Дрон-запис за една необична средба

15.02.2018 03:24
Дрон-запис за една необична средба

Кармички Расказ број 1

 

Се сретнавме на онаа мала патека кога од Зелено пазарче движиш кон Собрание, а од десната страна има неколку канцеларии за туристички агенции, авто-школа и една мини пекара. Јас обично сум маскирана со капа или очила за сонце и не се загледувам во луѓето за да можам побрзо да ја завршам работата поради која сум излегла. Во групата од неколку луѓе што се движеа од другата страна на патеката, го забележав Џонатан.
Му мавнав со раката и за неколку секунди веќе се ракувавме. Интересно, во овој реон се сретнуваме веќе неколку пати.
Лицето му оддаваше тага и загриженост, или замисленост. Уште пред да види дека го гледам. Тоа се оние делови од секунда кога не мислиш, туку само перцепираш.
Како си? - го прашувам.
Добро - со рамнодушен глас одговара.
Му кажувам дека во една куќа на улицата Лајка број 4 спие една девојка којашто кога беше четиригодишно девојче му се стрчуваше во прегратките и радосно го извикуваше неговото име. Тој ја креваше високо, а потоа седнуваше крснозе и ѝ раскажуваше приказни. Таа сцена дишеше со некој чуден спокој и среќа.
Рече дека би сакал да ја види. Но сега има состанок. До 3.30. Ако состанокот заврши порано, би се јавил и би дошол.
Добро, велам.
Одам до банкоматот, вадам 200 денари за црн патлиџан, Д. го обожава. На списокот додавам јагоди, цреши и праз.
Потоа од новите тезги за евтина здрава храна купувам какао, цимет и печени кикиритки. Брзам дома да видам дали заспаното кревко суштество со специфични сеќавања во коишто забегале цели групи од доживувања што се однесуваат само на нашата кармичка поврзаност, се разбудило.
Не е. Покриена со жолта фротирка, склупчена како полжав.
Одам во кујна и почнувам со подготовките за печење на компирите, во меѓувреме сецкам зелка и морков. Се јавува Џ.


Како што ветив, вели. Можам да дојдам за 15 минути. Да дојдам ли?
О, да, велам.
Потоа, доаѓа. Само што го ставив компирот во рерна, за да можам да се посветам на средбата. Му велам, ѕирни во собата дали е станата.
Не е, вели.

Одам јас да видам. Ме ѕирка од зад фротирката. Едно зелено окце и прамен кафеава коса.
Дојди, има изненадување за тебе.
Стварно? Какво?
Дојди, ќе видиш. Ако ти кажам, нема да се изненадиш.
После една минута влегува во кујната. Не ѝ го гледам лицето, но во воздухот прострујува емоцијата на меѓусебното препознавање и радост.
Излегуваме во дворот да пиеме кафе и сок. Јас и Џ. Ќе пиеме нес-кафе, Д. ќе пие сок од капини.
Во дворот Џ. Почна да ја раскажува својата приказна за трчањето. Тој создал една група луѓе коишто трчаат. Трчаат насекаде, постојано, на секаков терен. Трчаат преку сѐ. Еден вид маратонци кошто не можат да стасаат на целта. Луѓе коишто сакаат да постигнат повеќе од она што им го наметнуваат ограничувањата на природата.
Па како? Треба ли кардиоваскуларен преглед?
Ма не треба ништо. Треба само да сакаш.
Да, го знам овој човек. Знам дека имаше волја толку голема што кога ќе погледнеше во некоја планина, планината се топеше од милина.
Така се качивме на неколку врвови од околината. Не, немаше големи достигнувања од илјадници метри, но имаше тишина. Имаше бистри планински потоци, инсекти и пиење чај директно од воздух.
На Д. ѝ светнаа очите.
Мислиш дека И ЈАС ЌЕ МОЖАМ?
О, даа, и тоа како! Веднаш одговара Џ.
Потоа ни покажува некои од последните снимки направени со дрон. Јас се пријавувам за сите банџи-скокови во следниве 365 дена, само за да демонстрирам добра волја.
Кај нас нема такви скокови.
Знам, де. Онака велам, правам мисловни банџа...
Утре е првиот состанок на трчачите.
Во 8.15 изутрина.
Делфина работи трета смена. Од 20 часот навечер до 8 наутро. Ако се чувствува доволно одморена, ќе оди...

Слики: Sean Mahan

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото