1003 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 22:59
Политиката на немешање во својата сопствена работа продолжува речиси на сите нивоа. Чекањето некој друг да го направи тоа што се очекува од нас, да ја заврши нашата обврска наместо нас, е краткорочна тактика од која нема отстапување, ако сакаме да ја реализираме клучната цел запишана во долгорочната стратегија за спас: друг (ни) е виновен. Овој принцип е еден од ретките, ако не и единствен, што се почитува секаде – од највисоката политика до најприземната кавга.
Директорот на Македонската радио-телевизија (името и натаму непознато) по повод неговиот реизбор – трет мандат! – на чело на јавниот сервис, обелодени: „Јас шест години не се мешам во дневна политика, нема ни сега.“
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски разјасни како новата власт гледа на продолженото заробеништво во кое режимот против кој се бореше, сè уште ја држи на МРТ: „Сакаме да појасниме дека Владата нема никаква поврзаност со изборот на директорот на МРТ. Овој избор е одлука на Програмскиот совет на МРТ, кој сè уште функционира во стариот состав, а граѓаните добро знаат кој членува во тој стар состав, на кој начин работеше и под чии влијанија и на каков начин е направен овој избор.“
Државната комисија за спречување на корупцијата нема никакви сознанија за имотната состојба на најнепознатиот директор на МРТ, зашто тој, освен што не се мешал во дневната политика, никогаш не се замешал ни во исполнувањето законската обврска да достави анкетен лист. Комисијата, се разбира, не гледа никаква вина кај себе: Програмскиот совет на МРТ (пак тој) требало да го достави неговиот анкетен лист.
Секако дека има уште многу, многу вакви случаи, ако воопшто може да се наречат така. Но, не треба да се брза со, евентуалната, осуда на ваквото однесување. Тешко може да се процени дали штетите ќе бидат помали, ако еден ден решат навистина да се замешаат во работата за која се надлежни.
Извор: Слободен печат
Слика: Тамара Забазноска