Шовинистичкиот идиотизам на грчката левица

07.02.2018 13:35
Шовинистичкиот идиотизам на грчката левица

Централниот атински плоштад Синтагма во неделата беше сосема исполнет со демонстранти кои носеа сино-бели грчки знамиња. Настанот е продолжение на движењето кое се обидува да го спречи договорот околу грчкото признавање на соседна Македонија под нејзиното уставно име. Проценката на бројот на учесници се разликува од извор до извор (организаторите велат повеќе од милион, полицијата околу 150 илјади), но она околу кое сите се согласни е дека протестите околу ова прашање сега се поголеми од оние против мерките за штедење од 2009 и 2014 година. Повеќе луѓе наводно се вознемирени од можноста северниот сосед да се нарекува со име под кое веќе го признава големо мнозинство држави во светот, отколку од своевремено стрмоглавиот пад на реалните плати и пропаѓањето на социјалната држава.

Секако, постојат значителни разлики: додека претходните социјални протести беа спонтани, во организација на националистичките учествуваа цела низа водечки институции, од делови на безбедносниот апарат, преку црквата, до опозициските политички партии: конзервативни, социјалдемократски, либерални - и фашистичката Златна зора. На општото национално единство во „одбрана на Македонија“ се придружи и композиторот Микис Теодоракис (92), своевремено еден од најпознатите меѓународни симболи на отпорот против грчката фашистичка хунта од 1960-тите и 1970-тите. Овој поранешен член на Комунистичката партија во недела, опкружен на сцената со нацисти од кои некои салутираа над неговата глава, дрдореше луди теории за меѓународни заговори против Грција која сакаат да ја поделат како Југославија.

Десна левица

Запад, според Теодоракис, измислил некаква друга Македонија за да ја разбие Грција и да го контролира Балканот. Но, ако некому се чини дека овие фантазии се само бладања на сенилен старец, би можел да се изненади од фактот дека теориите ги подддржува голем дел од формалната грчка левица, како споменатата Комунистичка партија, која е парламентарна лева опозиција на владејачката Сириза. Според нејзината „теорија“, Македонците се само „измислена нација“ која не е „научно втемелена“, а прогласувањето независност на држава со македонско име всушност е обид на НАТО да преземе дел од Грција. Никому од големите теоретичари на оваа партија очигледно не му е чудна идејата НАТО да ја разбие својата членка Грција за да се прошири со својата не-членка Македонија. Чудни се патиштата натовски.

Работата е уште побизарна ако се знае дека токму Комунистичката партија своевремено беше еден од главните организатори на борбата за национално ослободување на Македонците, како на северот на Грција, така и во соседните земји. Тоа, впрочем, е еден од главните приговори кои со години остатокот од левицата (вклучувајќи ја и Сириза и нејзините претходници пред доаѓањето на власт) ги упатуваше кон комунистите. Сириза во меѓувреме, впрочем како и за сѐ останато, попушти пред меѓународниот притисок па „конструктивно“ настојува да се реши овој проблем, очекувајќи пофалба од меѓународните уценувачи. Но затоа нејзината позиција ја повторуваат „левите“ фракции на Сириза, кои се одвоија од партијата поради „предавство“ и сега се обидуваат да го искористат новото протестно движење за да го зајакнат отпорот кон своите поранешни другари.

Нов пресврт

Идејата дека милион и пол Македонци лукаво и лажно се претставуваат и ја прикриваат својата вистинска националност само за да ја оштетат грчката нација во корист на Америка очигледно сѐ уште има голема популарност меѓу грчките левичари од речиси сите бои. И тој факт не е безначаен во мигот кога на бизарен начин грчкиот ултранационализам се храни од социјалното незадоволство кое е последица на либералните политики на Сириза. Националистичкото протестно движење веќе ги зајакна фашистите и ги охрабри во уништувањето на неколку сквотови и левичарски центри. Ако мандатот на Сириза обележан од антисоцијалистичките политики на Сириза го подготви теренот за оваа протетстна експлозија на екстремната десница, шовинизмот на левицата во поглед на македонското прашање би можел да ѝ помогне на десницата да дојде на власт.

Затоа, не е чудно што одредени коментатори веќе најавуваат дека грчката политичка сцена по „левиот пресврт“ во 2012 година сега го доживува својот „десен пресврт“. Ни тој, судејќи според сѐ, нема да ја доведе во прашање силната евроатлантска ориентација на Грција ниту ќе ја запре политиката на приватизација и кратење на социјалните права, но би можел на направи многу во насока на трајно уништување на секоја социјална и демократска опозиција на режимот на мерки за штедење, попрскан со светата вода на грчкиот национализам. А таквиот развој добар дел од грчката левица очигледно може да го прифати подеднакво понизно како што своевремено ја поддржаа политиката на Сириза за „промена без промени“.

Извор: Bilten

ОкоБоли главаВицФото