Простете за Југосферата

23.08.2010 14:35
Простете за Југосферата

Пред една година напишав статија за Economist во која го употребив изразот „Југосфера“. Тогаш го напишав зборот на Гугл и се појавија девет резултати, но ниеден од нив не го означуваше она што сакав да го кажам.

Ако денес го напишете зборот „Југосфера“ или „Yugosphere“, ви се прикажуваат околу 32 500 резултати. Постојат страници на Фејсбук и на Википедија, а зборот влезе во употреба и луѓето со него се служат како отсекогаш да постоел. Дали тоа е чудно или не?

Значи, ова е приказната за Југосферата...

Едноставна идеја. Еднаш одамна, еден англиски крал, Викинг кој се викал Кануте, сакал да им покаже на дворјаните дека моќта му е ограничена и дека, што и да зборувал тој, постоеле нешта кои не можеле да се променат. Кралот седнал на престолот и и’ заповедал на плимата да не надојде. Се разбира, набрзо водата му ги заплискуваала нозете. Предлагам водата да ја замените со југосферичните факти и ќе сфатите што сакам да кажам.

Зад Југосферата не се крие никаква сложена идеја. Едноставно ми требаше збор со кој би ги опишал односите меѓу народите и државите на поранешна Југославија. Тоа беше измислен збор кој требаше да го опише она што е заедничко за луѓето, она со кое тие и нивните земји заедно се служеа и заедно работеа. Делумно тоа е заедничката култура, поголемиот дел е заедничкиот јазик, нешто од тоа бизнисот, а многу од тоа се навистина здодевни нешта.

Да ги земеме само последниве два месеца. Еве неколку примери кои би ги нарекол југосферични: најавата дека се основа нова заедничка железничка компанија на Србите, Хрватите и Словенците. Средбата во Сараево на која се сретнаа претставниците на лотариите од Црна Гора, Словенија, Хрватска, Србија, Босна, Косово и Македонија, каде беше разгледувано основањето заедничка лотарија на која главната добивка би изнесувала и до 20 милиони евра. Спогодбата за воена соработка меѓу Србија и Хрватска. Расправата за престројување на југословенската фудбалска лига, се разбира, под друго име. Идејата за заедничка кандидатура на Србија, Хрватска и Босна за домаќини на Европското фудбалско првенство во 2020 г. Потпишувањето на договорот за испорачување меѓу Србија и Хрватска, а следат и слични договори со Босна и Црна Гора. Најавата за отворање Регионален центар за борба против организираниот криминал, врз основа на полициската соработка меѓу Србија и Хрватска, но отворен за соработка меѓу останатите земји од регионот.

Да продолжам? Да ги земеме судењата за убиството на Иво Пуканиќ кои истовремено се водат во Загреб и Белград, додека трагите, наводно, водат во Босна и Црна Гора.

Пред неколку недели патував со автобус од Србија во Косово. Кога стигнав на целта, добив порака на мобилниот. Не пишуваше „Добродојдовте на Косово“, туку „Добродојдовте во Словенија“. Зошто? Бидејќи вториот косовски мобилен оператор е во словенечка сопственост, а бидејќи Косово нема сопствен меѓународен повикувачки број, мрежата го позајмува словенечкиот.

Од очигледни причини Косово е само половина во Југосферата, но доволно е да се фрли поглед на производите во продавниците и супермаркетите за да се уверите дека Југосферата живее и овде. Дали Косоварите јадат албански кекси? Не, туку хрватски. Кое им е најомиленото млеко? Алпското. Можеби и не ги сакаат толку многу Србите, но јасно е како ден дека ги сакаат смоките и спрските крем банани, како и српските керамиди.

Освен текстот за Economist, напишав и подолг текст за истата тема за London School of Economics (LSE). Кога го најавив, многумина беа скептични. Некои ме прашуваа: „Што има ново во тоа?“ Па, сигурно е природно и се случува со години, коментираа истите. Да, им одговарав, но според мене, ново е дека достигнавме точка на пресврт, точка која го означува феноменот со поголеми размери од тоа дека супермаркетите Конзум, Меркатор и Делта ја гледаат целата поранешна Југославија како домашен терен, а не само како поранешни бази.

Кога излезе статијата, секаде беше споменуваана и цитирана. Сепак, се грижев како ќе ја примат на LSE, каде некои реакции беа исклучително неповолни. Ама не морав долго да се грижам. Неколку недели подоцна разговарав со деловните челници на Србија, Хрватска, Црна Гора и Босна собрани на состанок во Белград. Југосферата, или како и да ја наречете, е нешто сосем природно, заклучија тие. Ситуацијата е тешка, а пазарите на сите поранешни југословенски држави се „микроскопски“, како што се изразија тие. Кога ќе се соберат сите жители заедно, тие се 22 милиона, што е сериозна бројка, но не толку многу, бидејќи Пекинг или Шангај со околината имаат по толку. Значи, ако во бизнисот имате компаративна предност благодарение на јазикот или на тоа дека купувачите израснале со вашите производи, не ви преостанува ништо друго освен да ја искористите можноста.

На собирот беше и Емил Тедески, сопственик на Atlantic Grоup. Како и повеќето Хрвати, тој го мрази изразот Југосфера, но да погледнеме што тој, или поточно, неговата компанија, прави. Само што ја купија словенечката компанија Droga Kolinska која поседува неколку големи српски брендови и има дистрибуција и производствени погони низ цела поранешна Југославија. Погледнете го извештајот на Atlantic Grоup. Како и обично, во него се користи изразот „југоисточна Европа“ за да се опише бивша Југославија. Во него, на пример, се наведува дека имаат 16 дистрибуциски центри. Освен оној во Хрватска, тоа се: Широки Бријег, Сараево, Тузла, Лакташи, Бихаќ, Љубљана, Белград, Нови Сад, Ниш, Чачак, Подгорица и Скопје. Нема сомнежи дека сиве овие градови се наоѓаат во југоисточна Европа, но истовремено ја покриваат и областа на поранешната држава.

Сега доаѓаме до она што на луѓето им пречи кај Југосферата, а посебно во Хрватска. На некои им пречи самата идеја. Не можат да се помират со фактот дека нештата главно се враќаат во нормала и дека сè си тече по старо, со старата екипа. Всушност, на повеќето им пречи името. Да се разбереме: на ниеден начин јас не сум емоционално ангажиран во тоа. Тоа не е никаков посебен проект, ни бизарна идеја за создавање на нова Југославија, ни британска завера. Наречете го тоа како сакате или преправајте се дека не се случува, ако ви е помило така. Мене ми е сеедно. Зарем јас не спијам навечер зашто кошаркарската федерација на Југосферата се нарекува Јадранска лига, иако ни Македонија ни Србија не се близу Јадранското море? Важно ли е што и локалните и меѓународните компании зборуваат за јадранскиот регион? Ни случајно.

А што е со гнасното злосторство за југоносталгија за која ме обвинуваат? Пред војната никогаш не сум бил во Југославија, па не можам ни носталгично да копнеам по неа. Но мислам дека обвинувањата за југоносталгија често доаѓаат од оние кои од идеолошки причини се противат и на самата помисла дека луѓето на овие простори делат заедничко минато, заеднички проблеми и, во многу нешта, заедничка иднина. Хрватска компанија купува словенечка компанија која веќе купила српска компанија која продава производи во Македонија и Босна. Тоа не е југоносталгија, тоа е бизнис. Дали југоносталгијата е причината што хрватскиот ланец на дуќани за злато вработува српски електричари за воведување електрични инсталации во дуќаните? Не, причината се јазикот, меѓусебното разбирање и цената. Зошто Gorenje ги сели производствените погони за некои апарати за домаќинство во Стара Пазова? Поради носталгија? Ако мислите така, не морате да се трудите да читате понатаму - вие сте изгубен случај!

Дали Северина е популарна во Србија, а Тоше Проески ѕвезда во Хрватска поради југоносталгијата? Ги поттикнува ли југоносталгијата големите издавачи да продаваат книги од едниот до другиот крај на поранешната држава, или мотивите им се економски и здраворазумски? Па, ви се молам! Југославија умре пред 20 години!

Треба да се каже дека сите поранешни југословенски републики се соочуваат со идентични проблеми кои бараат и идентични решенија. На пример (со исклучок на Косово), сè помалубројното и остарено население, нискиот прираст, недостатокот на имиграција која би го надоместила тоа и растечките проблеми со пензиите. Економската состојба се разликува во сите држави, но сите се трудат да се извлечат од рецесијата. Корупцијата, непотизмот и вмешувањето на политиката се проширени и сеприсутни. Организираниот криминал отсекогаш ја сметал поранената држава како една територија.

(...)

Па така, сето она што се нарекува Западен Балкан или југоисточна Европа всушност претставува камуфлирана Југосфера. Какви политички импликации има тоа? Потенцијаллно, тоа значи дека сите поранешни југословенски републики го усогласуваат и ускладуваат сето она кое може да им донесе најголема корист, а тоа веќе почна да се случува.

Но добро, ве слушам како велите „сè тоа е добро, но очигледно ги затворате очите пред вистинските проблеми, на пример, меѓу Косово и Србија, во Македонија и, пред сè, Босна.“ Не ги затворам очите, само тврдам дека таму се случуваат многу добри нешта за кои не се пишува или не се сфаќаат правилно.

(...)

Сметам дека Југосферата е бенигна творба и штета е, иако разбирливо, дека многумина, посебно во Хрватска, приговараат за името. Но нема ништо неизбежно во тоа. Видовме како поединци имаат моќ да ги разорат животите на милиони луѓе и да го обележат духот на времето на најдеструктивниот можен начин. Не мислам дека Босна ќе се распадне и дека ќе ги редефинира границите, ама немам критална топка. Најпосле, јас бев еден од оние будали кои велеа дека нема да има војна во Босна бидејќи сите знаат дека ќе има крв до колена, па нема да дозволат да дојде до такво нешто. Поуката, барем според мене, гласи дека добрите нешта кои се случуваат сега нема да се случуваат и понатаму ако не ги развиваме и не внимаваме над нив, ако не ги поттикнуваме и не ги негуваме.

Јасно ми е дека многумина Хрвати не можат да го проголтаа зборот Југосфера. Но да се запрашаме зошто. Не е тоа само поради претставката „Југо-“, туку и поради длабоките емоционални проблеми кои ги отвора. Ќе признаете дека луѓето не ги доживуваат Македонците или Словенците или Бошњаците како толкави странци како што се Австријците или Грците, но ако појдете чекор понатаму, како да допирате некој нерв. Тоа е она што француската аналитичарка Доминик Моиси го нарекува „геополитика на емоциите“. Во случајов „Југо-“ може истовремено да симболизира и страв и љубов, лутина и потреба, минато и иднина. Да, сигурно е така. Да ја напишев статијата пред една година и да го опишев сето она што се случува сега, но да не и’ го дадов спорниот наслов, погодете што ќе се случеше: ништо. Сè ќе поминеше сосем незабележано. Но кога го одбрав тоа име, несакајќи допрев нерв или опишав нешто што милиони луѓе веќе го знаат и проживуваат. Наеднаш се појави збор кој го опишува и резимира тоа. Но ако не ви се допаѓа тој збор, не грижете се. Не гризе!


Извор: Globus.hr

Odlicno

A jas pak mislev terminot go izmislil nekoj sto saka da ne podcenuva

Па Македонија, како и цел

Па Македонија, како и цел Балкан, не е имуна на глобализацијата и создавањето на поголеми пазари. Интересно е зошто ја избегнуваат Македноија кога станува збор за „Југосферата“?
Повторно, Македонија учествува во спортските игри и лиги а не учествува во економијата, науката, образованието (со мали искулучоци)?
Патем, имав прилика да го слушам Тим Џуда во Стразбур. Има добри поенти иако Босанците и Хрватите сакаа да го изедат со заби послем тоа.

ОкоБоли главаВицФото