Душата на Господинот Когито

09.02.2018 16:17

Порано
познато ни е од историјата
излегувала од телото
кога застанувало срцето

со последниот здив
тивко се оддалечувала
на небеските ливади

душата на Господинот Когито
се однесува поинаку

за време на животот го напуштила телото
без еден збор проштевање

лете со месеци престојува
на други континенти
надвор од границите на Господинот Когито

тешко е да се добие нејзината адреса
не дава информации за себе

избегнува контакти
не пишува писма

никој не знае кога ќе се врати
можеби засекогаш заминала

Господинот Когито се труди да го совлада
подлото чувство на завист

мисли за душата добро
мисли за душата со нежност

сигурно мора да ја има
и во други тела

души има апсолутно премалку
за целото човештво

Господинот Когито се помирува со судбината
нема друг излез

дури се труди да зборува
‒ мојата душа мојата ‒

мисли на душата чувствително
мисли на душата со нежност

меѓутоа кога неочекувано
ќе се појави
не ја поздравува со зборовите
‒ добро е што си се вратила

само ја гледа откосо
додека седи пред огледалото
и ја чешла својата заплеткана
и седа коса

Превод: П. В.

 

ОкоБоли главаВицФото