Република Македонија (Интелектуална)

20.02.2018 11:33
Република Македонија (Интелектуална)

Да имаше 200 интелектуалци во вистинската смисла на зборот (таа може да се сублимира, без разлика на многубројните дефиниции за тоа кој може да се нарече така), Македонија без дилема ќе беше интелектуална велесила, не само на Балканот. Тогаш најверојатно ни државата ќе немаше ваков проблем со признавањето на нејзиното уставно име. А и да имаше, новото за севкупна употреба само ќе му се наметнеше на светот: Република Интелектуална Македонија, Интелектуална Република Македонија, Република Македонија (Интелектуална)…

Очигледно дека ниеден од тие 200 потписници – академици, професори, уметници, писатели… – на отвореното писмо со кое бараат политичките лидери да ги прекинат преговорите со Грција нема никаков проблем со „името“ за севкупна употреба (ерга омнес) со кое беа претставени во јавноста: интелектуалци. Јасно е дека тоа не е единствена социјална група, ниту политичка структура, уште помалку ист ум. Ама и потписниците знаат дека за да се биде интелектуалец, треба да се направи нешто повеќе отколку да се заврши факултет или да се наслика слика или да се компонира музика или да се држат предавања… Дека треба да се заложи со целиот свој капацитет за јавното добро, а пред сè да не му се служи покорно на лидерот, да се спротивстави на интересите на властодржците. Најмалку половина од овие 200 „интелектуалци“ десет години беа во служба на најзлосторничката власт што ја имала Македонија, а другата половина немо, безгласно, гледаше со страв и со став дека тоа нив не ги интересира. Најретките проговорија кога беше предоцна за јавното добро и кога проценија дека е време, заради нивното лично добро, да му се додворат на новиот газда. Накратко: ако отвореното писмо мораше да го потпишат 200 вистински интелектуалци, тогаш ќе останеше без ниеден потпис.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња