Изложба „Борко Лазески 1917-1993“ во Даут пашин амам

13.02.2018 13:48
Изложба „Борко Лазески 1917-1993“ во Даут пашин амам

Изложбата „Борко Лазески 1917-1993“ ќе биде отворена во четврток, 15 февруари, во 19 часот, во Даут пашиниот амам.
На изложбата ќе бидат претставени шеесеттина дела од речиси сите творечки фази на авторот.

На отворањето ќе се обратат министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, Соња Абаџиева, ликовен критичар и директорката на Националната галерија на Македонија, д-р Дита Старова Ќерими.
Куратор на проектот е Маја Чанкуловска Михајловска, кој ќе може да се погледне до 5 април 2018 година.

Дел од одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на Борко Лазески и 70 годишнината од постоењето на Национална фалерија на Македонија е и монографското издание „Борко Лазески 1917-1993“, кое содржи осврти на д-р Дита Старова Ќерими, Соња Абаџиева, Маја Чанкуловска-Михајловска и Лазо Плавевски, на 160 страници на македонски и англиски јазик. Во монографијата, низ 130 фотографии се претставени најзначајните остварувања на авторот, неговата биографија, библиографски податоци за творештвото и каталошкиот дел со податоци за делата.

Борко Лазески е роден во Прилеп во 1917 година од мајка Марија и татко Никола Лазески, во семејство на бојаџии-декоратери. Основно училиште и гимназија завршил во Прилеп. Неговиот талент за цртање и сликање уште во текот на гимназиските денови ќе го открие сликарот Велебит Рендиќ, под чии инструкции Лазески, слика и ваја подготвувајќи се за Уметничката школа во Белград, на која се запишал во 1933 година, кај професорите Љуба Ивановиќ, Никола Бешевиќ, Симеон Роксандиќ.
Во периодот меѓу 1935 и 1941 година се вклучува во редовите на прогресивното движење во Белград и Прилеп и станува кандидат за член на групата „Живот“. Тој е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници во Прилеп.

По завршувањето на уметничката во Беград 1937 година, се запишува на Ликовната академија во Белград, во класата на проф. Мило Милуновиќ која ја посетува во периодот од 1939 до 1941 година. Во воениот вриеж на 1941, ги прекинува студиите во Белград и заминува на студии во Софија, на Државната ликовна академија во во Софија кај проф. Никола Ганушев, на која и дипломира во 1943 година.

По враќањето во Прилеп, во 1944 година, активно се вклучува во НОВ. Во 1944/45 година зема активно учество во формирањето на ДЛУМ и Уметничката школа во Скопје. Тој е воедно и еден од првите професори на новоформираната Уметничка школа.

Како стипендист на француската влада во 1946 година заминува во Париз, каде до крајот на својот престој во 1948 година спацијализира сликарство и мозаик на L’ecole Nationale Superieure des Beaux-Arts, витраж кај Момежан и современо сликарство кај Андре Лот.

Тој е еден од оснивачите и в.д. директор на Уметничката галерија во 1948 година. Во 1951 година почнува да работи на своето најпознато монументално дело „Фреската за НОБ“ за Старата железничка станица во Скопје со 222 м2 површина, завршена во 1956 година и уништена во земјотресот од 1963 година. Во 1953 година заедно со Димче Протуѓер ја основаат групата ДЕНЕС. Во 1957 година станува професор на Педагошката академија во Скопје. Декември 1959 година заминува во Багдад каде работи како професор на тамошната Академија за ликовни уметности и активно се вклучува во ликовниот живот до 1967.

По враќањето од Ирак, од 1967 до 1972 година работи како слободен уметник. Од 1969 до 1971 година е претседател на ДЛУМ. Од 1972 година повторно работи како професор на Педагошката академија во Скопје. Во почетокот на 80-тите години заминува во Мексико Сити каде останува неколку години, работејќи на неколку мурали.

Реализирал повеќе студиски престои во: Италија, Грција, Австрија, Германија, Јордан, Турција, Сирија, Либан, Египет, Ирак, Авганистан, Пакистан и Индија, исто и во СССР, Узбекистан, Ерменија и Грузија). Добитник е на бројни награди и признанија за своето творештво.

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото