Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (11) - Маркс, Брехт, Бакуњин, Бенјамин, Арент, Мао, Медисон, Дарендорф

15.02.2018 19:21
Книгите и писателите со кои го опишував груевизмот (11) - Маркс, Брехт, Бакуњин, Бенјамин, Арент, Мао, Медисон, Дарендорф

МАРКС, БРЕХТ, БАКУЊИН

Бакуњин велеше: „Разбојникот е прв и единствен револуционер во Русија“. На таа идеја се надоврза Брехт во својата славна „Опера за три гроша“. Драмата ги претставува гангстерите како угледни деловни луѓе, а угледните деловни луѓе како гангстери. Хана Арент зборува за иронијата со која драмата била пречекана во предхитлеровска Германија: угледните деловни луѓе од публиката претставата ја доживувале како длабока согледба на начините на коишто светот функционира, додека делови од толпата претставата ја славеле како уметничка пофалба на гангстеризмот. На музичката тема на драмата "Erst kommt das Fressen, dann kommt die Moral" („Прво доаѓа стомакот, а после моралот“) ѝ аплаудирале сите, но од различни побуди. Арент вели дека толпата аплаудирала зашто тврдењето го сфатила буквално; буржоазијата аплаудирала бидејќи веќе почнала да станува уморна од сопствената хипокризија, та во изразувањето на баналноста (според која живеела) видела длабока мудрост; елитата аплаудирала зашто разоткривањето на лицемерието е толку прекрасна и забавна работа. Важно, ефектот на делото бил сосема спротивен од очекувањата на Брехт. Главните општествени слоеви почуствувале охрабрување да ги отфрлат неудобните маски на лицемерието и отворено да ги прифатат ставовите на толпата. Арент тука ја разоткрива суштината на тоталитарните движења, во сојузот помеѓу елитата и толпата. Постојат историски периоди, како во предхитлеровска Германија, кога елитата покажува фрапантен недостиг на смисла за реалност и една самоуништувачка политичка перверзност што многу потсетува на фиктивниот свет и недостигот на сопствени интереси, што ги одликува масите.

Маркс во четвртиот том на Капиталот на малку бизарен начин како да ја развива тезата на Бакуњин: „Криминалецот не произведува само криминал туку и криминални закони, професорот по криминално право пишува книги... Криминалецот произведува полиција и криминално судство, судии, порота...“

Маркс и Брехт како да ја опишуваат Република Македонија зашлајфувана во транзициската жива кал. Наместо пазарна економија добивме масовна беда; размената на еквиваленти се преобразува во најбезочна експлоатација; еднаквоста на законот во партиско правосудство; народната сувереност на парламентарната република се преобразува во со ништо контролирано владеење на партиско-економски олигаргхии засилени со стручњаци за реклама; јавната сопственост станува приватна сопственост. Res publica станува res privata. Државата постои поради Фамилијата.

Опера за три гроша

МАО ЦЕ ТУНГ, МЕДИСОН, АРЕНТ

Уште Медисон знаеше дека реалната моќ всушност е во јавноста и во убедувањата на луѓето, велејќи: “сите влади опстојуваат врз основа на мнението”. Хана Арент се надоврзува на тоа кога вели дека сите политички институции се манифестации и материјализации на моќта; “тие се вкаменуваат и пропаѓаат штом ќе престане да ги поддржува живата моќ на народот”.

Потсетувајќи ја сегашнава десна влада, значи (малку иронично но и добронамерно:), на некои интересни “леви” размислувања за односот меѓу моќта, силата и државата (Маркс велеше дека државата е само инструмент за угнетување во посед на владеачката класа, Енгелс велеше дека насилството е забрзувач на економскиот развој, Мао Це Тунг дека моќта расте низ цевките на пушките, а Троцки дека државата се заснова врз насилството...), би сакал да се надевам дека таа наша влада, пред сè, во сопствените редови ќе ги запре загрижувачките манифестации на политичка некултура и силеџиство.

Моќ и сила

БЕНЈАМИН

Историски да се артикулира минатото не значи да се осознае „какво тоа, всушност, било“. Тоа значи да се овладее со сеќавањето онака како што тоа ќе блесне во моментот на опасност.

За менливоста и минливоста на историјата

ДАРЕНДОРФ

Ризикувајќи да ја намалам енергијата на мигот и надежта во релативно брзото доаѓање на подобрата иднина, на крај сепак ќе ги наведам отрезнувачките зборови на најугледниот светски социолог Ралф Дарендорф, пророчки искажани уште во далечната 1990 година. Развивајќи ја теоријата на демократската револуција во својата книга „Размислување за револуцијата во Европа“, Дарендорф уште тогаш, во времето на големиот демократски ентузијазам, предвиде три клучни етапи во процесот на демократската консолидација. Првата фаза ја сочинува периодот на конституционалните промени, кога настапуваат правниците, и таа фаза не би требало да трае повеќе од шест месеци. Втората фаза е претставена низ времето потребно за спроведување економски и политички реформи; тоа е време за политичарите и економистите и таа фаза не би требало да трае подолго од шест години. Третата и воедно најдолга и најсложена етапа на демократската консолидација, ја претставува изградбата на цивилно општество и на политичка култура - за што се потребни најмалку шест децении. „Времето на правниците и времето на политичарите не значат многу без времето на граѓаните“, гласеше тогаш заклучокот на Дарендорф.

„Народот“ и „елитата“



Слики: Viktor Safonkin

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото