Архитектура во служба на сегрегацијата

24.08.2010 12:02
Архитектура во служба на сегрегацијата

Кон книгата на Ејал Вајзман, Hollow land: Israel’s Architecture of Occupation

Кога станува збор за Израел и архитектурата на неговата територија, неминовно мора да се спомене богатото историско наследство и мешавина од различните архитектонски стилови. Јудаизмот, христијанството и исламот се испреплетувале во континуитет, создавајќи разновидна градителска традиција на прилично стеснетиот простор. Од поновата историја, пак, вреди да се споменат бројните зданија во Тел Авив кои се градени во стилот на класичниот Баухаус. Многу ученици на оваа позната уметничка школа се доселиле поради нестабилната политичка ситуација и зголемениот антисемитизам кој се појавил во Европа кон крајот на 30-те години од ХХ век, вклучувајќи се во дизајнирањето и планирањето на овој млад, типично хебрејски урбанистичко-архитектонски проект. До 1956 г. во Тел Авив се изградени фантастични 4500 градби во стилот на Баухаусот. Затоа овој град е познат како музеј под ведро небо, а од 2003 г. е сместен на листата на светското наследство.

Израелски апартхејд

Модерен Израел крие и својата втора страна кога станува збор за современото градежништво и урбанизмот. Се работи за утилитарната дејност која би можела да се нарече „конфликтна архитектура“, бидејќи во својата станбена структура содржи функционални елементи на судир и војна. Иако не се работи за воени објекти со одредена типска намена, нивната станбена утилитарност и’ е подредена на стратегијата на војување. „Израелските населби“ кои се градат на палестински територии, а кои претставуваат голем камен на сопнување во мировните преговори, се градат според упатствата на Mинистерството за градежништво и станбени прашања, и како такви експлицитно ја нагласуваат воената симболика и функционалност.

Поимот „израелски населби“, кој редовно се појавува во медиумите, претставува еуфемизам. Тоа не се „обични“ населби на Западниот брег, во Источен Ерусалим или во Газа. Се работи за израелска окупациска архитектура, како што стручно тоа го нарекува израелскиот теоретичар на архитектурата Ејал Вајзман. Оваа официјална градителска практика е артикулирана низ урбанизмот, архитектурата, изградбата на патиштата и другата цивилна инфраструктура, и претставува доминантен систем на колонијална контрола и успешно средство за сепарација. Сепарацијата, односно, паралелниот систем како непосреден производ на израелскката дискриминирачка архитектура и урбанизам, Вајзман ги споредува со африканскиот апартхејд. Притоа, израелскиот апартхејд се стреми за освојување на што е можно поголем ненаселен простор. На почетокот овој паралелен систем е наречен „поделба“ и е претставуван како проект на успешна политика за мировно решение, додека во последно време се употребува како „еднострано средство на наметнатата власт, угнетувањето и фрагментација на палестинскиот народ и неговата земја“.

Денес во Израел постои струја архитекти кои крајно консенквентно се соочуваат со клучните проблеми на израелската окупациска архитектура чии ефекти речиси се непознати надвор од Израел и Палестина. Тие претставуваат значаен придонес во расветлувањето на нехуманата градежна активност со која официјалната власт свесно и плански создава поделено општество. Фактот дека патиштата кои ги поврзуваат израелските населби се издигнати на бетонски конструкции над палестинските патишта и полиња или, пак, се распространети со тунелски мрежи под нив – додека палестинските подвозници се положени под израелските автопатишта со многу сообраќајни ленти – е непознат надвор од Израел. Воспоставената поделба доби незамисливи размери. Дефинирана е дури и по вертикала, и како таква застрашува – неколкуте ката на зградите им припаѓаат на Израелците, а подрумите на Палестинците. Покрај тоа, природната кохабитација на палестинските и израелските населби е одредена со сплетот привремени и подвижни елементи кои го илустрираат израелско-палестинското секојдневие: „ѕидовите“, „бариерите“, „блокадите“, „уличните барикади“, „контролните пунктови“, „стерилните зони“, „безбедносните зони“, „воените зони“.

Во таа официјална „поделба на општеството“ настанува геополитички простор со над 200 одвоени енклави со ограничена палестинска автономија чиј простор, проток на пари, одвезување на отпадот, доток на вода и струја, како и сообраќајот, го контролира израелската војска. Покрај тоа, контролните воени пунктови и меѓуграничните ѕидоvи не се само „брутални инструменти за поделба, туку и активни сензори и интегративни делови на израелската мрежа за надзор, бидејќи на тој начин се регистрира секој поединечен Палестинец“. Израелските контролни пунктови претставуваат врв на историскиот процес на оттуѓување, угнетување и обезвластување на Палестинците во нивната сопствена земја.



Архитектура во служба на војската

Ејал Вајзман изнесува многу контроверзи за функционалниот, естетичкиот и симболистичкиот аспект на хебрејските населби. Планирањето, дизајнот и начинот на градење во тие населби е исполнет со проверени методи и постапки до толкава мера што „многу жители од Западниот брег, иако првично мотивирани од подобрите животни услови, сè повеќе запаѓаат во вртлогот на националистичката идеологија“. Населбите речиси секогаш се позиционирани на ритчиња што често асоцираат на средновековната фортификациска архитектура, а единствениот пат кој води кон врвот е со спирален облик, околу кој се наредени станбените зданија. Кружното редење на објектите на ридот е дефинирани со строги правила. Идеалната населба има оптимизиран поглед кој зависи од оддалеченоста на зградите и кој, од друга страна, сугерира строга дисциплина. Спиралната угорнина на брегот овозможува кружен поредок на урбанистичкото решение каде секој поединечен објект со својот внатрешен прозорец е свртен кон центарот на населбата, а со својот надворешен – кон периферијата.

