Полска и еврејското прашање

19.02.2018 01:43
Полска и еврејското прашање

Евреи во Варшавското гето, 1943

 

Владата на Полска уште еднаш успеа да предизвика меѓународна криза, овојпат со усвојувањето на законот кој ја забранува употребата на фразата „полски логори на смртта“. Мета на овој закон е географската кратенка која понекогаш се користи во странство за опишување на концентрационите логори што ги основале нацистите на територијата на Полска за време на Втората светска војна. Но, тоа не е единствената цел на овој закон.

Полските граѓани спокојно зборуваат за Варшавското гето. Исто така, практично никој што ја користи фразата „полски логори на смртта“, вклучувајќи го тука и поранешниот американски претседател Обама и поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Комеј, тоа не го прави од зла намера спрема Полска. Оваа фраза се наоѓа дури и во полската училишна лектира, на пример, во одличната книга за холокаустот на Зофиа Налковска (Zofiа Nałkowskа), насловена „Ордени“ (Medaliony). Сепак, многумина во Полска веруваат дека некој во странство тоа би можел погрешно да го протолкува.

Не е првпат полските политичари да водат битка против изразот „полски логори на смртта“, а овие иницијативи не се блиски само до владејачката Партија на законот и правдата. Всушност, темата ја отвори поранешниот министер за надворешни работи, Радек Сикорски. Но, во новиот закон не се спомнуваат логорите на смртта. Законот ги криминализира тврдењата за одговорноста на Полјаците за кое било злосторство сторено кон други народи. Отстапувања од овие правила се дозволени во академските и уметничките дела, но не и во медиумите, со што е загрозена слободата на говор во полското општество.

Спорниот закон гласи: „Секој што јавно и невистинито му припишува на полскиот народ или на полската држава одговорност или заедничка одговорност за нацистичките злосторства кои ги сторил Третиот рајх (...) или за други злосторства кои претставуваат злосторства против мирот, против хуманоста или воени злосторства, или на друг начин значајно ја намалува одговорноста на вистинските сторители на таквите злосторства, може да биде казнет со парична казна или со казна затвор до три години.“

Влезот во некогашниот концентрационен логор Аушвиц

Амбасадата на Израел во Варшава постави едно соодветно прашање: Дали преживеаните жртви од Холокаустот ќе бидат кривично гонети ако проговорат за своите искуства? Кнесет се закани со донесување закон кој го криминализира намалувањето на улогата на Полјаците кои учествувале во Холокаустот. Предлог законот има поддршка од 61 од вкупно 120 пратеници во израелскиот парламент.

Пред полскиот парламент и сенат да го изгласаат законот, американскиот Стејт департмент го издаде досега најострото соопштение поврзано со Полска, од 1989 година, во кое предупредува на „можните последици што донесувањето на овој закон би можел да ги има на полските стратешки интереси и односи, вклучувајќи ги и односите со САД и со Израел“. Министерот за надворешни односи на соседната Украина беше уште поостар: „Од денес Полска повеќе не е стратешки партнер на Украина. Денес Полска ја загрози нашата интеграција со Европа“.

И навистина, Полска ги загрози односите со своите три најважни сојузници – САД, Германија и Украина, кои досега ги толерираа испадите на Јарослав Качински, фактичкиот владетел на Полска. Државата се соочува со закана од изолација и губење на влијанието на меѓународната сцена, што ја прави ранлива пред реваншистичките закани на Русија на Путин.

Наспроти отпорот на голем дел на полската елита, Качински нема намера да отстапи од овој закон. Да нема забуна, тој како и неговиот починат брат близнак, Лех, не е антисемит. Лех Качински се бореше против антисемитизот во Полска, одеше на прослави на Ханука и посетуваше синагоги. Всушност, владата на Полска досега најгласно од цела Европа ги заговараше интересите на Израел, за што е доказ и нејзниното воздржување од гласањето во ОН против признавањето на Ерусалим како главен град на Израел, што беше одлука на американскиот претседател Доналд Трамп.

Но, Јарослав Качински, чијшто популизам повеќе не е под контрола на неговиот брат, така го обликуваше новиот закон, за да биде од корист на Партијата на законот и правдата. На неговите гласачи од центарот, новиот закон не им пречи, бидејќи идејата за забрана на изразот „полски логори на смртта“ им делува прилично безопасно. Од друга страна, откако се ослободи од најекстремните десничари во владата (министерот за надворешни работи, Витолд Вашчиковски, министерот за одбрана, Антони Мачеревич и министерот за животна средина, Јан Шишко), Качински се обидува да ја врати довербата на своите гласачи од десницата. Ним ќе им биде драго што Полска им удри шлаканица на Израел, Украина и практично на целиот свет.

Меморијалниот центар на Холокаустот во Треблинка

Циничноста на овој пристап се гледа и во фактот што дури и водечките членови на партијата ја признаваат улогата што ја имале Полјаците во прогонот на Евреите. Пред само еден месец, Ришард Чарнецки, член на Партијата на законот и правдата и потпретседател на Европскиот парламент, членот на Европскиот парламент од опозициската Граѓанска платформа го нарече со погрден израз што се користел за луѓе кои за време на војната ги уценувале скриените Евреи или оние што ги штителе.

Овде не е важно тоа што шефовите на четири парламентарни групи веднаш побараа Чарнецки да биде сменет, како ни тоа што премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки се обиде да го одбрани. Важно е што со употребата на погрдниот термин („szmalcownik“) Чарнецки призна дека покрај тоа што имало Полјаци што спасувале животи на Евреите, имало и такви Полјаци што ги испраќале во смрт, што темелно го документирале полските историчари: Јан Грос, Ирена Груѓинска, Барбара Енгелкинг, Јан Грабовски, Јацек Леочак, Дариуш Стола и други.

Така Партијата на законот и правдата во настојувањето да го спречи користењето на изразот „полски логори на смртта“ придонесува тој уште повеќе да се шири. Поранешниот премиер Доналд Туск на Tвитер објави: „Секој што ја шири невистинитата фраза ‘полски логори на смртта’ ја загрозува репутацијата и интересите на Полска, а во тоа најмногу се истакнуваат творците на овој закон.“

Грда коинциденција е и тоа што законот е усвоен на 73-годишнината од ослободувањето на Аушвиц и непосредно пред 50-годишнината од антисемитската кампања на полската комунистичка влада во 1968 година што доведе до егзодус на 20 илјади полски граѓани и ја лиши земјата од некои од нејзините најдобри умови. И тогаш и сега им се додворуваа на „патриотските гласачи“ по цена да се наруши угледот на Полска. Да се надеваме дека тоа ќе остане единствената сличност помеѓу овие два настани.

Извор: Project Syndicate