Што е фашизам? (2)

16.02.2018 03:18
Што е фашизам? (2)

Идеоцентричните пристапи

Книгата на Ернст Нолте, Фашизмот во својата епоха од 1963 година, како и другите дела на идејнотеоретскиот пристап се истакнува со своето внимателно, компаративно истражување и толкувањето на фашистичките текстови. На прв поглед, Нолте го гледа фашизмот како радикално одбранбено движење против заканата што марксизмот и болшевизмот ја претставуваат за европското класно општество. Интересно е да се забележи дека тоа е многу блиско до изворното марксистичко поимање, иако Нолте пишува од граѓанско-либерална, германско-патриотска перспектива. Затоа и ги нагласува – во тој поглед сосема во согласност со теориите на марксизмот – оние елементи за кои се чини дека фашизмот ги преземал од работничкото движење. Притоа, Нолте бара разбирање за стравовите од револуција на граѓанството. Кај него веќе се наѕира тенденцијата која во подоцнежниот развој на неговото дело ќе премине во позиција која не наоѓа изговор само за фашизмот, туку и со него симпатизира.

Но, книгата на Нолте има и друг, подлабок слој. Имено, разложува дека природата на фашизмот никако не е можно да се сведе на обичен антимарксизам. Наспроти тоа, фашизмот воедно е и радикална одбранбена реакција против целиот светско-историски процес на разградување и пречекорување на границите, бариерите и односите на моќта помеѓу различните општествени и етнички групи, кој е поврзан со воспоставувањето на капитализмот и светскиот пазар, но и со подемот на граѓанството. Според тоа, комунизмот би претставувал само најрадикална и најконсеквентна последица на таквиот светско-историски процес, кој се заканува со укинување на сите постоечки односи на моќта. Нолте мошне уверливо укажува на корените на фашистичките идеологии во Европа во конзервативизмот од 19 век, чии мислители на традиционалната идеологија за нееднаквоста само ги радикализирале и систематизирале, во моментот кога ги перцепирале како загрозени од модерните идеали на слободата и еднаквоста.

Кај Нолте, искуството од кризата на субјектите кои се фиксирани на авторитетите е во средиштето на анализата, а го предизвикале големите еманципаторски движења од 19 и 20 век. Спротивно од тоа, истражувачите како Зев Стернхел, Џорџ Л. Мос и Роџер Грифин се фокусираат на кризните искуства кои произлегуваат од меѓународната конкуренција во периодот на империјализмот и индустриското војување. Секогаш одново се покажувало дека иницијалната детонација на фашизмот редовно се случувала кога хегемонијалниот, националистички блок на некое општество доживеал длабоко понижување, на пример после изгубена војна. Фашистичките интелектуалци развивале програми за тотално реструктуирање на државата и општеството, кои биле проткаени со митска вера во националниот препород и воскреснувањето.

Но, учењата за спас со револуционерни амбиции, претставени пред бунтовничкиот хабитус, никако не се ограничувале само на надворешниот непријател, значи на ривалите во меѓународната арена. Во најмала рака, подеднакво важна била и борбата против внатрешните непријатели. А, неѓу нив не се вбројувала само левицата. Фашизмот се бунтувал против сè во модерниот индустриски и финансиски капитализам за што се сметало дека ја спречува саканата милитаристичко-империјалистичка формација на сопствената заедница, па така, на пример, и против индивидуализмот и хедонизмот, но и против класните поделби и осиромашувањето. Бидејќи фанатично веруваат во нееднаквоста на луѓето, фашистите во капитализмот го мразат сето она што го перцепираат како момент на апстрактно-формална слобода и еднаквост, а може да послужи за поткопување на родово и етнички посредуваните односи на моќта. Фашистите кај себе никогаш не го критикувале постоењето на приватната сопственост и класите, зашто и економската нееднаквост за нив принципиелно спаѓа меѓу природните или од бога дадени нееднаквости меѓу луѓето.

Идеоцентричните теории на фашизмот преку историски примери ја реконструираат внатрешната смисловна структура на фашистичките идеологии за совладување на кризите.

