Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (9)

09.02.2018 12:43
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (9)

Владимир Плавевски, Земјотрес, 05:17 (Македоника литера)

 

Виделината одумира.
Ноќта го задушува руменилото на хоризонтот и свенатото небо.
Облаците предавнички ја менуваат формата, а водата го наслушнува црцорењето на брановите.
Сонцето се дави во пеплосаната вода и истура облаци.
Грди облаци се ѕверат од небо и ја ораат синевината.
Од разорaната синевина се раѓа руменило кое се потпикнува во скутовите на земјата.
Реката ја мрси својата лигава ќела со палави бранови кои се прпелкаат како риби исфрлени на суво.
А на дното на водата, се будат ѕверовите од земјата.
Црвите повраќаат трулеж.
„Што се случува“, прашуваат црвите.
„Сега ќе јадете колку што сакате“, одговараат разбудените ѕверови од земјата.
Се ведат во земјата како мравки заскитани во темнината, малаксани од истрошената виделина.
Душата не сака да ме разбуди, се престорува црвец и рие по длабината на епителот, штитејќи ми ги очните јаболка кои стенкаат од болка.
А надвор е задушливо.
Воздухот смрди и ме притиска како планина.
Ветрот стивнува.
Ѕверовите почнуваат да танцуваат, поминуваат низ земјата што крцка, трепери, потскокнува, вибрира, се бранува, пропаѓа.
Ритамот се забрзува во налудничав танц.
„Стани! Стани, има земјотрес!“, ме буди гласот на Ефка.
Ги отворам очите.


Ефка, покриена со пепел, стои над мене и ме тресе да се разбудам. Срипувам. Целата соба се лулка во налудничав танц. Собата танцува, а јас одвај одржувам рамнотежа. Дрвениот син креденец заканувачки крцка и се навалува кон мене. Од него отскокнува собниот часовник кој профучува крај моето уво, удира во ѕидот и се распарчува. Ги погледнувам стрелките .
5.17 часот!
Од таванот се одлепува малтер. Шпоретот грозоморно чкрипи. Се отвора капакот од рерната и на секое изместување на подот се отвора и затвора во ритамот на движењето. Дрвениот држач на завесата отскокнува од лежиштето над прозорецот и паѓа врз мене. Го задржувам со рацете. Завесата се заплеткува околу мене и ме опфаќа како рибарска мрежа. Врескам панично и ја кинам завесата. Прозорските стакла се пафтаат небаре се сториле големи птици и удираат во ѕидот. Одеднаш рамката на прозорот се изместува од ѕидот и паѓа кон Ефка. Стаклата удираат во неа и се распрснуваат.
Таинствен татнеж ми го раскинува слухот. Собата морничаво крцка и стенка. Масивната маса при накривување на собата душмански ми се приближува и ме притиска кон ѕидот. Креденецот постојано истура чаши, вазни, тањирчиња, шолји, кутии и ги пафта вратниците кои чкрипат и трескаат .Од ѕидот и од таванот постојано прска малтер и нѐ опсипува. На ѕидовите се појавуваат дијаметрални пукнатини од агол до агол. Малтерот се лупи и прска во собата.
Прашина нѐ опсипува и Ефка и мене. Не можам да гледам, не можам дури ни да врескам од прашината.
Одеднаш, татнежот престанува. Тресењето се смирува. Се лула само лустерот во кујната. Јас сум скоро гола оти во врелата ноќ заспав само во гаќи и градник. Го барам фустанчето во пеплосаната соба и брзо се облекувам. Ефка се стрчува кон вратата. Вратата не се отвора. Притрчувам и јас и заедно ја влечеме. Вратата се заглавила во ѕидот. Бучавата повторно екнува. Лулкањето повторно не опфати, сега во друга, обратна насока.

 

Јордан Плевнеш и Маја Јакимовска – Тошиќ, Романот за тајната книга (Магор)

На 12 април, утрото пред изгревот на Сонцето, Павле Бигорски се разбуди на карпите од Голем Град пред самата црква Св. Апостоли Петар и Павле, на пролетниот дожд што изливаше како од кобли, од устата сѐ уште му течеше крв, и прво што помисли дека Господ, Севишниот, на небото го држи неговиот јазик и се прашува на својот трон како е можно тоа, еден непознат крстоносец од Западна Европа да му го пресече јазикот на божјиот раб Павле Бигорски, на човек што дојде дури од Сицилија, ем христијанин ем богомил, значи христијанин плус, и да замине во непознат правец со ракописот на глаголица и на латински од неговата усна поема наречена Тајна книга, и како ќе замине сега ем без јазик ем без книга.

