Солун е наш… центар за пријателство

12.02.2018 04:12
Солун е наш… центар за пријателство

За пред 55 години, во ова време (на 22 јануари 1963 година), Франција и Германија да го потпишат историскиот Договор за пријателство и соработка, на францускиот претседател Шарл Де Гол и на германскиот канцелар Конрад Аденауер им требаа неколку години подготовки, бидејќи зад себе требаше да остават компликувана историја од вековни војни и милиони жртви на двете страни. За тоа време на подготовките се сретнаа 15 пати, заедно поминаа разговори од вкупно над 100 часови, разменија и 40 писма, што се денеска дел од историјата на тие две земји. Во јули 1962 година, на 6-7 месеци пред потпишувањето на договорот, одржаа заедничка воена парада во францускиот град Ремс, 160 километри северо-источно од Париз, во регионот на Шампања-Ардени, чествувајќи ги илјадниците жртви на двете страни во Првата светска војна. По парадата, двајцата државници отидоа на заедничка молитва во ремската Нотр Дам катедрала – а токму на таа катедрала германската војска за време на Втората светска војна потроши 300 авионски бомби и топовски гранати за да ја срамни со земја, и не успеа!

Договорот за пријателство и соработка во надворешните работи, културата и меѓу младините на двете земји, се потпиша следниот јануари, 1963 година, под кристалните лустери во Мурат салонот на Елисејската палата во Париз. И во двете земји имаше големи отпори на таквата политика на Де Гол и Аденауер. Тие, сепак, гледаа многу подалеку во иднината од многумина други.

Кога, пак, се прославуваше 40-годишнината од договорот, во 2003 година, целиот состав на германскиот парламент замина во Франција за таму, со своите француски колеги, во Версајската палата, да одржат свечена заедничка седница во чест на француско-германското пријателство и соработка. Замислете: во истиот тој Версај, во Салата со огледала, каде Германците во 1871 година, по пруската победа над Напалеон Трети, го прогласија формирањето на Германското царство; и каде во 1919 година ја потпишаа својата капитулација под тешките услови на Версајскиот договор.

Ете, така изгледа, тоа се двете земји во чија заедничка историја течат реки со крв, но кои во последните пет-шеесет години се столбот на европската стабилност, безбедност и соработка. Денеска имаат и заедничка армиска бригада, покрај сојузништвото во НАТО, за заеднички операции, кога и ако треба. Денеска Макрон и Меркел се чини дека се цврсто решени да ја продолжат мисијата на великаните на европската политика, Аденауер и Де Гол, уште повеќе заради Брегзит, Трамп, Путин, бегалците и мигрантите, заради Ердоган и растечките крајни десници и во Франција и во Германија. Итн.

Тие две земји успеаја во својот грандиозен проект за пријателство, меѓу другото, и заради тоа што вложија многу во контактите, дружењата и меѓусебните запознавања на младите генерации. Отворија меѓудржавни канцеларии за француско-германска соработка на младите – во последните педесет години низ нивните проекти поминаа стотици илјади и милиони млади од двете земји кои денеска се најсилниот човечки материјал на најважното европско стратегиско партнерство.

Да не должам многу: во рамките на мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција, предлагам во престолнината на балканскиот подрегион Македонија, Солун, двете држави да отворат канцеларија за соработка меѓу грчката и македонската младина. Македонците, особено помладите, за Грција знаат само гиро, плажа и шопинг; Грците, особено помладите, за Македонија не знаат ништо, односно малку од пограничната коцка по гевгелиските казина и евтиното поправање заби по гевгелиските дентист-клиники. Ах, да, и прилична доза на национализам и на двете страни.

Каква е тоа основа за градење пријателство меѓу двете земји?

Предлагам на отворањето на таа грчко-македонска Канцеларија за меѓудржавни младински програми за соработка – од областа на образованието, културата, спортот и што уште не – да се поканат Меркел и Макрон, дури и во својство на духовни и политички покровители на овој проект. И, во годините што доаѓаат, да се употребат, практично, неограничените пари на ЕУ за овој вид на соработка, бидејќи тоа е суштината и смислата на постоењето на таа Унија.

Знаете, кога го потпишуваа својот Договор за пријателство (по што следуваше и размена на бакнежи!), Де Гол беше 72, а Аденауер 87 години стар. Нашите Заев и Ципрас се обајцата 43-годишници – па, и од тој аспект, иднината би требало повеќе да им значи од онаа на мудрите историски лидери на Франција и Германија.

Ете ни го и Планот А и Планот Б и Планот Ц на грчко-македонските односи, дури и ако не успееме сега да го надминеме спорот со името. Односно, дотолку повеќе!

Извор: civilmedia.mk
Слика: Ренан Вијана