Зошто ги забораваме книгите што сме ги прочитале

07.02.2018 11:44
 Зошто ги забораваме книгите што сме ги прочитале

Сеќавањата на Памела Пол на она што го прочитала помалку се поврзани со зборовите, а повеќе се однесуваат на доживувањето. „Речиси секогаш се сеќавам каде сум била и се потсетувам на книгата. Се сеќавам на физичкиот објект“, пишува Пол, уредничка на „The New York Times Book Review“, а треба да се нагласи дека таа чита навистина многу книги. „Се сеќавам на изданијата; се сеќавам на кориците; обично се сеќавам каде сум ја купила или кој ми ја дал. Но, не се сеќавам, а тоа е ужасно, на самата содржина на книгата“.

Така, на пример, неодамна таа ја прочитала биографијата на Бенџамин Френклин од авторот Волтер Ајзаксон. „Додека ја читав книгата, знаев дека не треба сè да научам само од оваа книга за Бен Френклин, бидејќи доволно знаев и претходно, ја знаев општата хронологија на настаните во американската револуција“, вели таа. „Сега, два дена подоцна, веројатно не би можела да ви ја повторам хронологијата на настани во американската револуција“.

Се разбира, некои луѓе кога еднаш ќе прочитаат книга или ќе гледаат филм, можат совршено да го запаметат дејството. Но, за многумина доживувањето на културните содржини е како полнење на кадата, влегувањето во водата, а потоа гледањето како истекува водата. Значи, останува она што ја наводенило кадата, но другото исчезнало.

„Паметењето има извесни внатрешни ограничувања“, вели Фариа Сана, асистентка на одделот за психологија на Универзитетот Атабаска во Канада. „Всушност, тоа е тесно грло“.

Кривата линија на заборавањето, како што се нарекува, најмногу опаѓа во првите 24 часа откако нешто сте научиле. Не може да се пресмета прецизно колкав процент сте заборавиле, но ако не го повторите материјалот, поголемиот дел ќе испари уште првиот ден, а дополнително и во следните денови, оставајќи ве со трошки од прочитаното.

Најверојатно, паметењето отсекогаш така функционирало. Но, Џерад Хорват, истражувач од Универзитетот во Мелбурн, истакнува дека начинот на кој луѓето ги примаат информациите и забавата го промени сфаќањето за тоа кој тип паметење го вреднуваме, а тој тип не е таков за да ви помага да го запаметите заплетот на некој филм што сте го гледале пред половина година.

Во времето на интернетот, сеќавањето што е способност спонтано во свеста да ја повикате информацијата – стана помалку потребна. Таа и натаму е потребна за тривијалностите со кои го забавувате друштвото на шанк, или паметењето на списокот на обврски, но сега е многу поважно, како што тврди Хорват, она што се нарекува меморија на рекогницијата. „Сè додека знаете каде е таа информација и како да дојдете до неа, всушност не ви е потребно да ја паметите“, вели тој.

Истражувањето покажало дека интернетот функционира како некој вид екстерна меморија. „Кога луѓето очекуваат да имаат пристап кон информацијата и во иднина, покажуваат пониска стапка на потсетување на самата содржина на информацијата“, се тврди во една студија. Но и пред постоењето на интернетот, производите за забава служеле како надворешна меморија по себе. Нема потреба да запаметите некој цитат од книга ако можете лесно да го пронајдете. Кога се појавија видео касетите, многу лесно можевте да се потсетите на некој филм или телевизиска емисија. Веќе го нема чувството дека ако не го „снимите“ делото во својот мозок, тоа засекогаш ќе биде изгубено.

Со своите сервиси за стриминг и написи на Википедија, интернетот уште повеќе го намали влогот при паметењето на делот на културата со која се занимаваме. Но и порано не сме го паметеле сето тоа.

Платон е познат дамнешен скептик во врска со опасностите од екстернализацијата на меморијата. Во Дијалозите меѓу Сократ и аристократот Федар, Сократ зборува за тоа како богот Теут го открил „користењето на буквите“. Египетскиот крал Там му вели на Теут:

„Ова твое откритие, имено, е во душите на оние кои ќе научат да раѓаат заборав заради невежбање на паметењето, зашто луѓето, потпирајќи се на туѓото писмо, ќе се сеќаваат само однадвор со знаци, а не одвнатре сами по себе“.

(Се разбира, идеите на Платон денес ни се достапни само затоа што ги запишал.)

„Сократ го презира пишувањето затоа што мисли дека тоа го убива паметењето“, вели Хорват. „И во право е. Пишувањето целосно го убило паметењето. Но помислете само на сите неверојатни работи што ги имаме благодарение на пишувањето. Никогаш не би го менувал пишувањето за подобра способност за памтење, никако“. Денес, интернетот нуди слична трампа: можете да пристапите и да користите онолку информации и забава колку што сакате, но нема да запаметите поголем дел од сето тоа.

Луѓето во својот мозок товарат многу повеќе отколку што се во состојба да задржат. Минатата година, Хорват и неговите колеги од Универзитетот во Мелбурн утврдиле дека оние што маратонски гледаат многу епизоди од некоја тв серија, многу побрзо ја забораваат содржината отколку луѓето што гледаат по една епизода неделно. Веднаш по гледањето на серијата „маратонците“ постигнувале подобри резултати на квиз прашањата за серијата, но по 140 денови имале полоши резултати отколку оние што гледале по една епизода неделно. Исто така, маратонците помалку уживале во сериите од оние што гледале по една епизода дневно или неделно.

Слично како со сериите, луѓето „маратонски“ се однесуваат и кон пишаниот збор. Просечниот Американец во 2009 година дневно се среќавал со 100.000 зборови, дури и ако не ги „читале“ сите. Тешко може да се замисли дека по девет години таа бројка се намалила. Во еден напис во весникот „The Morning News“, Никита Бакшани го анализира значењето на оваа статистика. „Зборот читање има свои нијанси“, пишува таа „но најчестиот вид читање е она што наликува на трошење, особено на интернет, кога читаме за да ја добиеме потребната информација. Таа информација нема шанса да стане знаење, освен ако не се „залепи“.

Или, како што тоа го дефинира Хорват: Тоа е моментално кикотење, по кое сакате уште едно. Тука всушност не се работи за учење на нови сознанија. Тоа е само стекнување на минливо доживување при кое само чувствувате дека навидум нешто сте научиле“.

Сознанијата од студијата за маратонското гледање или читање се дека ако сакате да ги запаметите работите што ги гледате или читате треба да им дадете простор. „Сеќавањето е посилно кога повеќе се потсетувате“, вели Хорват. Ако прочитате книга во еден здив, на пример во авион, вие за сето време само ја држите приказната во својата работна меморија. Никогаш не се навраќате на неа“, вели тој.

Сана наведува дека додека читаме често е присутно „чувството на флуентност“. Информацијата тече, ние ја разбираме и се чини дека таа лесно се складира во регистраторот што треба да биде оставен на одредена полица во нашиот мозок. „Но, всушност не се памти самото по себе, ако не вложите труд и се концентрирате и вклучите извесни стратегии кои ќе ви помогнат да запаметите“.

Луѓето би можеле да го сторат тоа кога учат или кога читаат нешто што им е потребно за работа, но малку е веројатно дека во слободното време ќе фаќаат белешки за „Девојките од Гилмор“.

Сепак, не се изгубени сите сеќавања. Некои од нив можеби едноставно постојат, недостапни, сè додека не се појави вистинскиот знак, можеби претходната епизода на „Девојките од Гилмор“ или разговорот за некоја книга што сте ја прочитале. Сеќавањето во суштина е сочинето од асоцијации.

Тоа може да објасни зошто Памела Пол и другите се сеќаваат на контекстот во кој читале некоја книга, но не и на нејзината содржина. Пол ја чува „книгата на сите книги“ или „БоБ" (book of books), уште од средно училиште - аналогна форма на екстернализирана меморија - во која е запишана секоја книга што сте ја прочитале. „БоБ нуди непосреден пристап до местата каде што сум била, психолошки и географски, во секој даден момент од мојот живот“, објаснува Пол во нејзината книга насловена „Мој живот со БоБ“, во која го објаснува овој феномен. „Секој запис предизвикува да се појави сеќавање кое, инаку, се чини дека е изгубено или станало нејасно со текот на времето.“

Во текстот „Проклетството на читањето и заборавањето“, Јан Крауч пишува: „Читањето има многу аспекти, од кои еден е дека е тоа прилично неопислива и природно минлива мешавина од мисли, емоции и сетилни манипулации што се случуваат во моментот, а потоа бледнеат. Дали читањето е само еден вид нарцистички маркер на тоа кој си и што размислуваш кога наидуваш на некој текст?“

Според мене, не е нарцисоидно да се запаметат годишните времиња на животот според уметноста што ги исполнила - пролетта со романтични романи, зимата со вистински криминал. Но, ако ја конзумирате културата со надеж дека ќе изградите ментална библиотека од која во секое време ќе вадите референци, веројатно ќе се разочарате.

Книгите, емисиите, филмовите и песните не се фајлови што ги испраќаме до нашиот мозок - тие се дел од таписеријата на животот, вткаени заедно со сето друго. Од далеку потешко е јасно да видите една нишка, но таа е таму.

„Навистина би било одлично ако сеќавањето е само чиста информација што ја преземате и така меморирате некој факт. Но, всушност, сеќавањето е многу повеќе, тоа е сè “, вели Хорват.

Извор: The Atlantic
Jungho Lee

ОкоБоли главаВицФото