Слушање

13.02.2018 01:06
Слушање

Ги слушам
вчерашните
дождовни капки
Ги слушам

Ги слушам
чекорите
на луѓето
паднати
Бог знае колку долго
ги слушам
очите затворени

***

Го слушам
кликањето
на високите потпетици
џвркотот на галошите
топотот
на моминските кломпи
го слушам
тропањето на наланите
чкрипежот на кожните чевли
лепетот на влечките
го слушам
лепетот на апостолките
шумолењето на мокасините
плескањето на сандалите
и потем
шлакањето на голите стапала...
помешано со
лизгањето на змијата
со шушкањето на лисјата
со умирањето
на огнот
и со ѕвонежот во моите уши
во далечна темнина

***

Го слушам
смртното јачење
на диносаурусот
го слушам
писокот
на дрвото запалено
од молња
бескрајниот
звук на морето
на планктонот
тивко
тивко
слушам
што викаат
кому?
Го слушам
сопствениот родилен плач

***

Звукот на водата
таа ноќ
чкрипежот на вратата
шепотот
и смеата
ги слушам
ехото
на мајчината
успивалка
биењето
на татковото срце
ги слушам

***

Далечното кашлање
на дедо ми
ткаењето на баба ми
на разбој
ветерот во бамбусот
молитвата
и амин
ездењето на ветрот
дишењето
на училишните оргули
древните стихови
што се веат по морето
од незнајна земја
ги слушам

***

Тревата што се коси
железото што се кове
дрвото што се бичи
флејтата што свири
месото што се вари
сакето што се точи
вратата на која се тропа
мрморот кон себеси

Гласот што моли
гласот што ука дава
гласот што наредби дели
гласот што одбива
гласот што исмева
гласот што ласка
борбениот извик
и немиот
...
Ги слушам

***

’Ржењето на коњот
зуењето на жицата од лакот
пробивот на копјето
низ оклоп
свирежот
на куршумот крај моето уво
ѕингарањето на синџирот
пукотот на камшикот
клетвите
и пцостите за
губилиштето
облакот-печурка
острата врева
од бескрајна
караница
и сред сето ова
безочното ’ркање
и потем
џивкањето на врапците
ги слушам
сè до тишината
на обичното утро

***

(се молам слушањето
на еден звук
и на еден глас
да не значат
запирање
на друг звук
и на друг глас)

Го слушам
липањето
на ќерка ми
пред десет години
го слушам

Го слушам
икањето
на селанецот
пред сто години
го слушам

***

Ја слушам
молитвата
на алипниот
пред илјада години
ја слушам

Го слушам
зевањето
на детулето
пред десет илјади години
го слушам

Го слушам
плачот на фаунот
пред сто илјади години
шумолењето на папратот
пред милион години
лавината
пред десет милиони години
шепотот на ѕвездите
пред сто милиони години
виежот на вселената
пред еден трилион години
ги слушам

***

Ги слушам
камчињата
крај патот
го слушам
слабото јачење
на компјутерот
го слушам
мрморот
на соседот
слушам
некаде се пребира по жици на гитара
некаде се крши чинија со ѕвекот
некаде низа од а-и-у-е-о
кон сега
на дното од вревата
слушам

***

Го слушам
сеуште нечуениот
жубор
на утрешниот
поток
што се влева во денес
го слушам

 

Превод: Зоран Анчевски
Скулптура на сликата: Willy Verginer
 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото