Унгарска чивија

14.02.2018 03:36
Унгарска чивија

На два и пол месеци пред парламентарните избори во Унгарија, повеќето странски коментатори сметаат дека партијата Фидеш повторно ќе победи и тоа ќе биде крај на демократијата во оваа земја. Се разбира, некои од нив ситуацијата ја толкуваат со повеќе претпазливост (фактот дека миграциската политика на Орбан има сè повеќе следбеници во Европа нè упатува во друга насока), но преовладува мислењето дека унгарската влада, во последните осум години, се оддалечува од Европа.

Ако ова толкување на западните автори е точно, тогаш во Унгарија би морала да постои силна опозиција која укажува на погубните грешки во европската политика на владата на Орбан и нуди соодветни алтернативи. Но, тука се судираме со проблем. Таква опозиција не постои. Се работи за тоа дека ниту унгарската опозиција не е доволно европска.

Како е возможно тоа? Одговорот е многу едноставен. Популарноста на Орбан и непопуларноста на опозицијата се тесно поврзани. Во двата случаи, објаснувањето треба да се бара во односот кон Европа.

Проевропскиот став на унгарската опозиција се сведува на почитување на нормите. Уште од половината на 19-от век, суштината на нашата политика беше сфаќањето дека Унгарија е неразвиена земја, која може да го стигне развиениот свет само ако го следи примерот на западните држави. Тоа беше корисно за политичкиот развој во Унгарија, но честопати недоволно. Таквиот став добро послужи по 1867 година (австро-унгарска спогодба) кога унгарската политика значајно се приближи кон главните европски текови. Тоа беше корисно и од 1990 година, кога по уривањето на диктатурата се воспоставија демократските институции.

Но понекогаш не е доволно само да ја следите глутницата. Сегашната опозиција во Унгарија научи да се придржува до нормите, но нема идеја што треба да се преземе во оние случаи кога тоа не е доволно за постигнување на западноевропскиот начин на живот. Со други зборови, опозицијата не знае како да се постави во ситуација кога е одамна помината транзициската еуфорија од 90-тите години, а се покажа дека со воведувањето на западните институции работата не е завршена. Успехот на Орбан произлегува оттаму што тој и неговата партија се силни во оние области во кои опозицијата е слаба.

 

Согласно со мислењето на мнозинството на запад, унгарската опозиција го опишува сегашниот политички систем во својата земја како автократија. Но таквата категоризација го прикрива вистинскиот извор на силата на Орбан. Ако овој систем е навистина автократија, тогаш треба да се објасни како е можно луѓето што толку долго го следеа западниот модел, одеднаш да одлучат да го отфрлат. Не е доволно објаснувањето дека унгарскиот премиер ги демонтираше демократските институции. Како можел тоа да го направи ако постоела силна либерална демократија?

Силата на орбанизмот е во сфаќањето дека не е доволно само да се следи Европа, туку таа мора и да се обликува. Се разбира, унгарската опозиција одговара: толку мала земја не може да има амбиција да воспоставува трендови. Но, тука греши опозицијата. Голем број западни автори тврдат дека малите држави имаат своја улога во светската политика. Малите држави многу подобро знаат за некои работи отколку големите.

Политиката на Орбан не произведува случајности. Тоа што го прави Орбан веќе им е познато на луѓето кои се упатени во историјата на Унгарија. Потребата да се води секогаш била присутна, паралелно со желбата да се следат лидерите. Кога ги читаме историските текстови на унгарските автори изненадува колку се блиски нивните ставови со она што Орбан денес го мисли и го прави.

Централниот елемент на таа политика е да се заштити унгарскиот национален суверенитет. Денешната унгарска десница не измисли нешто ново, туку само ја оживеа унгарската традиција. Тоа може да изгледа како анахронизам во денешниот глобализиран свет, но примерите на Каталонија и Шкотска говорат поинаку. Иако Унгарија е независна држава и во таа смисла различна од Каталонија и Шкотска, сите овие земји ја делат силната желба за национална независност. Во случајот на Унгарија тоа е тесно поврзано со историското искуство. Дел од унгарската елита отсекогаш сметал дека најважно е да се заштити националниот суверенитет.

Орбан не се задоволува со водењето на внатрешната политика. Тој сака да ги обликува и меѓународните односи. Опозицијата тоа не го разбира и тоа е изворот на нејзината слабост. Сегашната унгарска опозиција (освен што е поделена) нема динамичка претстава за Европа. Таа само знае дека е прозападно ориентирана и тоа е крајот на приказната. Но, во 21-от век на гласачите тоа веќе не им е доволно. Тие имаат право да прашаат: ако сегашната опозиција е прозападна, зошто тогаш кога беше на власт во Унгарија не им донесе западен животен стандард?

 

Унгарските либерални и левичарски партии ја сфаќаат Европа на статичен начин и ги занемаруваат предизвиците со кои се соочува Европската Унија. Таквата слика на Европа не одговара на сликата каква што ја гледаат гласачите. Опозициските партии треба да се вклучат во актуелните дебати и барање на решенија за проблемите што ги има ЕУ.

Поотворен и похрабар пристап кон Европа (и нејзините потешкотии) и на јавноста да ѝ се открие што мисли опозицијата за сегашноста и иднината на ЕУ би можеле да бидат клучни елементи за да се добие поддршка од гласачите.

Авторот е основач и директор на независниот унгарски тинк-тенк „Центар за политички анализи“. Тој е и научен соработник во Институтот за политички науки на Унгарската академија на науките. Досега има напишано 11 книги. Неговата најнова книга „Логиката на унгарскиот политички развој: Дали сегашноста може да се спореди со минатото?“ беше објавена на унгарски јазик во декември 2017 година.

Извор: Social Europe
Слики: Aykut Aydogdu

ОкоБоли главаВицФото