„Други корисници“

12.02.2018 02:38
„Други корисници“

Денес беше тежок ден. Министерството за култура под светлата на рефлекторите гордо ја сподели својата програма, во која нѐ нарече ДРУГИ КОРИСНИЦИ. Нѐ стави под иста капа со некакви кои не постоеле никогаш порано, но сега одеднаш станале други корисници, за да искористат. Во таа категорија, Министерството на Буден Театар му додели 300.000 ден. за правење на театарска претстава, и 200.000 ден., за правење на петтото издание на Меѓународниот фестивал за детски театар ФЕНЕР. Некои ни рекоа дека требало да сме задоволни, затоа што други не добиле ништо. Проблемот е во тоа што ние постоиме од 2008 година. Постоиме без да имаме никаква материјална корист од тоа. Постоиме за да правиме претстави. Постоиме за да го правиме ФЕНЕР за да децата не си мислат дека театар за деца е само кичот кој им го шитка ТДМ од своето основање па до денес. Главно и за родителите да знаат дека има и различни , подобри пристапи на третман на детската публика. Но, сѐ е ок. Ние ќе направиме супер претстава. Ние никогаш не сме правеле претстави за пари, така што ништо нема да се смени, пак ќе дадеме сѐ од себе, и ќе биде јако - на тоа ни текна вечерва, додека една 7-годишна Лена во кафеаната на МКЦ пееше џез стандарди со отворено детско срце, и беше поголем уметник од повеќето новопечени актери во Македонија, кои сѐ што посакуваат за својата иднина е да се вработат во кој било институционален театар. Да тече платичка.

Не, не се тие криви. Тие се жртви на еден систем кој континуирано го задушува секој обид да постои независната сцена. Да си претставник на независна сцена во Македонија, значи дека си луд. Значи дека си неодговорен кон себе. Кон своите деца неодговорен, ако си бил толку луд да ги направиш, иако тврдоглаво настојуваш дека ќе бидеш претставник на независната сцена. Еве проста математика: со буџет од 300.000 денари, правејќи најминимална претстава, средствата треба да се распределат на режисер, двајца актери, да речеме, композитор, костимограф, материјали и изработка на костим, сценограф, материјали и изработка на сценографија, видео (малку луксуз), изнајмување простор, продуцент, дизајн на промотивни материјали, печат на промотивни материјали… Значи, авторските хонорари нема да се поголеми од 30.000 ден.

Еден независен театар како нашиот не може да се надева на повеќе од една одобрена претстава годишно, тоа значи дека кога еден претставник на независната сцена ќе ги распредели тие 30.000 ден. на цела година, тој треба да живее со 2.500 ден. месечно. Ете, толку им предвидува Министерството за култура на лудаците кои себеси се нарекуваат претставници на НЕЗАВИСНАТА СЦЕНА, не знаејќи дека се просто ДРУГИ КОРИСНИЦИ. Да, корисници на 2.500 ден. месечно. Во остатокот од времето можат да работат на шанк.

Буден Театар тврди дека односот на Министерството за култура кон независната сцена е деградирачки, и затоа сакаме да започнеме кампања наречена ДРУГИ КОРИСНИЦИ. Не сме сигурни во кој формат ќе оди, дали ќе биде Фејсбук страница, блог, како и да е. Во тој виртуелен простор ќе информираме во продолженија за сите проекти кои досега ги реализирал Буден Театар. И ние транспарентно ќе објавиме со колкава финансиска поддршка бил секој од тие проекти, кој ни дал поддршка, колку сме вложиле ние самите, какви сопки сме јаделе, низ какви премрежја сме минале, какви саботажи сме доживеале од страна на институциите до кои сме се обраќале за простор итн. Воедно, сакаме таа страница да биде и простор во кој и други ДРУГИ КОРИСНИЦИ, кои успевале да пркосат на обидите за задушување на независната сцена, ќе ги споделат своите искуства. Од поранешното Министерство немавме очекувања, тие беа јасни дека сакаат да нѐ вратат во антика. Од ова Министерство имавме очекувања. Не ги исполнија. Ние немаме време да го почекаме Министерството за Култура уште некоја година, евентуално да дознае кои од другите корисници се вистински театарски творци, а кои се тука за да искористат, и затоа преку оваа инцијатива ќе им понудиме забрзан курс на запознавање со претепаната, изгладнетата, навидум на умирање, но сѐ уште жилава независна театарска сцена. Секаква медиумска поддршка на кампањата ДРУГИ КОРИСНИЦИ е добредојдена. Пишете ни ако сакате да ги публикувате  објавите кои ќе ги правиме. Споделувањата се исто така добредојдени.

Извор: BUDEN TEATAR, 11.02.2018