Архитектонскиот план ги поставува спалните соби навнатре, а дневните соби нанадвор. Со ова, според функционалниот и симболистичкиот карактер, се нагласуваат два погледа – внатрешен и надворешен. Во овој начин на планирање, Вајзман препознава и разоткрива скриена нехуманост. Погледот навнатре укажува на смислата и важноста на заедницата, но овозможува надзор на јавното и прифатливото однесување на поединецот. Со тоа настанува „несвесен надзор“ на однесувањето во јавност, чии намери се постојано тестирање на границата на дозволеното. Населбата треба да поттикнува на општествено заедништво и кохерентност преку активното негување на формално заедничкиот идентитет.

Погледот од дневната соба низ прозорецот кој е насочен нанадвор се сосредоточува на периферниот дел на населбата. Со ова, една цивилна населба која има специфичен урбанистички поредок, станбените згради ги претвора во воено-извидувачки градби. Израелската архитектура системски ја негува парадигмата за контрола и сегрегација.

Во својата книга, Вајзман наведува документ во кој Врховниот суд во Израел во 1978 г. донел пресуда по тужбата на двајца Палестинци против конфискација на нивната земја употребена за изградба на „израелска населба“. Во официјалниот судски документ експлицитно се наведува дека населбата, иако е наменета за цивилни потреби, „без никаков сомнеж дава решавачки придонес за општата безбедност и и’ служи на армијата за исполнување на нејзините активности“. Со тоа и официјално се потврдува шпекулацијата за контроверзното користење на цивилните станбени објекти во воени цели, и тоа, под официјална заштита на државата.

Системско раселување и доселување

Кога се има предвид како и на кој начин е структуирана една цивилна населба на окупираните палестински територии, корисно е да се наведе барем еден пример за тоа со која процедура настануваат истите населби. Вајзман на самиот почеток на својата книга го опишува настанувањето на една израелска населба на Западниот брег. По договорот од Осло во 1993 г., со кој официјално е прогласен крајот на изреласко-палестинскиот конфликт, дошло до отежнување на околностите за издавање одобренија за изградба на нови населби. Но и покрај тоа, воспоставена е „пиратска метода“ за да и’ се помогне на израелската влада да ги заобиколи сопствените закони.

Во 1999 г. повеќе израелски доселеници се жалат на лошиот прием на своите мобилни телефони во мигот кога поминуваат преку одредена кривина на локалниот пат со број 60, кој ги спојува Ерусалим и северните населби на Западниот брег. Откако мобилниот оператор изразил подготвеност да постави антена за да го подобри сигналот, доселениците барале антената да биде поставена на повисокиот рид кој го сметале за соодветен. Но височинката на која се наоѓале стебла од маслинки и смокви им припаѓала на палестински земјоделци од селата Аин Јабруд и Бурка, кои на тоа место ги чувале своите овци. Сепак, според ургентните овластувања на израелската војска, во нивна надлежност било прогласувањето на телефонската антена за безбедносен проблем и било овозможено нејзиното поставување на туѓо земјиште, без претходно консултирање и дозвола на сопствениците. Набрзо потоа областа за изградба на новата антена била приклучена на израелската електрична мрежа и на националниот водовод.

Поради доцнењето на изградбата на антената, доселениците во мај 2000 г. поставуваат лажна антена за од војската да добијат дозвола за целодневни безбедносни услуги кои би ја чувале кулата со антена. Набрзо се доселил еден чувар кој поставил ограда на врвот од височинката, по што набрзо му се придружиле сопругата и децата. Потоа нивната станбена единица била приклучена на веќе постоечкиот водовод и електрична мрежа. На 3 март 2001 г. им се придружуваат пет други семејства и населбата Мигрон веќе била родена. Бидејќи во неа исклучиво живееле семејства, Министерството за изградба им обезбедило и детска градинка, а со неколку донации од прекуокеанските земји била подигната и синагога. Денес Мигрон е најголемата од 103-те слични населби на Западниот брег. Вајзман наведува податоци дека веќе во 2005 г. во таа населба живееле 150 луѓе со 60 станбени контејнери во кои биле сместени 42 семејства.

Бидејќи Мигрон не е единствената населба која настанала по поставувањето на телефонска антена, следи заклучокот дека антената освен електромагнетското, го дефинира и своето политичко поле. „Таа служи како центар за мобилизација, канализација, спроведување и организација на политичките сили и процеси од различен вид“, заклучува Вајзман.

Она што го отежнува стручното занимавање со овој проблем на меѓународно ниво е потенцијалната замка дека објективното истражување на наведените проблеми може да се прогласи како чин на антисемитизам. Но кога се работи за истражувачките резултати на хебрејските стручњаци, како што е случајот со познатиот теоретичар на архитектурата Ејал Вајзман, тогаш можеме да очекуваме темелен, објективен и непристрасен истражувачки исход чија цел не е бламажата, туку научната сериозност, критичката објективност и вистината.

Извор: zarez XII/278-8

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото