МОК бара скокањето преку жардиниери да стане олимписки спорт

15.02.2018 10:41
МОК бара скокањето преку жардиниери да стане олимписки спорт

Скопје, 15 февруари 2018

Македонскиот олимписки комитет достави барање до Меѓународниот олимписки комитет да размисли да го вклучи скокањето преку жардиниери во семејството на олимписките спортови, со што би се збогатила понудата на Олимписките игри.

„Оваа атлетска дисциплина која има повеќедецениска традиција на македонските булевари е неправедно игнорирана. Сметаме дека заслужува да стане рамноправна со останатите олимписки спортови“, велат од МОК.

Македонскиот олимписки комитет смета дека постои голема можност Македонија да добие нов спорт број еден, доколку барањето биде усвоено, а земјава конечно да се закити со нови олимписки медали.

„Голема предност е што овој спорт може да биде вклучен и во зимските, и во летните Олимписки игри, зашто се практикува во сите годишни времиња“ додаваат во МОК.

Упатените спортски работници сметаат дека Македонија е расадник на таленти во оваа дисциплина, има солидна инфраструктура, а од армијата аматери, со доволно труд, залагање и професионализам, може да се создадат барем неколку шампиони.

Дел од спортистите кои скокаат преку жардиниери сметаат дека овој спорт треба да се подели во две поддисциплини - преминување преку жардиниера со и без пречки, зашто станува збор за две сосема различни вештини.

Извори на Пара вести блиски од Меѓународниот олимписки комитет велат дека шансите за прифаќање на предлогот на Македонскиот олимписки комитет се големи.