Мој ти пајтон

07.02.2018 05:20
Мој ти пајтон

„Интересот кај граѓаните за користењето на услугите од пајтонот е мал, што ги прави неоправдани трошоците за овој проект. Од тие причини вреди да се размисли за продавање на пајтонот“, соопштија од Град Скопје. Единствениот пајтон во барокната метропола позната под името „Скопје 2014“ беше проект од 40.000 евра на претходниот градоначалник Коце Трајаноски, извози еден четиригодишен мандат (Коце два), потрошил 10.779.317 денари, а приходил само 1.283.640 денари. Годишните приходи од услуги и продадени билети за пајтонот (помалку од 300.000 денари), не биле доволни ни да се платат услугите на матичниот ветеринар за коњите.

Вреди да се размисли, да го цитираме Град Скопје, што ќе се добие од продажбата на ова превозно средство со влечна сила од два липицанера, кога за она другото од најмалку двапати по 200 коњи – единственото во Источна Европа – што го купи липицанерот Груевски беше проценето дека нема да врати ни половина од оние 600 илјади евра со кои било купено. И, по кратко размислување, остана непродадено. Иако за неговите услуги интересот на граѓаните беше неспоредливо помал.

Можеби не вреди, ама може да се размисли, пајтонот да продолжи да се користи за превоз. Овој пат не на странските туристи, туку на невидените домашни авантуристи кои со вакви проекти десет години правеа коњи од луѓето. Тие за кои се покажа дека дебело им се исплатувале ваквите неоправдани трошоци пајтонот ќе ги вози од дома (од домашен притвор) до судот. На нивен трошок. Интересот на народот да го гледа овој спектакл сигурно ќе биде многу голем (некој и би платил за такво нешто). А, ако продолжи да се вози на вакви реформски мерки, за новата власт ќе може да се искористи и „мерцедесот“.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото