Како станав „грчки платеник“

19.02.2018 12:33
Како станав „грчки платеник“

Некаде во 2005 бев во Солун на една регионална конференција за борба против трговија со луѓе како претставник на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Организатор на настанот беше една грчка НВО, а проектот беше спонзориран и од Министерството за надворешни работи на Грција. Во рамките на проектот требаше да се изработат извештаи за борбата против трговијата со луѓе во 13 земји од регионот и да се објават во заедничка публикација на англиски јазик.

Прв проблем со кој се соочив кога отидов во Солун беше обидот на организаторите да ме именуваат како претставник на „FYROM“.

Веднаш направив скандал укажувајќи дека организацијата која што ја претставувам има име „Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија“ и како што се гледа од името, доаѓа од Република Македонија (Republic of Macedonia). Грците не сакаа да попуштат и инсистираа на употреба на акронимот „FYROM“, укажувајќи дека така сме биле примени во ОН.

Тогаш најкултурно им објаснив дека тоа не е точно, туку дека нашата земја е примена во ОН со „референца“ „the former Yugoslav Republic of Macedonia“, а не со акроним FYROM. После извесно разговарање, да не речам преговарање, координаторот на проектот се согласи во книгата да не се употребува акронимот FYROM, туку референцата „the former Yugoslav Republic of Macedonia“.

Потоа поставив прашање дали извештаите во книгата се авторски текстови, на што ми беше одговорено потврдно. Е, па тогаш, аргументирав, никој не може да им забрани на авторите на извештајот да го употребуваат уставното име Republic of Macedonia, и никој нема право да цензурира авторски текст. Грчките координатори не се согласуваа и продолживме јавно да се расправаме со повишен тон, додека во преполната сала растеше незадоволство што трошиме време на вакви апсурдни спорови.

Дел од присутните претставници од други земји, се обидоа да извршат притисок врз мене да попуштам, ама јас си стоев цврсто на стојалиштето дека никој нема право во авторски текст да им кажува на авторите како ќе си ја нарекува својата земја, согласно уставот.

После извесно натегање, дојдовме до „разумен компромис“: во авторскиот извештај да се употребува уставното име Republic of Macedonia, но со фуснота во која ќе се објасни дека авторите на извештајот го употребуваат уставното име на нивната земја, а не референцата со која државата е примена во ОН. Во остатокот од книгата беше договорено да се користи референцата „the former Yugoslav Republic of Macedonia“, ама не и FYROM.

Но, по постигнатиот „разумен компромис“, грчкото НВО само делумно се придржуваше до договорот. Прво, и најбитно, во извештајот за нашата земја како наслов стоеше REPUBLIC OF MACEDONIA со фуснота „The authors use the constitutional name of the country and not the one used officially by the United Nations, the Council of Europe and the European Union, which is “The Former Yugoslav Republic of Macedonia”“. (Текстот во фуснотата е намерно извртен за да се сугерира дека “The Former Yugoslav Republic of Macedonia” е официјално име кое се употребува од ОН, СЕ и ЕУ, а не привремена референца.) Второ, во остатокот од книгата и во содржината се користеше референцата „Former Yugoslav Republic of Macedonia”. Трето, наспроти договорот, грчкото НВО како издавач на три места го подметнува и акронимот FYROM, кога ги набројуваат земјите и нивните претставници.

Како еден од авторите на извештајот добив и некаков хонорар, спонзориран од Министерството за надворешни работи на Грција (и од Министерството за надворешни работи на Норвешка и од Канадската амбасада во Грција), што е несомнен доказ, нели, дека сум бил ем странски, ем „грчки платеник“.

Ама парадоксално, токму како „грчки платеник“ се изборив среде Солун за употребата на уставното име Republic of Macedonia во книга издадена во Атина со пари од грчката влада.

Од сета оваа апсурдна приказна научив пар лекции: ако не се бориш нема ништо да добиеш; дури и кога ќе постигнеш „разумен компромис“ со грчки невладини активисти, немаш никаква гаранција дека тие ќе се придржуваат на договореното.

Извор: Фејсбук профилот на авторот