За списокот од 200 интелектуалци

20.02.2018 11:23
За списокот од 200 интелектуалци

Не постои список во Македонија на кој ќе се потпишат двесте интелектуалци, за кое било прашање на светот и векот, а на кој нема да се најдат секакви луѓе: некои кои би ги гушнале и бакнале, други со кои ни во ист автобус не би се возеле; некои на кои би им се поклониле пред политичките и професионалните ангажмани, други на кои со задоволство би им се поклониле свртени наназад, за да имаат подобар увид во вашата аргументација; некои за кои веднаш ќе се согласите дека ја задолжиле земјава со своите интелектуални промислувања и делувања, други за кои ќе се согласите дека навистина ја задолжиле земјава, „до гуша“, со своите политички и професионални ангажмани…

Дури, не е спорна ни содржината на писмото под кое се потпишале, во смисла на тоа што во текст во кој има дваесетина параграфи има и паметни работи, има и дневно-политички пароли и разни политикантски глупости… Но, важно е дека потпишаните интелектуалци се согласиле со духот и пораките од писмото: велат, ова се нашите јасни ставови, кој мисли или делува поинаку е, во суштина, капитулант и предавник кому ќе му судат сегашните и идните генерации. Тоа, всушност, и стои во писмото.

Значи, ништо од тоа не е проблем.

Проблемот со списокот на овие 200 интелектуалци е далеку поголем – што меѓу нив не препознав ниту еден етнички Албанец.

Какво е тоа „интелектуално“ сочинение во Македонија во 2018 година, кое претендира да се залага за добрата иднина на оваа мултиетничка, мултиконфесионална, мултикултурна држава и, особено, за македонскиот народ во неа, зад кое не нашле да застане ниту еден Албанец?! Зошто меѓу потпишаните да има и Власи и Срби, а да нема Албанци?

Притоа, не знам што би бил поголем проблем: авторите да се обиделе да најдат Албанци кои би се потпишале, а овие да ги одбиле; или воопшто да не направиле таков обид? Што мислите, која варијанта е поверојатна?

Без таа димензија на ова писмено сочинение, самото писмо станува беспредметно. Сори.

Гледате, се обидувам ова да (ви) го соопштам што е можно „побезболно“, да не (ви) се потсмевам на разно-разни во друштвото потписници, да не (ви) ги растурам тезите во писмото, да не употребувам наводници и извичници, да не полемизирам со политички и историски аргументи… (Иако знам дека, сеедно, повторно ќе има налутени, којзнае што сè нема да „истурите“ врз мене на фејсбук, низ порталите и по дебатните телевизиски емисии…)

А, сепак, проблемот е темелен: без потписи на (барем) педесетина Албанци – се извинувам, тоа е 25 насто од потпишаните 200 интелектуалци – ова писмо е беспредметно сериозно да се дискутира во неговата содржина. Жалам.

Замислете каква вежба од политика, историја, толеранција, морал, култура и што уште не би бил обидот на овие 200 интелектуалци да најдат, да продискутираат, да убедат неколку десетици колеги, Албанци, да им се потпишат под писмото… Е, добро, де, затоа велам: замислете! На пример, да разменат потписи со колегите интелектуалци, составувачи на „Платформата од Тирана“…

Кога би успеале во тоа, веројатно со мирна совест би можеле навистина и да ги прекинеме преговорите со Грција.

Разбирате, сега, зошто, меѓу другото, водиме непријатни и непосакувани преговори со Грците? Ако не ви е јасно, погледнете го списоков на овие 200 потписници, бидејќи содржината на нивното писмо и не мора да ја читате.

Извор: civilmedia.mk
Слики: Avogado6

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото