Фрагменти на љубовниот говор (1)

13.02.2018 15:30
Фрагменти на љубовниот говор (1)

Убавиот младич Солемн бил оставен од нимфата Аргира во која бил заљубен - ни раскажува античката митологија. Афродита го ослободила од љубовните јадови претворајќи го во река. Но тој и како река пател по Аргира. Затоа божицата му ја подарила моќта на заборавот и од тогаш сите искапени во таа река биле лишени од љубовните маки.
Има ли денес некаква река во која несреќно вљубените би можеле да се искапат? Фрагментите на љубовниот говор се меланхолична посвета на денешниот Солемн во потрага по реката која пресушила. Најпознатото дело на Ролан Барт го слика портретот на вљубениот и ги опишува сите драми на љубовта.
На Окно книгата ќе ја претставиме во повеќе продолженија.


Фрагменти на љубовниот говор

Потребата за книгава произлегува од следнава причина: љубовниот дискурс е денес крајно осамен. Можно е илјадници субјекти да се служат со тој дискурс (кој го знае тоа?), но никој не го поддржува: околните јазици сосема го напуштиле: или не го познаваат, или го ничкосуваат или исмеваат, отсечен е не само од моќта туку и од нејзините механизми (науката, техниката, уметноста). Кога дискурсот со сопствена сила е тргнат настрана во ендекот на неактуелното, избркан од секое стадо, ништо друго не му преостанува освен да стане место, колку и да е незначително, за афирмација. Токму таа афирмација, накусо, е предмет на книгава што започнува.

ABSENCE / ОТСУТНОСТ

Историски гледано, за отсутноста зборува Жената; Жената е седелец, Мажот лови, патува; Жената е верна (таа чека), Мажот е непостојан (тој крстосува, „шврља“). Жената е таа која на отсутноста ѝ дава облик, гради приказна за неа, бидејќи таа за тоа има време; таа ткае и пее. Песните од предилницата едновремено зборуваат за неподвижноста (крај лесниот ѕвекот на коловратите) и отсутноста (во далечината се ритмовите на патување, морските бранови, топотот на коњи). Оттаму следи дека во секој маж кој зборува за отсутноста на другиот, се манифестира женскоста: мажот кој чека и затоа пати, чудникаво е женствен. Мажот не е женствен зашто е инверт, туку зашто е заљубен. (Мит и утопија: исконот им припаѓал, а иднината ќе им припадне на оние во кои има женскост.)

Непрестајно му држам говор на отсутниот за неговата отсутност; невозможна ситуација: другиот е отсутен како оној за кого што зборувам (referent) но е присутен како оној кому му се обраќам (allocutaire). Таа посебна извитопереност изродила еден вид неподнослив презент: заглавен сум помеѓу две времиња, времето на реферација и времето на алокуција: заминат си (поради што жалам), овде си (оти тебе ти се обраќам). Знам, значи, што е презент, тоа тешко време: парче чиста тескобност.
Отсутноста истрајува - морам да ја издржам. Затоа ќе манипулирам со неа: извитопереноста на времето ќе ја преобразам во движење ваму-таму, ќе произведам ритам, ќе ја отворам јазичката сцена (јазикот е роден од отсутноста; детето себе си направило калем-играчка, ја фрла и повторно ја фаќа, имитирајќи ги мајчините заминувања и доаѓања: создадена е парадигма). Отсутноста станува активна практика, вработеност (која ме одвраќа од некоја друга работа); создадена е фиксација со повеќекратни улоги (сомнеж, префрлања, желби, меланхолија).

Седнувам сам во кафуле; луѓето ми приоѓаат и ме поздравуваат; чувствувам дека сум опкружен, баран, поласкан. Но другиот е отсутен; во себе го повикувам да ме задржи на работ на таа световна пријатност, која ме демне. Се повикувам на неговата „вистина“ (вистина чиешто чувство ми го дава) против хистеријата на заведувањето кон која чувствувам дека се лизгам. Сметам дека отсутноста на другиот е одговорна за мојата световност: ги привикувам неговата заштита, неговото враќање: нека другиот се појави, како мајка кока доаѓа по своето дете нека ме одведе од оваа световна блескавост, од оваа општествена самодопадливост, нека ми ја врати „религиозната интимност, сериозност“ на светот на љубовта.
(Х ми кажа дека љубовта го штитела од световноста: од кликите, амбициите, унапредувањата, сплетките, сојузите, отпадништвата, улогите, моќта: љубовта направи од него општествен отпад, на негова радост.)

Отсутноста е фигура на лишување; истовремено јас сакам и требам. Желбата се разбива од потребата: тоа е непрестајната состојба на љубовното чувство.
„Желбата е тука жарка, вечна: но Бог е над неа, и подигнатите раце на Желбата никогаш не ја достигнуваат обожаваната полнотија.“ (Ројсбрук) Дискурсот за отсутноста е текст од два идеограма: постојат подигнатите раце на Желбата, и испружените раце на Потребата.* Осцилирам, се колебам помеѓу фаличката слика на подигнатите раце и детската слика на испружените раце.

*Лакан прави разлика помеѓу желбата (desir), барањето (demande) и потребата (besoin): потребата е, според Лакан, биолошки инстинкт и се појавува во контекст на исклучиво биолошките зададености на организмот и исчезнува штом ќе се задоволи. Ова разликување е важно бидејќи со него се дебиологизира концептот на желбата кој за Лакан е еминентно психоаналитички (не психолошки) ентитет и настанува во дијалектичниот однос со (погрешно) перципираните и (не) препознаени желби на другите субјекти или желбите на Другиот: човековата желба е секогаш желба на другото / Другиот. - Заб. ур.

Слики: Marion Fayolle
Избор и превод: П. В.
Barthes Roland, Fragments d'un discours amoureux, 1977.

ОкоБоли главаВицФото