Трегери

17.02.2018 09:07

Мама рече дека немам соодветен каиш и
дека утре ќе морам со трегери на школо.
Но никој не носеше трегери во второ одделение,
ниту во кое било одделение. Рече:
Ќе ги носиш, или јас ќе ги употребам врз тебе. Доста
ми е од проблеми. Тогаш тато рече нешто.
Беше во креветот кој заземаше поголем дел од собата
во колибата кајшто живеевме. Нè замоли да стивнеме
и тоа да го решиме утрото. Го чека работа рано сабајле,
зарем не? Ме замоли да му донесам чаша вода.
Тоа е од многуте вискија што ги испи, рече мама.
Дехидриран е.

Отидов до мијалникот и, не знам зошто,
му донесов чаша сапунеста вода од миењето садови.
Ја испи и рече: Ова баш имаше чуден вкус, сине.
Од кај е водава?
Од мијалникот, реков.
Мислев дека го сакаш тате, рече мама.
Сакам, сакам, реков и пријдов до мијалникот, ја нурнав
чашата во сапунестата вода и испив две полни чаши само
за да им докажам. Го сакам тато, реков.
Но помислив дека веднаш ќе ми се слоши.
Мама рече: Би се засрамила да сум на твое место.
Не можам да верувам дека можеш да направиш такво нешто
на татка си. И богами ќе ги носиш тие трегери утре. Ќе те ишишам
ќелав ако утрото ми правиш проблеми.
Нема да носам трегери, реков. Ќе носиш трегери,
рече таа. Па ги зема трегерите и почна да ме шиба
по голите нозе додека скокав по собата и плачев.
Тато викна на нас: Престанете веќе, добога,
престанете. Главата ужасно го болеше, а и му беше лошо
во стомакот од сапунестата вода од мијалникот. Тоа заблагодари му
на овој овде, рече мама. Баш тогаш некој почна
да удира во ѕидот на соседната колиба. Во почетокот тоа
звучеше како тупаница - бам-бам-бам - а потоа, кој
и да беше тоа, употреби дршка од метла или така нешто.
Исусе боже легајте вие таму на спиење! викна некој.
Престанете веќе! И престанавме. Ги изгасивме светлата,
легнавме во креветите и тогаш настана тишина. Тишина во куќата
каде што никој не може да заспие.

Превод: П. В.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото