Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (11)

16.02.2018 15:11
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (11)

Игор Станојоски, Диссомнии (Антолог)

 

Сега е нешто по 11 часот наутро, 26 јули. Раскажувам за наредниот ден по добивањето на првата порака од Каролина Јаневска.

Кон пладне заѕвони Настја и се договоривме да се најдеме во ресторанот Пузата хата на улицата Хрешчатик. Иако ѝ реков дека ќе излезам за половина час, моето машко подготвување за излегување траеше само девет минути, плус уште една минута изгубив за да ја препрочитам пораката од Каролина пред да излезам. Планирав да поразговараме со Настја за пораката, како што си споделувавме сѐ друго, па ова препрочитување пред излегување наликуваше на последно предиспитно препрочитување на измачувачка дефиниција.
Времето беше тмурно, а тешка магла измешана со смог и студ ми ги забоцка ноздрите уште на самиот излез од хотелот Украина. Го сакав Киев во онаа мера во која секој чекор на киевските улици ми потврдуваше колку сум среќен и колку сум му благодарен на аташето за култура, кој во 2003 година ми го препорача Лавов, а не Киев. Воздухот мирисаше на чад од запалени дрва и гуми, и на хипнотизирани народни маси. Традиционално се собираа на главниот плоштад на престолнината на олигархот и политичките малверзации. Шпионски набљудувајќи ги, минав низ нив во делот каде што беа нешто поретки, и продолжив кон Хрешчатик.
Разговорот со Настја го почнав прилично зајадливо, иако овој пат воопшто немав таква намера.
-Тоа што Господ на летото му го подарил сонцето, а на зимата – снегот, и тоа што снегот е толку бел, веројатно било со некаква цел, веројатно заради воспоставување светлосна хармонија. Луѓето ги создале автомобилите за да ја нарушат таа светлосна хармонија и да го посиват снегот. Мајдановците го смислија палењето гуми за да ја дотепаат хармонијата, сосем да го оцрнат снегот и да нѐ испозадушат сите – реков луто и со нота на надменост кога веќе бевме сместени во најудобното сепаре во ресторанот.
-Не почнувај. Знаеш каде води овој разговор – ме сечна Настја.
- Како си помина со Бондарчук? – ја прифатив нејзината желба за промена на темата кон нешто поконкретно.
-Добро беше, само што многу преправавме. Човекот е суетен перфекционист. Не сака спонтани интервјуа.
-Забележав. Те очекував да се јавиш околу 11. Сега волк можам да изедам – се засмеав.
-Ооо, баш ми е жал - рече Настја пресигнувајќи се преку маса за да ме погали по образот. – И јас сакав да завршам порано, ама тоа е. Затоа и ти велев да не доаѓаш овојпат во Киев. Има најави за разжестување на ситуацијата и ќе ми бидат напорни наредниве денови.
Кимнав во знак на разбирање на целата ситуација. Потоа за миг погледнав замислено кон кошулата на келнерката, извезена со фолклорни орнаменти.
-Како си помина ти дома без мене? – рече Настја, несомнено насетувајќи дека имам што да ѝ кажам. – Имаше инспирација? Напиша нешто?
-Си поминав неплодно. Ниту ред. Има нешто друго...
-Што има? Те познав дека нешто не е во ред! – исплашено изреагира Настја.
- Добив една порака на Фејсбук ... од нигде - некаде... од Македонија. На македонски. Некојаси жена, Каролина, ми пишува за дедо ми и баба ми, што останаа на село... дека дедо ми починал и дека баба ми била болна... да сум отидел да ја видам .
- Прими мое сочувство, душо. Бог да го прости дедо ти. Сигурно ти е многу тешко.
Кога го рече Настја ова „сигурно ти е многу тешко“, се почувствував како да ме потсетува дека треба да направам нешто што сум изумил. Да направам да ми биде многу жал за смртта на дедо ми. Пред да ме потсети Настја, некако на прво место ми беше тревогата поради обидот на непознатата девојка да ми врати во мојот живот нешто од Македонија. На второ место ми беше совеста што ме гризеше поради тоа што пред десет години ги напуштив дедо ми и баба ми сосе сѐ македонско. Жалта за смртта на дедо ми во тој миг уште не ме беше допрела, веројатно затоа што кога заминав, прекинувајќи го контактот засекогаш, јас самиот ги убив дедо ми и баба ми во својот живот. Беше извесно дека дедо ми некогаш ќе си замине од овој свет, како што беше извесно и дека никогаш повеќе нема да го видам. Зошто би жалел што тоа се случило сега, а не другпат? Совеста и стравот ги чувствував многу посилно и пооправдано од жалта. Тоа беше такво чувство, слично како да сум извршил убиство, па десет години подоцна како да се нашле докази или сведоци за тоа. И одеднаш тревога, затоа што јас самиот сум го заборавил случајот, но за судскиот систем тој не застарел, и ги проколнувам и ги мразам оние што ги наше доказите, а улогата на наоѓачот на доказите ја играше Каролина.

Луан Старова, Граница, (Три)

 

Кога на 7 септември 1917 година, по битката со австриските и бугарските сили Поградец ќе биде освоен од француската војска на Источната армија и албанската војска на Република Корча, на Ахмет К. Суљстарова ќе му биде доверено да биде прв советник за прашањата на домородното население.
Поградец и околината ќе доживеат вистински процут, како „мала европска оаза“, особено во периодот кога за командант на Зоната од француска страна ќе биде назначен командантот Едуар Иполит Огист Мортје, подоцна бригаден генерал, а негов советник од албанското население ќе му биде Дедо.
Но Дедо никогаш не ги забораваше поранешните мрачни времиња, кога не престануваше утврдувањето и уредувањето на гранците. Беше тоа и во српско, и во бугарско, и во австриско, и во француско време...
Дедо посебно не можеше да го заборави настанот кога како еден од општинските челници беше итно повикан од окупациoните власти во врска со поставувањето на границата.
Иако беше храбар човек, Дедо тој ден се уплаши, но помалку од другите, кога му беше пренесена наредбата од окупаторските власти сите граѓани да ги донесат јажињата што ги имаат во своите дворови и да ги положат пред Општината.
Најуплашените помислија дека јажињата ќе бидат употребени, не дај боже, за бесење! Ама чуму толку јажиња, и со помалку може да се беси, белки се за нешто друго!
И за среќа, односно за многу помала несреќа, јажињата биле за обележување на границата. Други велеле дека јажињата биле сепак за бесење, ама на родната земја Албанија!
По наредба на воениот командант, сопствениците на јажињата започнаа да ги врзуваат едно со друго. Под надзор на Меѓународна комисија за обележување на границите, големото составено јаже се оптегнуваше и прицврстуваше на наредените колчиња.

Границата беше означена, задолжените ја регистрираа во оптегнатите географски карти, задоволни заминуваа. Утредента се враќаа да проверат дали границите се на свое место. Првата линија на означената граница била изместена во цикцак-насока.
Загрижените граѓани кои дента беа принудени да ја состават и постават границата, ноќта ја отстрануваа од поделените градини, лозја, ниви, дворови на своите домови, ливади, пасишта, бунари. Не беше лесно да им посадат граници на луѓето и земјата коишто со векови живееле без нив.
Претставниците на Меѓународната комисија, во придружба на вооружени војници, ја враќаа границата на старото место, под закана дека ќе биде стрелан секој кој повторно ќе ја менува.
И покрај тоа што наредната ноќ на неколку места од границата стражареа војници, границата повторно беше вратена на старото место. Никој не можел тоа да го објасни, а најмалку будните војници.
Кога конечно надлежните од Комисијата увидоа дека со јажиња и колци граница не бива, започнаа да ја обележуваат со до половина закопани и зашилени стакла.
И оттогаш границата не можеше да се мине без крв, но сепак многумина ја минуваа, во потрага по другиот дел од семејството, домот, надежта.
Не мина многу време откако се поставија стаклени граници, осамнаа границите со бодликав тел. Австроунгарските и бугарските војски, на 7 септември 1917 година, во војната за Поградец, беа совладани од француската војска на Источната армија и албанските приврзаници на малата Република Корча.