Илон Маск против манијаците

20.02.2018 12:15
Илон Маск против манијаците

И додека на руската државна телевизија група манијаци мечтаеше за „изградба“ на морски проток кој би го носел името на другарот Сталин (за неупатените, станува збор за дамнешен сон на руските патриоти, за „морски проток“ помеѓу Канада и Мексико кој би бил создаден со уништување на Америка), американската приватна компанија на Илон Маск SpaceX во правец на Марс ја упати новата супертешка ракета Falcon Heavy. Се случи тоа на 6 февруари 2018 во 23:45 по московско време.

Тоа беше нејзино прво експериментално лансирање, случај кога како пробно оптоварување обично се користат бетонски блокови. Но на Маск тоа му се чинеше премногу досадно, па во космосот го испрати својот личен електромобил Тесла, со боја на скапана вишна и со кукла облечена во скафандер зад воланот. За време на стартот се слушаше песната „Space Oddity“ на Дејвид Боуви, а на контролниот дисплеј на автомобилот се појави натпис „Без паника!“, цитат од култниот хумористичен роман на Даглас Адамс „Автостоперски водич низ галаксијата“. Целиот „марсовски“ проект на Илон Маск е преполн со литература. Во омилениот електромобил на Маск е сместен и диск оспособен да чува податоци следните неколку милијарди години. На него е снимен комплет романи од циклусот „Foundation“, збирка научнофантастични раскази на Исак Асимов за научник кој ја предвидел пропаста на човештвото и сака да ги зачува сите знаења и научни достигнувања на човечкиот род.

Лансирањето на оваа ракета Илон Маск го гледа како прв чекор од воведната етапа за колонизација на Марс. Falcon Heavy од Земјината орбита може да довезе околу 64, а на Марс да донесе 16,8 тони корисен товар, што е неспоредливо повеќе од која било современа ракета на светот. Одредени наши сериозни коментатори со право уште порано наведуваа дека успешните лансирања на ракетите на Маск означуваат крај на руската космонаутика, не само поради нивната поголема сила и носивост, туку и затоа што се 5-10 пати поевтини од рускиот Протон, како и од веќе долго време и со гордост најавуваната Ангара.

Илон Маск има намера до 2022 година да пристапи кон непосредна колонизација на Марс и за таа година планира прво лансирање ракета од следната генерација. Станува збор за BFR (Big Falcon Rocket), проект за изградба на ракета за меѓупланетарни летови и основање први колонии на Марс.

Бидејќи си постави задачи за кои пишувале многу писатели на научна и утопистичка фантастика, Илон Маск не се ограничи само на раселување на нашата родна планета. Неговиот проект SolarCity кој речиси буквално го повторува насловот на утопијата на Томазо Кампанела „Град на сонцето“, веќе се реализира со успех. За разлика од стариот италијански мислител, Илон Маск не заговара ликвидација на семејството и укинување на приватната сопственост, не ја повикува државата активно да се вклучи во (како што би рекол другарот Ленин) „производство на деца“ (детопроизводство) туку само со своето дело се залага за развој на индустријата во правец на ефикасна експлоатација на сончевата енергија.

Проектот OpenAL на Маск за истражување на вештачката интелигенција во голема мера ја остварува идејата од книгите „Summa Technologiae“ и „Киберијада“ на Станислав Лем. А проектот на електромобилот Тесла, како и новиот Hiperloop проект за супербрз вакуумски транспорт, се земени директно од многубројните романи кои ја опишуваат иднината на човекот.

Сѐ што прави Илон Маск се приватни иницијативи на талентиран претприемач кои по ефикасноста често значително го надминуваат трудот и активната работа на некои држави, помеѓу другите и САД. Впрочем, мислам дека во овој конкретен случај нема смисла ни да се спомнуваат други држави. Ваквата ефикасност се заснова на три елементи: исклучителен талент на протагонистот од безумните идеи на разни сонувачи да создаде реална технологија, неговата фантастична работна способност да го реализира тоа што го замислил и односот на државата која му помага во тоа, или поточно, не му одмага, а најважно од сѐ, не се обидува да му ја земе работата.

И уште нешто. Целта на сите проекти на Илон Маск е да го направи животот на луѓето поубав и поинтересен, да создаде нови еколошки поефикасни видови на превоз и енергија, да направи нови чекори во освојувањето на космосот и со тоа да го продолжи постоењето на човештвото. И тој своите проекти ги реализира со хумор и со придружба на добра музика. А во Русија, успесите на Илон Маск будно ги следат здодевни луѓе кои и понатаму сонуваат за морски проток со гордото име на другарот Сталин.

Извор: Ежедневный журнал, 07.02.2018.

ОкоБоли главаВицФото