Јоко Сано

Лага

Знам дека ќе излажам.
Мајка ми ми рече да не лажам
но тоа ми го рече
оти и таа кажувала лаги,
па знае дека боли кога лажеш.
Дури и кога лажам
намерата ми е чесна.
Има нешта што се кажуваат само со лаги.
Да можат да зборат мислам
и кучињата ќе лажат.
Ако ме фатат во лага
ќе се извинам,
а ако едно извинување е доволно тогаш
воопшто не би кажала лага.
Иако никој не знае оти лажам, јас си знам,
та затоа ќе живеам во лаги.
Секогаш кон вистината ќе се стремам
и ќе продолжам да лажам
сè дури не ми дојде преку глава од лаги.

Дедо

Дедо бавно се движи.
кога крева кутија на полица
раката му останува таму.
Кога конечно ќе ја спушти
рацете млитаво од страна му висат.
Овој дедо, застанат неподвижно,
изгледа божем ќе почне да вика.
Дабот во градината
љубопитно ѕирка кон него.
Иако слуша што му вели дабот
се прави дека не слуша.
Сниошти го видов како се капи.
Му ги видов сувите мадиња.
Дедо, дедо,
те молам не зборувај ми за тоа како било.
Кажи ми како ти е сега.
Што најмногу сакаш сега?
Која ти е најомилена личност сега?

Дрво

Наскоро ќе станам дрво.
Врвот на средниов прст ми бабри
и развива зелено лисје.
Тогаш откривам
дека лисје ми расте и од показалецот
и од домалиот прст,
а раката ми се двои во фиданки.
Телото во кошулата
ми се корави во стебло.
Прстите на ногата ’ртат во калта
и млака вода ми лази до мевот.
Не одам на училиште.
Не играм кошарка. Не одам на риби.
Сетики стојам, дури и ноќе.
Дождот ме освежува.
Никој не ме забележува.
Сите брзаат некаде.
Не мрдам сè дури не исчезнам.
Шумолам, се нишам на ветрот.

Гола

Сама дома попладне
наеднаш посакав да сум гола.
Ја слеков блузата преку глава,
ги слеков маицата и гаќите
и чорапите.
Сосема поинакво чувство
отколку кога се капам.
Градите ми баботеа
и иако воопшто не ми студеше
сета се намовнав по рацете и бутините.
Алиштата ми лежеа пред нозе небаре живи.
Мојот телесен мирис се крена
како провев на топол воздух.
Мевот ми беше мазен
и како да се брануваше надолу до бескрај.
Небаре горев во јасната сончевина.
Се плашам да се допрам.
Сакам корен да пуштам во земјата.
Сакам да се стопам со небото.

Некогаш порано


Сум била некогаш порано.
Гола и ококорена.
Истото старо сонце зјапаше
од средината на синото небе.
Истиот ветар
вееше низ тревјето.
Училиште не постоеше, но јас постоев.
Немаше играчки, но јас си играв.
Ниту книги, но јас многу мислев.
Ниту хамбургери, но јас сепак какав.
Кога бев сама, плачев без да знам зошто.
Кога ме тераше на смеа, само се смеев,
но не знаев зошто.
Му се чудев на папокот
и секогаш заспивав кога си играв со него.
На сон ми врнеа змии,
се раѓав и умирав, се раѓав и пак умирав.
Некогаш порано, некаде, сум била.
Сега сум, овде.

Баба

Со очите широко отворени,
небаре изненадени од нешто,
се обидуваше да го види тоа што ние не го гледавме.
Ми се чинеше некако беспомошна
и многу шашардисана.
Можеби сфатила нешто важно
што претходно не го знаела.
Ако е така, луѓето треба да се тивки,
а не да плачат.
А бидејќи не можеше да мрдне ни рака ни нога
и не можеше да каже ни збор
никој не знаеше што сака.
Дишеше небаре лута,
како некој да ѝ стапнал на градите.
Во тој миг дишењето ѝ запре
и со истата изненада на лицето
си умре.

Новиот ученик

Еден дождлив ден ни дојде нов ученик.
Имаше големи уши и темна кожа.
Кога минав крај него ме погледна
со крајче од окото.
Ми се стори како да му го чув срцето.
Мирисаше на шума.
Дојде сам од некое далечно непознато место,
не носејќи ништо со себе.
Мислам дека еднаш стоел
на работ од некоја карпа
и го гледал залезот на сонцето.
Сега си мислеше
што тогаш си мислел.
Сигурна сум дека ќе заврши
во некој од моите сништа.
Кога му се доближив, ја видов Хироко
крај прозорецот како ја подотвара устата
и зјапа во отсјајот на неговиот профил,
преправајќи се дека го набљудува дождот.
Се плашам веќе да зборувам со Хироко.

Превод: Зоран Анчевски
Слики: Shiori Matsumoto

Шунтаро Таникава (Tanikhawa Shuntaro, 1931), поет, есеист, драмски писател. Го сметаат за симбол на јапонското отворање кон светот во поезијата. Неговата исклучително популарна поезија во Јапонија се толкува и како спротиставување на мистификациите на традиционалната јапонска песна. Неговите стихозбирки во Јапонија се печатат во десетици изданија.
Роден е во Токио и е син на познатиот јапонски филозоф Тецузо Таникава. Поезија почнал да пишува на млади години, а првата книга Дваесет милијарди светлосни години од самотијата, која имала огромни тиражи, ја објавил на дваесетгодишна возраст (1951). Познат е и како драмски писател, филмски, телевизиски и радио сценарист.
Ја посетил Македонија како учесник на Струшките вечери на поезијата. Тогаш, во 2005, кај нас е издадена неговата поетска збирка Дреболии, од каде ги пренесуваме песниве.
Гола е посебна стихозбирка на Таникава (во македонското издание застапени се 24 песни, а овде на Окно 14 песни, во две продоолженија) и претставува необична химна на адолесценството, особено интригантна бидејќи е „раскажана“ во женски род. Песните изненадуваат, воодушевуваат и вознемируваат - едновремено. Таникава и инаку е познат по својот непретенциозен но мошне интензивен лиризам, кој е особено снажно присутен токму во стихозбирката Гола.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Пандалф Вулкански
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото