Реакција на актерите од Театар Куманово за годишната програма на Министерството за култура

12.02.2018 03:15
Реакција на актерите од Театар Куманово за годишната програма на Министерството за култура

Драга публико и сите засегнати и незасегнати со нашите проблеми!

Ние, актерите од Театар Куманово, јавно го искажуваме нашето незадоволство од објавените резултати за годишната програма на Министерството за култура за 2018 година, според која на театарот во Куманово (македонска драма) повторно му се доделени само два проекти, со вкупен буџет од 1.600.000 денари.

Го изразуваме нашиот револт и протест заради долгогодишниот третман со кој се маргинализира, уназадува и уништува нашиот театар. Охрабрени од ветувањата на новиот состав при надлежното Министерство, дека ќе се заложи за пофер дистрибуција на заедничките средства од центарот кон маргините, се понадевавме дека конечно некој ќе има слух за нашите заложби. Со големо разочарување констатираме дека, во однос на нас, само се продолжи практиката на дополнително осиромашување на послабиот и зајакнување на позициите на најсилните.

Овој револт е наш личен револт, револт на актери, кои, од една страна, ја делат судбината на останатите колеги низ Македонија да работат во неподносливо лоши услови, но, од друга страна, се единствените кои секојдневно, електронски го евидентираат своето работно време како административни работници и единствените дежурни виновници во устата на високите претставници на министерството и колегите од главниот град, кога сакаат да бројат колку претстави сме изиграле во годината и да нѐ посочуваат како неработници, без притоа да бидат запознаени со условите во кои тие претстави се работат.

ДА РАСЧИСТИМЕ: никогаш немаме претставник во управен одбор или било какви други одлучувачки позиции (освен еден член, од пет, во програмски совет), немаме увид во парите, оттаму престанете да нѐ обвинувате за „чудното“ трошење на сопствените средства од билети и изнајмување на простори. Понатаму, од 2010 година немаме уметнички директор и скоро никако не учествуваме во креирањето на политиките.

Во склоп на зградата на театарот работат два ансамбли, еден на македонски и еден на албански јазик. Заради специфичноста на барањата од страна на македонскиот ансамбл по повод прослава на јубилеј, реакцијата се однесува само на одделените средства за продукција на претстави на македонски јазик.

А сега, прекинуваме со прибраниот говор:

Со буџетите што правиме? За овие скромни два проекти се одделени по 800.000 ден, еднакво, иста сума - по кои критериуми и според кои пресметки? Број на ликови во претставата, етаблираност на режисерот и соработниците, авторски права за текстот, дополнителни трошоци за изработка...?

На оваа смешна сума треба да се смета за покривање на целогодишниот репертоар, кога Театар Куманово слави 70 години јубилеј и се надевавме дека Вие тоа го имате предвид - дека барем годинава овој театар заслужува поинаков третман. Но, со ова се покажа дека не само што сте неупатени, туку сте и игнорантни кон ваквиот за нас, свечен настан. Многу луѓе ги паметат блескавите денови на Театар Куманово, многу луѓе уште зборуваат за периодот кога Куманово ја предводи експерименталната сцена во Македонија. Моментално, буквално експериментираме, импровизираме во условите во кои сме препуштени да работиме - со преживување на -10 C, без греење и без покрив, со застарена сцена, сала, недоволни простории и само една гримиорна за сите (24) актери. Неколкупати апелиравме за проблемот со кој се соочуваме веќе неколку години - дека е многу тешко, комплицирано да се обезбедат работни задачи за сите актери со два проекти, да се организира работа на два ансамбли во една зграда пред распаѓање, третирани како драмска секција при Центар за култура. Но, вие со тоа, веруваме, сте добро запознаени. Реагиравме на разни емисии и прилози во вести на телевизија и на социјалните мрежи, кружеа видеа од нашиот поплавен покрив, и повторно, ни денар за тоа во Вашата „Програма за инвестиции 2018“.

Нема да навлегуваме во споредба со другите театри и буџетите одвоени за нивната програма. Но, се прашуваме, зарем главната заложба на министерството не е еднакви културни права за сите? Да се одговори на културните потреби на сите граѓани? Како да го оствариме ова, кога нискиот буџет и пристапот со кој што Министерството ни дава до знаење дека историјата на овој театар е неважна, заложбата на актерите е неважна, заложбата на цел ансамбл и цела сценска техника да се надополнува репертоарот со „крпени“ претстави од сопствени средства, не е вредна за внимание.

Ние, актерите на Театар Куманово, не само што сакаме, туку имаме обврска да го одржиме во живот овој театар, сакаме и имаме обврска да му го вратиме некогашниот сјај, зашто овој театар и сите вработени во него тоа го заслужуваат. Затоа што граѓаните, љубителите на театарот тоа го заслужуваат.

Изгледа време е пак да се активира: НЕМА ДА ВИ ПОМИНЕ!!!


Извор: Teatar Kumanovo

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото