Младата Девојка како феномен (1)

08.02.2018 12:57
Младата Девојка како феномен (1)

 

Tiqqun е француско списание кое излегуваше од 1999 до 2001. Го основа и во него објавуваше текстови колектив од анонимни ситуационистички левичари, постдеборовски филозофи и уметници, радикални критичари на капитализмот. Последните неколку години, благодарение на американските преводи, ја доживува својата планетарна реинкарнација, во новиот контекст на капитализмот во распаѓање, биополитиката и економско-еколошките кризи.

Во текстот Граѓа за теоријата на Младата Девојка, објавен во 1999 во списанието, а во 2001 и како книга, Младата Девојка е модел на граѓанското постоење во добата на потрошувачкото царство, но не се однесува само на битијата од женски род ниту само на младите луѓе, туку е општа, метафизичка фигура. (Самиот поим Jeune-Fille во францускиот јазик е неологизам, што нагласува дека се работи за категорија, а не за дескриптивен поим, па можеби би можеле да напишеме и МладаДевојка или нешто слично.) Сите ние сме Млади Девојки во онаа мера во која сме робови на конзумеризмот, испразнети и претворени во пиони „во сеопштата војна која власта ја презела за да го искорени она негативното“ и кога „заведувањето е новиот опиум за масите“. Во текстот кој е компилација на афористични (типографски различно обликувани) извадоци, истовремено исполнет со вокабулари од женски списанија и неомарксистички анализи на капитализмот (особено идејата за живата валута на Пјер Клосовски/Pierre Klossowski), со асоцијации на Прустовата Албертина и цитати од романот Фердидурке на Гомбрович (Gombrowicz), Младата Девојка е симптом, симбол, тест за бременост, митолошки јунак, полиморфен агенс на анализа на современиот свет; таа е коректна и апстрактна, стварна и алегориска, магнетно-резонантна фотографија и ласерски филозофско-хируршки скалпел: „Младата Девојка е најчистиот облик на опредметените односи; таа дури им е вистина. Младата девојка е антрополошки кондензат на реификацијата... Младата Девојката е оптимистична, воодушевена, позитивна, задоволна, ентузијастична, среќна; со други зборови, таа страда... Младата Девојка не сака, таа се сака себеси како сака... Младата Девојка не се сака себеси; таа ја сака својата слика.“

На Окно во неколку продолженија ќе ја претставиме Граѓа за теоријата на Младата Девојка.

 

 


Младата Девојка како феномен

Младата Девојка е најлошиот вид Блум.

Младата Девојка е добра само за конзумирање - на слободното време или работата, не е важно.

Интимноста на Младата Девојка изедначена е со секоја интимност воопшто, и така станува нешто анонимно, надворешно и предметно.

Младата Девојката никогаш ништо не креира, таа се рекреира.

Дури и ексцесите на Младата Девојка се мошне разборити.
Како и сите производи својствени на Спектаклот, Младата Девојка е само облик на ништожност.

Често, пред премногу очигледно да се распадне, Младата Девојка се мажи.

Младата Девојка мисли дека е доволно да се живее за да биде. Доволно е човек да ја слушне за во тоа да се посомнева.

Агресивната моќ на Младата Девојка во ширењето на Спектаклот произлегува од тоа што во неа се поклопуваат две надгледувани апстракции кои тој уште од првите децении на дваесеттиот век здружени ги навртел против традиционалното општество и револуционерната закана: Младоста и Женскоста. Како што тоа извонредно го покажа Стјуарт Ивен (Stuart Ewen) во Captains of Consciousness, стоковото општество ги обработи и промислено наметна, од дваесеттите години, Младоста и Женскоста како индустриски идеали во служба на масовното ширење на конзумеристичкиот идеал и постојаното обновување на животот кој се поврзува со модернизацијата на капитализмот. Младоста нудеше модел на целосна покорност и целосна пасивност, како и односи во општество втемелено исклучиво на конзумација, со која Спектаклот ја покануваше да се извлече од потчинетоста на која традиционално е осудена. Што се однесува до Женскоста, таа штотуку брзо излезе од забранетото место на малцинство во кое беше долго држана и доделени ѝ се две езотерични знаења својствени за новата општествена организација: конзумација и заведување. Што значи дека Спектаклот ги ослободил робовите од минатото, но ги ослободил како робови.

