1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
На 19 февруари (понеделник) со почеток во 20 часот во Кино Култура ќе се одржи промоција на новата поетска збирка на Владимир Мартиновски, „Сонувани и будни песни“, која неодамна излезе во издание на Кликер.
За книгата ќе зборува Влада Урошевиќ, а музички настап ќе има Петар Христов.
Сонувани песни
(Сонијада)
2.
Во друга часовна зона
спијам дење, а ноќе ги
запишувам соништата.
Буди се, ќе задоцниш на
писмена, ми вели мајка ми,
со топла чаша млеко в рака.
Отспиј малку, песната ќе те чека
и утре, ми шепоти баба ми,
подавајќи ми перница и ќебе.
Иако веќе не знам дали е ноќ
или ден, нешто ми вели дека
по будењето ќе ме дочека
сосема друга песна.
Во неа ќе нема ни млека
ни ќебиња ни перници.
А во последната строфа
ќе пишува дека сепак сум
задоцнил на писмената.
6.
Телефонот ѕвони. Ме покануваат да беседам
за книга што не сум ја прочитал. Те чекаме
за еден саат, ми вели еден авторитет
и ја спушта слушалката за да не ни помислам да
го одбијам. Ја наоѓам книгата и погледот ми
лета како комета. Страниците се вртат како
дервиш во транс. Тонам во книгата како
во жив песок. Спринтувам по мислите на
главниот лик. Се соживувам со неговите
километарски монолози. Заспивам со
неговата љубена. Се будам со нејзините
мисли и со книгата место перница.
Телефонот ѕвони: До кај си?! Салата е
веќе преполна! Авторот ти е веќе лут.
Имаш уште само две-три минути...
Трчам и препотен застанувам пред микрофонот.
Салата е празна. Во последниот ред гледам силуета.
Па тоа е љубената од книгата што не ја дочитав?
9.
Иако спијам, телевизорот си работи.
Паѓаат голови на дерби натпревари,
паѓаат влади на други континенти,
паѓаат комети над нашите глави,
за сето тоа известуваат во живо,
а јас гајле си немам, спијам како
надоено бебе. Телевизорот трешти
и ги јавува најновите вести:
мојот мил пријател починал.
Кажи ми дека само сонувам!
Дека не е вистина! Дека само во мојот
сон има телевизор што лудо трешти.
Речи дека овие тажни вести се лажни!
Излажи ме дека сѐ уште спијам,
дека паѓаат влади, комети, голови,
ама мојот пријател сѐ уште ме чека
да испиеме уште едно долго кафе.
Те молам, не буди ме во свет без него.
13.
На прекуокеански лет таа в полусон
гледа филм кој се случува далеку во
Вселената. Еден од астронаутите ги
прегрнува своите чеда постари од него.
Тој, пак, се загледал во црно-бел вестерн
и потскокнува на секој истрел. В полусон
таа тивко липа за луѓето кои стареат
со различно темпо. А тој заспива со
стрела во грбот. Стјуардесата ги буди
за да појадуваат пред слетувањето.
Тој прашува каков е тој летечки воз,
а таа му вели дека во нејзино време
авионите биле надмината работа.
Слетуваат. На пасошката контрола
полицаецот ѝ вели: Девојче, па твојот
датум на раѓање е во наредниот век!
Цариникот му вели: Што ќе пријавите,
освен коњот, пиштолот, сабјата и пушката?
Будни песни
(Будисеја)
1.
Комарец се буди како човек.
Мавта со рацете, но не може
да летне. Ја отвора устата
за да зуи, ама место тоа вели:
Човек се буди како комарец.
Сака да се пожали дека вчера
одвај се спаси од дланките на
син му, ама летнува зуејќи.
2.
Човек се буди како шаховска фигура.
Не знае дали е топ, пион, коњ или ловец.
Знае само дека не е ни крал ни кралица.
Не знае ни дали е црна или бела фигура.
Ни дали е веќе одлучено да падне курбан
за некоја необјаснива, но повисока цел.
Знае само дека мора да чека некој друг
да одлучи каде и кога ќе киниса.
7.
Ловец се буди како огромен слон.
Го будат далечни истрели. Ги слуша
од многу далеку, оти има големи уши.
Може да начуе дека бргу ќе дојдат ловците
и почнува да трча заедно со своите чеда.
Трча ли трча, ама истрелите се доближуваат.
Посакува да може да се сокријат зад стебло.
Го препознава звукот од својата стара пушка.
10.
Се буди како прасе во работничка униформа.
Се двоуми дали ја има сретнато Кирка. Се прашува
дали неговата куќа е од слама, од штици или од
тули и малтер. Чука по ѕидовите од гипс-картон.
Ќе издржи ли ако дојде волкот? си мисли.
Оди во кујната, ама фрижидерот е празен.
Некој тропа. Белки не е волкот! Под прагот
го чека глутница од неплатени сметки.