Фашизам версус националсоцијализам

Многумина, особено во Германија, мислат дека националсоцијализмот бил сосема поинаков и полош од фашизмот. И навистина, досега сè уште никој не ги надминал размерите и перфидноста на нацистичките злосторства, па така ни различните облици фашизам. Тука генеричкиот поим на фашизмот недвосмислено ги достигнува своите граници. Но, вистина е и тоа дека помеѓу нацизмот и другите фашизми, покрај големите разлики, постоеле и многу сличности, па и мошне посуштински односи на соработка и размена.

Фашизмите секогаш се „ситуирани“ на специфичен начин. „Секое општество развило онаков тип фашизам кој му одговарал на неговиот специфичен национализам“ (Џорџ Л. Мос)8. Според тоа, екстремно антисемитскиот и расистичкиот карактер на нацифашизмот може да се објасни со фактот дека доминантната варијанта на национализмот во Германија била посилно обележана со völkisch етницизмот, биологизмот и антисемитизмот, отколку, на пример, во Италија. Но, и во други земји имало фанатични антисемитски фашисти, на пример унгарските „стреласти крстови“, романските „легионери“ и хрватските „усташи“. Кај некои фашизми антисемитизмот, како во случајот на Италија, најпрвин бил слабо развиен. Но, и таму водството дополнително го вградило во својата идеологија и практика на владеење, заедно со соодветното расно лудило. Во средиштето не била само чисто надворешна, „одозгора“ наметната доктрина. Ја интернализирала фанатичната младешка секта, а на крајот од војната, во сојуз со Германците, ја спроведувала со недвосмислено убиствена жестокост.

Па, сепак, останува важната разлика: додуша, насекаде имало фанатични расисти и антисемити, но само во Германија речиси целосно им успеало да ја проткајат секоја пора од општеството. Во Германија масовното следбеништво, опортунистичкото дружење и кукавичлукот достигнале размери како на ниедно друго место. Тоа била една од најважните околности која на радикалното јадро на нацистичкото движење му овозможило да ги спроведува своите екстремни соништа за уништувањето. А, постои уште еден аспект на „ситуираноста“: нацистичка Германија била светска сила со енормни воени и индустриски потенцијали. Така, размерите на германските злосторства се во врска и со темелната можност за нивна техничка реализација, која помалите фашизми едноставно не ја поседувале.

Значи, особеноста на националсоцијализмот не произлегува од тоа дека бил нешто друго или поинакво од фашизмот, туку од фактот дека во суштина бил специфично германски облик на фашизам. Но, историјата покажува и дека јадрото на националсоцијализмот, неговиот геноциден антисемитизам, најпосле се ширело на сите фашизми, без разлика дали од самиот почеток биле култивирани од сопствениот развој или во некој подоцнежен момент тоа јадро било преземено и интегрирано однадвор. Од карактерот на фашистичката идеологија за совладување на кризата произлегува дека фашистите не можат долгорочно да ја одбијат идеолошката понуда на антисемитизмот. Антисемитскиот конструкт за „Евреинот“ е можно да се идентификува со сè против што се бунтуваат фашистите: со надворешниот непријател – така што фашистичкиот империјализам се сценира како бунт против имагинарното светско владеење на Евреите, а ривалите, без разлика дали се работи за САД, Велика Британија или своевремено дури и Советскиот Сојуз, ги прикажува како потчинети на еврејската власт. Но, „Евреинот“ може да се идентификува и со внатрешниот непријател, така што марксизмот, феминизмот, либерализмот, декаденцијата итн., ги прикажува како инструменти на еврејската манипулација. А, најпосле можно е да му се даде антисемитски набој и на фашистичкиот „антикапитализам“: економските и валутните кризи како еврејски заговори, финансискиот сектор како сфера на еврејската доминација, создавачкиот капитал (schaffendes Kapital) наспроти паразитскиот (raffendes) и сличните идеи.9

Националсоцијализмот не е само посебен екстремен случај, туку и пример за тоа дека некој фашизам во одредени услови може да се радикализира и да ги пречекори сите дотогашни граници10. Од тој аспект, особеноста на генеричкиот поим на фашизмот не лежи во тоа со него да се намали специфичната тежина на националсоцијализмот и неговите злосторства, туку обратно, во фактот дека предупредува за убиствените потенцијали на фашизмот во целина.

Глобален фашизам?

Ако фашизмот е можност која е инхерентна за модерниот капитализам како таков, тогаш не може да биде далечно насетувањето дека опасноста од него не е засекогаш отстранета во 1945 година, ниту е можно да се ограничи на земјите од глобалниот Север и Западот. Случајот е јасен кај оние кои недвосмислено сами се категоризираат во традицијата на историскиот фашизам, пред сè во Европа и Северна Америка, но и во некои земји од Латинска Америка, во Јужна Африка и Русија, и сè до денес сејат страв и трепет.

Но, што е со другите, помалку очигледни случаи? На пример, истражувачот на фашизмот Волфганг Виперман зборува за „фундаменталистичкиот фашизам“, кој може да никне и на христијанско и на исламско, на еврејско, хиндуистичко или будистичко идеолошко тло11. На принципиелно ниво, ништо не зборува против претпоставката за религиски обележаниот фашизам – ултранационалистичките и расистичките идеологии често се појавуваат во амалгам со религијата. Тоа е можно да се покаже преку низа европски, северноамерикански и јужноафрикански примери.

Но, дали е навистина соодветно да се зборува за фашизмот и во контекст на некогаш колонизираните општества и луѓето кои биле подложени на расификацијата и расистичката репресија? Тоа мошне контроверзно прашање пред сè се однесува на радикалните струи на исламизмот, на кои од различни страни им се припишуваат фашистички карактеристики12, при што често станува збор за политички мотивирана полемика. А, истиот проблем се појавува и во случајот на хиндуистичкиот национализам и различните националистички развојни диктатури со помалку или повеќе социјалистичка етикета, на пример во случајот на насеризмот во Египет или Асад во Сирија, но и во однос на терористичките режими како оној на Иди Амин во Уганда или Мобуту во Конго. Сепак, не е можно врз основа на неколку предуслови и малку новинарско знаење да се утврди дали тие појави важат за фашизмот, како што, за жал и натаму е случај во рамки на левите дискурси.

Да се анализира повнимателно!

Историјата на фашизмот и теоријата за фашизмот донесуваат многу искуства, прашања и алати со чија помош е можно да се анализираат различни режими, минатото на движењата и создавањето идеологии ширум светот. Притоа, често поновите идеоцентрични пристапи го кренаа нивото многу високо: за компаративни, внимателни и детални анализи потребно е длабинско познавање на различните земји и јазици. А, потребен е и критичко-солидарен дијалог со еманципаторните движења во дотичните општества.

Во таквите истражувања секогаш на ум треба да се имаат две нешта: прво, дека фашизмот не е статична појава, туку има процесен карактер. Второ, политичките движења и режими понекогаш крахираат и се распаѓаат на многу различни фракции. Исто како што европскиот национализам од 19 и 20 век најпосле добил фашистички и нефашистички облици, сличен распон на појавите треба да се очекува и во други општества и епохи.

Матијас Воршинг студирал историја и политички науки на Универзитетот Хамболт во Берлин. Основач е на интернет страницата faschismustheorie.de на која редовно објавува текстови за теоријата и историјата на фашизмот.

Крај.

Кон првиот дел.

_________________________________________________

(8) Види: George Mosse, Die Völkische Revolution, Frankfurt/M., 1991., стр. V/VI
(9) И натаму инструктивен есеј на таа тема е “Nationalsozialismus und Antisemitismus” на Мојше Постоне, изворно објавен во Küss den Boden der Freiheit. Diskus – Texte der Neuen Linken, Berlin-Amsterdam 1992., стр. 425-437.
(10) Uli Krug (1995.): “Der Fall Deutschland. Sonderweg oder Exempel?”, достапно на: www.redaktionbahamas. org/auswahl/web34.html
(11) На тема „фундаменталистички фашизам“ види ја книгата Faschismus. Eine Weltgeschichte vom 19. Jahrhundert bis heute, Darmstadt, 2009. на Вајперман. Тој ја дели етикетата фашизам мошне обилно и не секогаш доволно образложено. На истата тема, види ја мојата рецензија на книгата на faschismustheorie.de.
(12) Аргументи во корист на поимот исламски фашизам меѓу другите дава Volker Weiß во текстот “Zustand mit Lücke. Bericht zu aktuellen Debatten der Faschismusforschung”, Phase 2, број 2.30, 2008.

Извор: http://lemondediplomatique.hr

 

 

ОкоБоли главаВицФото