Сега кажувам #10

08.02.2018 01:01
Сега кажувам #10

#СегаКажувам дека се изначитав деновиве потресни сведоштва и приказни на жени, девојки кои биле сексуално злоупотребени или вознемирувани. Моите искуства од типот заболекарот кој ми се лепи на забарската столица во средно, или учителот по ОТП кој смета дека е фраер што значајно нѐ допира со другарка ми, или инструкторот кој неумесно довикува од прозор по жените што поминуваат, шц, шц... или неколкуте таксисти од кои сум успеала да се извлечам пред да се случи нешто повеќе од вербално злоставување, ги сметам за лична траума со која си се борам, но сега кажувам дека нозете ми се потсекоа и ладна пот ме облеа, кога пред повеќе години, еден снежен и ладен ден, ми се јави другарка ми X, страшно вознемирена, во солзи и плач и ми раскажа што доживеала претходната ноќ.

Група млади Македонци излезени на пијачка и дружба, во Прага, после една вообичаена ноќ со пиво и муабет, решиле да си одат дома. Другарка ми решила да касне нешто пред спиење. Еден од тие Македонци, дотичниот Ф, решил да ѝ прави друштво, водејќи ја во најблиското отворено место каде си купила пица со феферони. Од таа обична дружба, другарка ми никако не можела да насети што ѝ се спрема. Немало ни ронка флерт или назнака за нешто повеќе од пријателска средба.

После изедената пица, дотичниот Ф ја моли другарка ми да ѝ го покаже неговиот дипломски филм. Поласкана што некој постар бара мислење од така млада колешка, другарка ми решава да отиде во неговата мала и валкана гарсониера, која случајно се наоѓа блиску до пицеријата.

Се разбира, филм се гледа во темница, па нема ништо чудно што Ф светлото го гаси. Првиот чуден момент се случува кога дотичниот ѝ ја распушта косата и додека X јасно му кажува дека не е заинтересирана, Ф е веќе над неа. Ја наседнал над стомакот и ѝ ги кренал рацете и цврсто ѝ ги фатил. Сите извици и молби да престане, одекнувале како ехо во тишината, додека Ф ја користел својата сила да влезе каде не смее. Ѝ го раскинал градникот, па панталоните. Чувството на немоќ и страв, но за жал и чувството на по малку себе-обвинување со кое ми раскажуваше, го чувствувам и сега, повеќе години после настанот. „Те молам немој, имам добиено, те молам...“ Но и тоа не го сопрело. Единственото нешто со кое решил да ја утеши, го изустил: „Имам крпа“. Се погрижил дотичниот да не си го извалка троседот. И покрај залудните молби и извици да престане, Ф решил да турка таму кај што не смее и да ѝ го забива тампонот внатре, за да си направи пат да влезе.

Почувствував срам кај неа, што се обидела да се спаси од болката, кога ми призна, сфаќајќи дека нема назад. Седнав, кога ми рече: „Се предадов и знаев дека нема бегање... Му реков, те молам пушти ме.... еве ќе ти го испушам...“, на што Ф се согласил.

Но, некако Ф не бил задоволен од „услугата“, не го возбудувало тоа доволно, а и можеби го олутиле феферонките, па дотичниот, ја грабнал пак во истата позиција од претходно и се вратил на првобитната намера. Да влезе веднаш, после тампонот.... Гнев, солзи, викотници... После долга борба и молење, Ф веројатно се изморил и попуштил со силата со која ја држел: „Па нејќам да те силувам ебате...“

Во тој момент другарка ми X успеала да се извлече од неговите испотени шепи, го грабнала капутот и истрчала од станот. Минус 15, сама на студот, гола, само со капут, без клуч, телефон, облека и во солзи. Ѝ отворила цимерката. Нормално, ноќта не спиела, ја поминала во кадата....

Ја молев да го пријавиме... Но стравот и срамот кој другарка ми го чувствуваше, ја натера никогаш да не го направи тоа.... Како дури да беше благодарна што завршило и што извлекла жива глава. Не рече, но чувствував дека има и доза на себе-обвинување, или зошто бев толку наивна, зошто отидов, зошто не направив нешто друго, побрзо да се спасам... Се плашеше за консеквенциите кои би ги имал дотичниот, да не ѝ се свети, да не ја загрози повторно. Страв. Страв и срам излегуваше од секој нејзин збор... истиот тој страв и срам кој ја натера да ја закопа оваа траума, но за жал, во себе. Уште не може да зборува за ова јавно, затоа јас сега кажувам...

Драга моја X, не чувствувај вина. Не плаши се. Не си ти виновна што си жена и што не ти се дига - за да им е јасно на слепците и насилниците дека не сакаш! Не значи Не! А на Ф се надевам дека му се исуши. Те сакам

#сегакажувам#TaniTregoj

Слика: Saint Hoax

Слични содржини

Активизам / Став
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Општество / Активизам / Свет
Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот

ОкоБоли главаВицФото