Бидејќи тој ја кажуваше својата Тајна книга напамет, сега не ќе може да ја кажува, ќе може да ја пишува, но сега го прогонуваат, тој не ќе може да има ни миг,ни минута, ни час, можеби ни ден ни ноќ!

Сатанаил го искушува и му го пресече јазикот, сега ќе дојде друг и ќе му ја пресече главата. Ги испружи двете раце кон небото и од десната рака му испадна парчето пергамент, на кое беа напишани две сосема обични букви на латиница со злокобна најава на име или на адреса или на пат, или на пад на којшто пишуваше:

ТН

Тој со молчење му се обрати на Севишниот и сакаше да му рече: „Господе Боже Исусе Христе, Ти направи крстоносците да ми ја одземат Тајната книга, ми ги уништија и целото семејство и целиот Голем град на моето детство, а ми остави само две букви напишани на парче пергамент ТН, што ќе правам јас со нив, каде ќе одам и во која матна ќе се давам?!“

Ги виде изгорен и пуст Островот и Градот, никој друг не виде и тргна по патот што го знаеше како дете и местото наречено Високото, кај фојата што му го расплака срцето. Тој се затрча силно, го стави пергаментот в уста и си рече:„Ќе те чувам додека дишам“, и се фрли во длабочините на Езерото, мислејќи дека може да се збогува со животот во еден миг што не трае подолго од обична молскавица.

Го преплива растојанието од Островот до селото Коњско на брегот, влегувајќи во единствениот залив на Преспанското Езеро, каде што владее типична медитеранска клима и каде што растат олеандри и бутенвилии, притоа не знаејќи каде е Медитеранот, а каде е Преспа, за време во кое се чувствуваше лесен како пердув, и му рече на Господ додека пливаше: „Боже, Господе мој, држи го јазикот во твоите раце. Уште малку сакам да ја гледам планината Галичица кога ќе излезам од Коњско по ридовите и сакам да ѝ речам: „Галичице, мајко, спомни си за тоа дете што замина одовде, а ти му остана врежана во спомените и умот“.

И тој леташе веќе од Галичица кон Пелистер, и оттаму кон Бигла планина, и оттаму кон Солунска Глава, бидејќи го знаеше тајниот козји пат Виа Сакра Алтернатива (Via Sacra Alternativa VSA), кој богомилите го изодуваа од Преспа до Богомила на ходочастие кај духовниот татко Богомил и неговиот гроб, кој беше го потрефил во близината на параклисот наречен Корабска црква, под еден илјадолетен даб.

Го гледаш Дабот и мислиш го гледаш дедо Богомил со белите коси и белите бради, и сѐ што ти паѓа на ум му кажуваш, и тој ти одговара и не знаеш: Небото ли зборува, дабот ли зборува, гробот ли зборува, сеедно, тој ти зборува. Сеедно, невидлив, а сеприсутен во него, во тебе, во нас. На Плетвар има една бука од која извира вода, и водата се качува по дрвото и потоа паѓа, и таа шубурка и ја викаат богомилски водопад, бидејќи тука богомилите пиеле вода на патот од Преспа кон Богомила.

Павле Бигорски ја отвори устата и во неа течеше богомилска вода, која му ја миеше крвта од пресечениот јазик, и тој се опули кон бескрајот и си помисли тивко, во себе: „Сатанаиле, те победив. Зашто точно е дека ми го пресече јазикот, но ми останаа очите, ми останаа ушите, ми остана носот, ми остана челото, ми остана дел од јазикот, ми останаа рацете и нозете и ми остана една адреса од тие што ми уништија сѐ. Адресата е ТН. Зашто, замисли ги сите војници на Самуил во 1014 година, на кои им ги ископаа очите, јас бев казнет, но сепак, поштеден од мрак!“