Истребувачи и репликанти

15.02.2018 01:50
Истребувачи и репликанти

Неодамна решив пак да го гледам стариот „Blade Runner“ (1982). Од моето прво, дамнешно гледање на овој култен филм, ја паметев само мрачната атмосфера, раскошната музика, но и едно бајковито, речиси детско наравоучение за тоа што значи да си човек, во моралната смисла на зборот. И навистина, филмот е општо запаметен по неговата критика на реалноста преку овој дистописки свет, преиспитувањето на тоа што значи поимот човештво, и необичното визуелно доловување и раскажување на приказната. Љубовта, како и во многу други приказни, овде служи како носител на откровението, а нејзините два играчи се истребувачот на репликанти Декарт и репликантката Рејчел. Но од денешен аспект, оваа љубовна приказна ми се виде сомнителна, во најмала рака. Ќе ви ја раскажам главната љубовна сцена, па ќе сфатите и вие зошто ова го нарекувам „сомнително“:

Рејчел му го спасува животот на Декарт и, вознемирена од помислата дека можеби самата таа е репликантка, доаѓа кај него дома. Тој ѝ ја соопштува вистината и ѝ ветува дека нема да ја гони за да ја убие. Тој, мажествено испотен и повреден, легнува со раскопчана кошула на креветот, додека таа покажува нежна префинетост свирејќи на пијаното во неговата соба. Во еден момент ги распушта косите, Декарт седнува до неа, се погледнуваат тажно и нежно, и тој ѝ се приближува да ја бакне. Таа станува да си оди и тргнува со трчање кон вратата. Декарт ја следи, застанува до влезната врата и со тупаница ја треснува, затворајќи ја. Рејчел се вознемирува, но тој со бесен поглед ја грабнува за раменици и насилно ја акнува од прозорецот со ролетните зад неа (додека за сето време во заднината слушаме тревожна музика). Заканувачки ѝ се приближува дури ние ѝ го гледаме исплашеното лице... и одеднаш, слушаме како завива еден секси саксофон додека Декарт ја бакнува Рејчел. Потоа строго ја погледнува и ѝ вели „Сега ти бакни ме“, а таа се буни, полурасплакана: „Не можам да се потпрам на...“ Ама не е ни битно што кажува Рејчел, бидејќи Декарт ја прекинува со една наредба: „Речи БАКНИ МЕ“. Таа со шепот вели „бакни ме“, а потоа откако ќе се бакнат, тој ѝ вели „Те посакувам“, и ја тера неа, чиј глас е скршен и растреперен, двапати да му го каже истото. „Допри ме“, на крај самата му вели. Оваа сцена може да ја најдете на YouTube под насловот „Rachael and Deckart, romantic scene from Blade Runner“.

Менувањето на свеста не е некој процес што е многу забавен. Кога го правиме тоа, луѓето за нас велат дека сме расипувачи на забави и дека немаме смисла за хумор. Исто така, се лутат затоа што сме им цапнале во нивните цврсто изградени вредности што ги негуваат уште од детството, вредности што се воспоставуваат преку филмови како „Blade Runner“, каде што романтиката меѓу мажот и жената се одвива со насилното однесување на мажот, каде што „не“ не значи „не“, каде што е во ред да акнеш девојка од ѕид за да ѝ кажеш дека ти се допаѓа, и каде што давањето наредби на расплакана девојка треба да го перцепираме како секси. Да се запрашаме: Се сеќаваме ли на оваа сцена од „Blade Runner“ како на нешто чудно? Одговорот веројатно е „не“. Затоа што се чини дека е општествено прифатливо да треснеш девојка од прозорец. Сигурно таа тоа го сака, нели, само се срами да каже, или не знае што сака, па мажот е тука со сета негова строгост тоа да го стори. Еве го начинот на кој сме израснати да размислуваме, и мажите и жените (конечно да ја употребам оваа фраза без да се трудам да бидам политички коректна), задоени со вредности во кои нѐ учат дека машката агресија е посакувана; дека насилната строгост е всушност грижа да им се покаже вистинскиот пат на збунетите жени; и конечно, женската вознемиреност е всушност „препич“. Сето тоа е толку нормализирано од непишаните патријархални норми, што не го ни перцепираме. Во „Blade Runner“, на пример, ја паметиме само хуманоста на Декарт, исплазеното јазиче на мртвата андроидка Прис во секси атлетичарски костим, и солзите на ариевскиот андроид Рој на дождот.

Ќе ми замерат дека го расипувам наивниот „Blade Runner“, тоа знам. Многумина се навредија и кога нивните холивудски идоли од младоста и детството испаднаа сексуални манијаци, па им беше полесно да ја нападнат жртвата дека лаже и дека „манипулира со сексуалноста“ (ова го цитирам бидејќи често го добивам како апсурден и примитивен аргумент против движењето #СегаКажувам). Едноставно, излезе дека голем дел мои пријатели и познаници повеќе се лутат кога ќе се покаже дека некој нивен идол од младоста како Дастин Хофман напаствувал соученички на ќерка му од средно, отколку да ѝ поверуваат на другарка дека била сексуално малтретирана во училиште, на работа или на факултет. Повеќе ги боли падот на Дастин Хофман, отколку страдањето на нивната другарка. Зошто? Зашто никогаш не ја слушнале приказната на својата пријателка. Зашто женските приказни се толку маргинализирани во општеството, што голем дел од мажите немаат слух за нив, не им веруваат, а камоли да ги разберат или да сочувствуваат. Тоа се виде по бројните несолени шеги во #СегаКажувам, но и армијата мажјаснувачи што што се обидуваа да нѐ натераат да мажбереме како всушност нешто треба да се направи.

Сега ќе ви расипам уште еден филм од тие времиња, а тоа е „Saturday Night Fever“ (1977). Колкумина од нас се сеќаваат дека филмот завршува со групно силување на другарката на машкото друштво на Тони (Џон Траволта)? Колкумина се сеќаваат дека симпатичниот Тони во претходната сцена се обидува да ја силува својата партнерка за танцување, Стефани? Но Стефани е „примерна“ жена со „интегритет“: таа не пие и му се спротивставува на Тони, и откако ќе го удри успева да му избега. Анет, другарката на машката тајфа, од друга страна, „непримерна“ и „недостоинствена“, несреќна дека Тони е заинтересиран за Стефани, се напива и почнува да флертува со неговите другари, обидувајќи се кај Тони да предизвика љубомора. Сите заедно влегуваат во автомобил на чие задно седиште Анет бидува силувана од двајца од нејзините пријатели, иако таа плаче и се противи, а Тони гневно ја игнорира ситуацијата. Одеднаш стигнуваат на мостот каде што машкото братство често изведува акробации: силувачите излегуваат од автомобилот (еден од нив со спуштени панталони по силувањето – сите се пијани, но тоа не е непримерно кај нив). Тони и Анет остануваат во автомобилот. Анет плаче, а Тони ѝ вели: „Задоволна си сега? Ова го сакаше? Добро. Сега си курва“.

Во меѓувреме, другарите се глупираат на мостот, но нивниот несреќен пријател Боби паѓа од мостот во нешто што може да се толкува како самоубиство. Наеднаш сите забораваат дека расплаканата Анет била силувана: нејзините силувачи дури ја гушкаат, сите истрауматизирани од смртта на пријателот. Тука завршува приказната со Анет: уште една нормална работа што им се случува на пијаните жени „што си го бараат“. Тони талка по улиците на Менхетн цела ноќ, а утрото оди кај Стефани за да се смират и да останат пријатели, и покрај тоа што претходната ноќ се обидел да ја силува.

Ете, тоа се поп-наративите со кои сме растеле – приказни што ни потврдуваат дека агресијата и сексуалното насилство се нормални работи за кои нема ни зошто да се разговара. Со генерации задоени со ваков вид насилство, ние не го ни забележуваме: во филм како „Saturday Night Fever“, гледаме сцена со сурово групно силување, ама го паметиме само Џон Траволта во бело оделце како шизи на Би џиз.

Ги искористив овие два препознатливи примери од популарната култура, која повеќето од нас ја конзумирале додека сме растеле, за да покажам какви се вредностите што ни ги сервирало општеството. Машкото насилство и женската безгласност се толку нормализирани, што не ги ни забележуваме. И не ни е пријатно кога ќе ги забележиме, затоа што ни ја расипуваат носталгијата за некомплицираното минато во кое работите стихијно се одвивале, а тоа расипување боли. Затоа и боли кога ги слушаме приказните на #СегаКажувам – не само затоа што тие се трауматични и упатуваат на тоа дека имаме вистински системски, но и меѓучовечки проблем – туку и поради тоа што мачно е и болно излегувањето од комфор-зоната на традицијата. Секако, промената не е лесна – но оваа промена е неминовна, во моментов зема замав, и треба да ја прифатиме и да се соочиме со неа. За крај, да ја потсетам генерацијата што можеби најмногу се противеше на #СегаКажувам цитирајќи еден од нивните рок-идоли: „Your sons and your daughters are beyond your command, your old road is rapidly aging. Please get out of the new one if you can't lend your hand – for the times they are a-changin'.“

Овој текст е објавен во рамките на проектот „Поддршка на граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите” поддржан од страна на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада во Скопје.

Извор: mhc.org.mk

ОкоБоли главаВицФото