Што е фашизам? (1)

15.02.2018 02:12
Што е фашизам? (1)

Во сега веќе деведесетгодишната историја на теориите на фашизмот, левичарите често биле тие кои се посветувале на неговото опишување и објаснување. Притоа, не настојувале нужно да придонесат за неговото чисто апстрактно спознание, колку што настојувале да пружат практична помош во борбата против него. Но, дали поимот фашизам сè уште служи за нешто? Недвосмислено е дека ретко кој друг политички поим е обезвреднет до таа мера од инфлаторната употреба. Уште во дваесеттите и триесеттите комунистите се истакнувале со двојните јазични конструкции како „социјалфашизмот“, „австрофашизмот“, „клерофашизмот“ и „монархофашизмот“1. Обвинувањето за фашизам ги погодувало и социјалдемократијата и авторитарните и конзервативните политички формации. Таквата непрецизност на употребата продолжила и после 1945 година, кога на секоја антикомунистичка воена диктатура ѝ се лепела етикетата фашизам, иако на повеќето од нив, и покрај своите суровости, им недостасувале важните карактеристики на фашизмот, како масовната мобилизација „одоздола“.

Уште пофатална била ултралевичарската мода и демократскиот капитализам да се денунцира како фашистоиден или „фашизиран“. Изворно замислен како оправдано укажување на авторитарните и милитаристички тенденции, на тој начин говорот за фашизмот често се сведувал на обична фраза, кај која веќе не се наведувало што точно и во која мера се фашизира. На критиката на капитализмот таквото укинување на границите на поимот на фашизмот не ѝ донело ни поголема аналитичка острина, ни политичка делотворност. Наместо тоа, ненамерно придонело за самата ревитализација на фашизмот и националсоцијализмот.

Со оглед на проблематичното минато на неговата употреба, големо е искушението самиот поим фашизам да се стави ад акта или да се ограничи на сингуларна појава на италијанската историја. И навистина, што има лошо во тоа за движењата и владите да се употребува само името кое си го дале самите себеси, како fascismo или националсоцијализам, а во сите останати случаи да се оперира со поимите како „(ултра)националистички“, „расистички“, „антисемитски“, „антикомунистички“ итн.?

Причината зошто тука сепак ќе пледирам за критичка реконструкција на општиот („генерички“) поим на фашизмот е следна: ширењето на поимот фашизам, кое може да се разгледува после преземањето на власта на борбените формации на Мусолини (fasci di combattimento) во 1922 година во Италија, рефлектира важно историско минато. Неговото јадро лежи во фактот дека од крајот на 19 век, а дефинитивно по Првата светска војна, создава сосема нов вид идеологија, движења и режими, со дотогаш невидена деструктивност, кој повеќекратно ги потенцираше заканувачките потенцијали на капиталистичката модерност. Фашизмот е принципиелно насочен против можноста за општествена еманципација. Не може да се сведе на односите на моќта и владеењето како расизмот, капитализмот, патријархатот и нивните соодветни идеологии за човечката нееднаквост, туку претставува специфична комбинација и радикализација на заканувачките моменти на модерно-капиталистичката социјализација.

Моделот на фашистичките фази

„Праксеолошкиот“ модел на петте фашистички фази на Роберт О. Пакстон е мошне соодветен приказ на тежиштата на интерес и интерпретациите на различните теории на фашизмот2. Моделот на овој американски историчар зема предвид дека поимот фашизам може да означува одреден облик на власт, идеологија или движење, и дека не е крут и непромнелив, туку има процесен карактер.

Првата фаза е фазата на иницијација. Поттикнати од длабокото доживување и перцепцијата на кризата, малите интелектуални кругови создаваат темелен облик на фашистичката идеологија. Притоа, посегнуваат кон постоечките традиции и митови. Целта им е да ги спасат своите национални или верски заедници од пропаѓање или исчезнување. Ако продолжи кризата, а владите не се во состојба да создадат впечаток дека се способни да ја решат, фашистите3 во втората фаза почнуваат да привлекуваат поголем број луѓе и се етаблираат во политичкиот систем. Уште во оваа фаза искушението за создавање сојуз со традиционалните „елити“ против заедничкииот непријател на левицата е големо.

Во историско ретки ситуации може да дојде и до трета фаза: преземање на власта од страна на фашистичкото движење во соработка со старите водечки групи. Тоа се случува само кога постоечкиот идеолошки и државен поредок е ослабен, традиционалната десница изгубила голем дел од своето влијание, а левицата и работничкото движење заради сопствените слабости или погрешни потези не се во состојба да наметнат еманципаторно решение на кризата. Кога дозволуваат можностите, водечките групи порадо воспоставуваат авторитарно владеење кое се регрутира од сопствените кадри отколку што се впуштаат во рискантни и проблематични сојузи со масовните фашистички движења.

Четвртата фаза, фазата на власта, ја одбележуваат постојани конфликти во рамки на постоечкото фашистичко друштво, но и помеѓу него како целина и традиционалните елити во државниот апарат, војската, економијата и општеството. Текот и исходот на тие конфликти одлучуваат за тоа дали најпосле, во финалната петта фаза, доаѓа до враќање на „нормалниот“ авторитаризам – Пакстон тоа го нарекува „ентропија“ – или фашизмот понатаму се радикализира и потполно ги развива своите убиствени капацитети. Условите на таквата радикализација се постојана фанатизација и мобилизација на масите од населението (спротивно од тоа класичната воена диктатура повеќе цели кон пацификација на општеството), градење сопствени, фашистички, структури на моќ и репресивни организации кои го преземаат приматот во однос на наследениот државен апарат, и пред сè голема војна која овозможува целосна реализација на неговите деструктивни потенцијали.

Како се однесува моделот на Пакстон кога го применуваме на различните постоечки теории на фашизмот? Во текстов ќе се занимавам само со трите главни теоретски правци4. Првото се однесува на класната борба и класното владеење кои првенствено се насочени кон интерпретацијата на марксистите. Потоа, интерпретацијата на Критичката теорија, која произлегува од неортодоксните гранки на марксизмот. Најпосле, во делата од шеесеттите на тогаш сè уште либералниот Ернст Нолте и истражувачите како Џорџ М. Мос (САД) и Зев Стернхел (Израел) кои се полеви од него, се развива идеоцентричната насока на теоријата на фашизмот кој пред сè ги следел прашањата од областа на историјата на идеите.

Критичката/ите теорија/ии

Критичката теорија ги поставувала прашањата за структурите кои им претходеле на фазите на Пакстон или, зависно од гледиштето, се провлекувале во нив. Различните комбинации на марксизмот и психоанализата на различни мислители, како Теодор Адорно, Макс Хоркхајмер, Херберт Маркузе, Ерих Фром и Вилхелм Рајх, им послужиле како обид за објансување на фашизмот и нацизмот. Сите тие пристапи кружат околу една темелна мисла: потиснувањето и изобличувањето на човечките потреби во граѓанското општество најпосле водат кон масовно лудило и фашизам.

Понекогаш е тешко да ѝ се спротивставиме на нејзината сугестивна уверливост. Поимите како „проекција на страдањето“ (pathische Projektion), според која фашистите ги прогонуваат и убиваат токму оние луѓе во кои мислат дека ги препознаваат сопствените потиснати и откинати соништа и желби, или моделите како „скалата на фашизмот“ (F-Skala) со која сакале да ги идентификуваат и мерат својствата на „авторитарниот карактер“, односно особеностите склони кон фашизмот, едноставно мошне добро им одговараат на многу фашисти.

