Етничкиот идентитет „Македонка/Македонец“ ќе си опстои и ако ја урнисаме нашава држава

09.02.2018 09:44
Етничкиот идентитет „Македонка/Македонец“ ќе си опстои и ако ја урнисаме нашава држава

Да ви каже нешто чичо Жарко Македонски Бродски.

Нашава држава (ДФМ, НРМ, СРМ, РМ, па и ПЈРМ) никогаш и не изградила НАЦИОНАЛЕН граѓански идентитет „Македонци“.

Само во еден ран државен документ имам пронајдено израз во кој се спомнува зборот Македонци, независно од етнос.

Затоа, не можеме да го изгубиме идентитетот што не сме го изградиле.

Не можеш да изгубиш нешто што го немаш.

Етничките идентитети и нивното изразување се дел од човековите права, а за човековите права не се преговара!

Ниту може некој да ти ги одземе правата. Може само да ги повредува, да те дискриминира, а во секој случај на повреда имаме право да се бориме за заштита на нашите права.

Значи, никој нема право да нѐ дискриминира врз основа на етничка припадност, ниту врз основа на јазик.

Етничката припадност си останува „Македонка/Македонец“, а јазикот си останува „македонски јазик“, како дел од јужнословенската група јазици.

Тој што ќе се дрзне да преговара за овие аспекти од индивидуалниот идентитет, ќе направи флагрантна повреда на човековите права.

Етничкиот идентитет „Македонка/Македонец“ не зависи од името на државата на тој/таа што се идентификува така. Прво, затоа што етничкиот идентитет „Македонка/Македонец“ е право на сите граѓани кои ќе се изјаснат така, независно во која држава живеат и плаќаат данок.

Второ, нема ништо поглупаво од манипулациите дека етничкиот идентитет „Македонка/Македонец“ зависи од уставното име на државата (кое неколку пати се менувало досега). Етничкиот идентитет „Македонка/Македонец“ ќе си опстои и ако ја урнисаме нашава држава, како што си опстојувал и кога сме ја немале државата Македонија. Тие што манипулираат дека етничкиот идентитет „Македонка/Македонец“ зависи од името на државата, се на иста линија на размислување како оние што го негираат етничкиот идентитет „Македонка/Македонец“ пред АСНОМ.

Во „југословенска Македонија“ не бевме Југомакедонци, туку Македонци, а и во Европска Македонија нема да бидеме Евромакедонци, туку Македонци!

Клучното прашање е дали сакаме да го решиме овој идиотски проблем кој им остава огромна можност за манипулации на наци-политичарите и во Македонија и во Грција.

Ако проблемот се реши, на етничкиот идентитет „Македонка/Македонец“ нема ништо да му фали, ќе им фали само можност за манипулација на криминалците кои лажно се претставуваа(т) како патриоти бранители на идентитетот.

Ако проблемот пак не се реши, Бил, Џим, Џорџ и другите македонски патриоти со туѓи пасоши ќе имаат уште пар децении да се удираат во гради како најголеми Македонци и бранители на името, ќе си уживаат и плаќаат даноци во нивните нови татковини, а Република Македонија буквално ќе остане политичко дно на Балканот и Европа.

Ако остане, разбира се!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Небојша Гелевски