Најекстремната баналност на Младата Девојка е тоа што се смета за оригинален/оригинална.

Иако подразбира неоспорна ограниченост на полето на искуството, рахитичниот карактер на јазикот на Младата Девојка во никој случај не е практичен хендикеп, бидејќи не е направен за да говори, туку за да задоволи и повторува.

Младата Девојка не го познава бескрајот на препуштањето.

Дрдорењето, љубопитноста, двосмисленоста, трачот, Младата Девојка ја олицетворува полноста на непристојноста на егзистенцијата, на чии категории укажа Хајдегер.

Младата Девојка е лага чија апотеоза е најзиното лице.

Кога Спектаклот извикува дека жената е иднината на човекот, подразбира дека се говори за Младата Девојка и дека предвидува иднина на тотално кибернетичко ропство.

Сета филозофија со која Младата Девојка успева да живее се состои од десетина неартикулирани концепти кои веднаш се и морални категории - целиот дијапазон на нејзиниот вокабулар на крај се сведува на парот Добро-Зло. Се разбира, за да ѝ се предочи светот, тој треба прилично да се поедностави, а за во него да живее среќно, треба да изврши многу мачеништва, а пред сè да направи маченичка од неа.

Во Младата Девојката најлесните нешта се најболни, најприродните се најфалсификувани, а најголемите човечки се најголемите механички.

„Младите луѓе и нивните мајки ќе ги набават општествените принципи на конзумеристичката етика преку животните стилови понудени од огласите... Адолесценцијата е рецентна категорија создадена од потребите на масовната потрошувачка, во која таа фигурира токму како ’животен период одреден од односот на чистата потрошувачка во општеството‘“ (Стјуарт Ивен, ibid.)

Младата Девојка непроменливо го нарекува „среќа“ сето она со што ќе ја подјармат.

Младата Девојка никогаш не е едноставно несреќна, таа исто така е несреќна зашто е несреќна.

Како последно засолниште на идеалот на Младата Девојката е домаќинството.

Како што во Младата Девојка нема чедност, така нема ниту разврат. Младата Девојка едноставно е туѓинец за своите желби, како и за своето тело. Здодевноста на апстракцијата го надополнува свршувањето.

Кога ѝ се обраќа токму на Младата Девојка, Спектаклот не се плаши од малку батмологија. Оттаму, сè што boy бендовите и girl бендовите изведуваат на сцена е токму нивната изведба на сцената. Овде лагата се состои, и тоа на начин на највулгарна иронија, од тоа што како лага се претставува она што е самата вистина на Младата Девојка.

Младата Девојка ја фаќа вртоглавица кога светот ќе престане да се врти околу неа.

Младата Девојка се сфаќа како заробеничка на светата моќ: моќта на стоката.

Нема ништо што Младата Девојка не би можела да воведе во затворениот хоризонт на своето бедно секојдневие, поезија исто како и етнологија, религија исто како и метафизика.

Мајката и курвата, во Вајнингерова (Weininger) смисла, подеднакво се присутни во Младата Девојка. Но како што едната нималку не ја воздигнува, другата не ја омаловажува.

Младата Девојка е фасцинантна како што се фасцинантни сите нешта кои изразуваат затвореност во себе, самодоволност, индиферентност кон набљудувачот, како што се инсектот, храната, автоматот или Фукоовото нишало.

Младата Девојка е неосвоива во својата пасивност.

„Слободата“ на Младата Девојка ретко оди подалеку од фалбаџиското обожување на најтривијалните производи на Спектаклот; таа исклучиво се состои од застој во однос на нуждата за отуѓување.

Младата Девојка сака да биде посакувана без љубов или сакана без желба. Во секој случај, отуѓувањето е зачувано.
Младата Девојка има љубовни приказни.

Доволно е да се присетиме што таа нарекува „авантура“ за да се добие јасна идеја за бедата на Младата Девојка.

Младоста на Младата Девојка не е помалку одвратна од нејзината старост. Од еден крај до друг, животот е само грда деградација на грдото, а никогаш постигнување јасен облик. Младата Девојката на крај изгнива.

Младата Девојка е само она што скрупулозно се подложува на авторитарната поделба на улоги.

Како сите списанија кои ѝ се наменети и кои таа така грижливо ги проголтува, животот на Младата Девојка е поделен и уреден според рубриките меѓу кои владее најголема одвоеност.

Љубовта на Младата Девојка е аутизам за двајца.

Младата Девојка е стара со самото тоа што знае дека е млада. За неа се работи само за тоа да профитира од тоа одложување на казната, односно да направи неколку разумни ексцеси, да доживее неколку „авантури“ предвидени за нејзините години, а сè со оглед на моментот во кој ќе треба да се смири во ништожноста на возрасноста. Оттаму, општествениот закон, за време на гнилата младост, содржи и сопствени прекршувања, кои и не се ништо друго туку негови исклучоци.

Младата Девојка сака автентичност зашто тоа е лага.

Машката Млада Девојка има нешто парадоксално, а тоа е дека таа е производ на „отуѓувањето од зараза“. Ако женската Млада Девојка се јавува како олицетворение на одреден отуѓен машки привид, самото отуѓување на тој привид нема ништо привидно. Таа штотуку побегнала од оние чиишто фантазми ги населувала за да се исправи пред нив и да ги угнетува. Колку што Младата Девојка се еманципира, цвета и буи, толку повеќе сонот се претвора во секојдневен кошмар. И стариот роб доаѓа да го тиранизира својот довчерашен господар. На крајот, присуствуваме на ироничен епилог во кој „машкиот пол“ е жртва и објект на сопствените отуѓени желби.

Младата Девојка е тотална потрошувачка фигура, и во сите домени на постоењето се однесува како суверен потрошувач.

Секаде каде што има „среќа“, МД е како дома.

Младата Девојка многу добро ја знае вредноста на стварите.

Губењето на метафизичката смисла не се разликува, во Младата Девојка, од „губењето на свесноста“ (Гелен/Gehlen), што ја потврдува крајната модерност на нејзиното отуѓување.

Младата Девојка се движи во заборавот на Битието, како и во заборавот на случувањето.

Младата Девојка личи на својата фотографија.

Со оглед дека нејзината појава целосно ја исцрпува нејзината суштина, а нејзиното претставување нејзината стварност, Младата Девојка е целосно искажлива; како и совршено предвидлива и апсолутно неутрализирана.

Младата Девојка постои само во мера во која е посакувана и се познава само по она што за неа се кажува.

Младата Девојка се појавува како производ и основен пазарен извор на ужасната криза на вишок на капиталистичката модерност.

Начинот на бидување на Младата Девојка е небидување.

Да се постигне „успех и во емоционалниот и во професионалниот живот“, одредени Млади Девојки се гордеат со тоа како со амбиција за почит.

„Љубовта“ на Младата Девојка е само збор во речник.

Лаура беше чедна до порочност, Младата Девојка е расипана до чедност.

Младата Девојка не си игра со надворешноста, надворешноста си игра со неа.

Уште повеќе од женската Млада Девојка, машката Млада Девојка со својата празна мускулатура ги манифестира сите особини на апсурдноста, она што Фуко го нарекуваше „дисциплина на телото“: „Дисциплината ги зголемува силите на телото (во економска смисла, корисноста) и ги намалува истите тие сили (во политичка смисла, покорувањето). Со еден збор: таа ги разделува силите на телото; од една страна од нив прави ’способност‘, ’капацитет’ кој настои да го зголеми; од друга страна ја извртува енергијата, моќта која би можела да произлезе од тоа и од неа прави однос на строга потчинетост“ (Мишел Фуко, Надзор и казна).

„Ох, Младата Девојка, тоа збиралиште на срамни тајни, заробена од сопствената убавина!“ (Гомбрович, Фердидурке)

„Токму тоа ме заведуваше кај неа, зрелоста и сувереноста на младоста, тој стил полн со сигурност. Додека ние таму, во училиштето, доживувавме избивање на акни и идеали, со трапави движења и неспретност на секој чекор, нејзината надворешност беше совршена. Младоста кај неа не беше доба на премин: за една модерна девојка младоста претставуваше единствениот вистински период на човеково постоење. (...) Нејзината младост немаше никакви потреби од идеали, бидејќи во самата себе беше идеал.“ (Гомбрович, Фердидурке).

(ПРОДОЛЖУВА)

Слики: Emma Magenta

Превод: Стефан Симоновски

Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille

 

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Култура / Теорија
Книжевност / Психологија / Теорија
Книжевност / Психологија / Живот / Теорија
Квир / Книжевност / Теорија

ОкоБоли главаВицФото