Но, моќта на тоа толкување, неговиот поглед во масовната свест, воедно и ја условува неговата слабост – недостатокот на специфичност. Станува збор за изобличување на човечката свест која ја среќаваме во граѓанското општество, во целиот политички спектар, а делумно и во целокупната историја на класните општества и патријархатот. Критичката теорија често посегнува во областите на филозофијата на историјата, когнитивната теорија, теоријата на јазикот и социјалната психологија, во кои историски конкретно се замаглува и се губи од вид. Слично е и со психоаналитичката интерпретација на фашизмот, која го редуцира на одреден тип машкост. На пример, книгата на Клаус Тевелајт Машките фантазии докажува колку војничката мажесвтеност и соодветните борбени сојузи на мажите биле од темелно значење за фашизмот; меѓутоа, воедно илустрира и до која мера тие елементи му припаѓаат на темелот на вкупниот родов поредок во патријархалните класни општества.

Некои истражувачи од окружувањето на Критичката теорија направиле и структурни анализи за националсоцијалистичката држава. Тие се занимаваат со четвртата и петтата фаза на Пакстон, значи со периодот на националсоцијалистичкиот режим на моќта и, пред сè, со неговата радикализација до крајот на триесеттоте. Поимите како „двојна држава“ (Ернст Франкел), „тоталитарен монополски капитализам“ (Франц Нојман) и „државен капитализам“ (Фридрих Полок), се обиделе да објаснат како и зошто националсоцијалистичката држава толку драстично ги надмината размерите на убиствата и уништувањето кои ги познаваме од другите капиталистички национални држави.

Марксистичките обиди за објаснување

На почетокот на марксистичките теории на фашизмот стои горко искуство. Во многу земји од Европа левицата после Првата светска војна станала мета на теророт на ултрадесничарските банди, кои често дејствувале во договор со високата буржоазија, амбасадорите, црквата и државниот апарат. Фашизмот како контрареволуција, како антикомунистичка и империјалистичка претстава во интерес на стариот поредок, пред сè на капиталистичката класа – таквата слика станала и останала клучен белег на марксистичките пристапи на фашизмот.

Меѓутоа, масовното следење на некои фашизми и, во некои периоди, големата поддршка која ја уживале нацистичкото и фашистичкото владеење кај германското и италијанското население, ја поставиле ортодоксната марксистичка класна теорија пред речиси нерешлив проблем. Се покажало дека фашистите не се само лакеи на старите водечки групи, туку имале и сопствени цели, кои делумно и ги реализирале. Особено по прашањето на фашистичките геноциди и уништувачките војни, објаснувањата на класиците се покажале како очигледно недоволни. Оној што не сакал да го следи марксизмот-ленинизмот, кој едноставно се забарикадирал во догмата за фашизмот како „агент на монополскиот и финансискиот капитал“, а секоја критика ја денунцирал како отпадништво, морал да се впушти во изработка на нови теории5.

Марксистите кои биле повеќе склони кон таквите мисловни конвенции упадливата автономија на фашизмот ја објаснувале на пример со тезата дека станува збор за малограѓанско движење кое ги изразува специфичните интереси и менталитетот на општествената група. Тоа можело да се комбинира со фигурата на „лумпенпролетаријатот“ и тезата за фашизмот како застапник на декласираните, морално пропаднатите, распаднати елементи на општествените класи.

Поортодоксната теоретска варијанта релативната автономија на фашистичкото владеење ја објаснувала со маневарскиот простор кој создавал ривалство кај различни фракции на капиталот (монополистички групи).

Посебно значење добила теоријата на бонапартизмот: посегнувајќи кон размислувањата на Маркс за режимот на Наполеон Трети во Франција (1852 – 1870), се тврдело дека фашизмот претставува резултат на специфичната рамнотежа на моќта помеѓу левиот и десниот табор, буржоазијата и пролетаријатот. Старите владејачки групи им ја предаваат моќта на фашистите, за на тој начин во што поголема мера да ги заштитат своите привилегии од левите закани. Меѓутоа, потоа фашизмот може и да се „осамостои“ и да се заврти дури и против оние граѓански сили кои го поддржувале неговиот подем кон моќта. Тоа сценарио е мошне поволно за префрлање во моделот на Пакстон со петте фази.

Марксистичкото истражување на фашизмот создало и концентрирало многу сознанија за односот помеѓу „елитите“ и фашистите6. Напредните пристапи се препознале во контрадикторниот карактер на тие односи, кои можеле да се движат од проблематични сојузи сè до екстремни конфликти, со што се создава мошне широк дијапазон можности. Марксистите ја одредиле фашистичката идеологија како радикализација на граѓанската идеологија во нејзината империјалистичка и милитаристичка варијанта и детално ја истражиле идеолошката работа на нацистите7.

Но, сепак остануваат одредени слабости на марксистичките теории на фашизмот. Тие се толку позначајни колку што е поортодоксна теоријата за која станува збор, колку помалку знае за релативната автономија на државата и идеологијата и наместо тоа останува верна на премногу едноставната шема за економската база од една и политичко-културно-идеолошката надградба од друга страна. Кај марксистите остануваат мошне бледи самоперцепцијата и мотивацијата на фашистите, внатрешната кохезија на нивната идеологија, а со тоа и „тајната на нејзиниот успех“. На марксистите често им паѓа тешко разликувањето на фашистичките и авторитарно-конзервативните движења, како и одредувањето на карактерот на фашистичкиот бунт против граѓанските вредности и одредени аспекти на капитализмот.

Ако го примениме моделот на Пакстон со петте фази, тогаш марксистичките теории се покажуваат слаби кога станува збор за првата и втората фаза – иницијацијата и подемот на фашизмот до масовно движење – и финалната радикализација во петтата фаза. Значи, слаби се насекаде каде особено и упадливо се истакнуваат релативната автономија и развојната динамика на фашизмот.

Кон вториот дел.

_____________________________

(1) Коминтерната ја нарекувала социјалдемократијата „социјалфашизам“; „австрофашизам“ се нарекувала католичко-конзервативната диктатура во Австрија помеѓу 1934 и 1938 година, но тој режим како и слични други, подеднакво христијански обележаните струи на екстремната десница, се нарекувале и „клерофашизам“. Најпосле, „монархофашизмот“ денес е сосема заборавен поим за „кралските диктатури“ кои во периодот помеѓу војните постоеле во земјите како Бугарија, Романија, првата Југославија и Албанија.
(2) Види: есејот на Роберт О. Пакстон “Die fünf Phasen des Faschismus”, во: Mittelweg 36 (списание на хамбуршкиот институт за општествени истражувања), година 16, 2007., стр. 55-80.
(3) Во текстот се користи исклучиво машкиот облик „фашисти“ – затоа што фашизмот е длабоко патријархален, секситички, хомофобен, антифеминистички и во негови рамки на машките односи на збратимување и социјализација им припаѓа значајно место, меѓутоа тоа не исклучува дека во сите времиња не постоеле и фашистки.
(4) Заради ограничувањето на просторот во понатамошното излагање нема да се занимавам со конзервативните и христијанските теории на фашизмот, ни толкувањата на фашизмот како нихилизам, односно макијавелизам, модернизациските диктатури, политичките религии и атавизми, ни со теориите на тоталитаризмот, ни со пристапите на Стенли Пејн, Мајкл Ман, Роџер Итвел и Стефан Броер.
(5) На интернет страницата faschismustheorie.de во рубриката Debatte, објавив неколку критички текстови за денешните претставници на ортодоксно марксистичко-ленинистичките позиции.
(6) Тоа важи и за истражувањето на фашизмот во ДДР и неговите корифеи како Курт Госвајлер и Курт Пацолд.
(7) И денес вреди да се читаат, меѓу другото, делата на Рајнхард Опиц, Рајнхард Кунл и Никос Пуланцас. “Projektgruppe Ideologie-Theorie” (PIT) на чело со Волфганг Фриц, уште пред триесет години наравила мошне вредни анализи кои методолишки биле под силно влијание на Луис Алтисер.

Продолжува...

Слики: Matthew Houston

Извор:http://lemondediplomatique.hr

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото