Нејќам Кажам, Сакам Речам

21.02.2018 12:26
Нејќам Кажам, Сакам Речам

1. Новиот Министер за Внатрешни Работи не е за Шоу Бизнис. На Јавноста ѝ пречи неговата фризура. Шоу Бизнисот сака Жени за Министерки на Внатрешни , кои покрај фризурата, имаат и по некое Бркче. Секси!

2. Логично е што единствениот уредник на единствената, сега за жал укината рубрика „Зграпчи го Денот “, без никаков Конфликт на Интереси седеше, пред години, во ток шоу, со, сега веќе екс министерка за Внатрешни. На Ток Шоу. Седеше!

3. Тие што го паметат ова брилијантно ток шоу, кога низ Македонија течеше мед и млеко, а низ улиците маршираа Културни и Воспитани дечки со пиштоли и бејзбол палки, а по други улици лежеа безимени неморални мртви трупови, облеани во крв, може да посведочат дека сите присутни во студиото, строго го осудија Конфликтот на Интереси. И тоа среде општествената Ренесанса на Шоу Бизнисот. Каде што никогаш немало Конфликт на Интереси. Македонски!

4. Низ емисијата, се истакнаа Моралните, емотивни, премрежија на Уредникот. Дури 4 пати барал прошка од надлежните религиозни органи за гревот и штетата напревени со комплетно непродавање на целиот дневен тираж на рубриката, со години наназад. Торжествено. Опуштено!

5. Неброени буџети за претстави секојдневно завршуваа во контејнер, од Непродадените печатени изданија. Господ, ако го нема, Шило за вистината има. Гледало и тоа , Шилото, од горе, па пресметало дека помеѓу буџетите за претстави имало и за клиники за деца, кои можеле да се изградат само со 30-дневен тираж. Од реколтата за палење. Со Оган.

6. Но кој ако не самиот Господ и самите негови пророци, другарите на екс-министерка за Внатрешни, препознавајќи го искреното покајание на Уредникот, прават заложби неговиот Морален Кодекс да биде пример како на Небото, така и на Земјата, ете меѓу нас неморалните и во Конфлик на Интереси загушени чеда. Амин!

7. Па како да не поддржиш ваков Морален Капитален примерок, особено кога во Ток шоуто индискретно најавува прекрасно 8-Мартовско Гига Мега интервју на насловните страници. Интервју, кое ги надмина и таблите со 10 Божји заповеди, исклесани од сам господ Бог и врачени на самиот Мојсеј. Дури, сега веќе екс Шефот на ДБК, дозволи тие 8-мартовски страници на Весникот да ги краси член на неговото најблиско семејство. Без никаков конфликт на интереси. Од чисто Морални Побуди. Поради Празникот 8-ми Март!

8. Како награда, Уредникот беше запишан со златни букви, во новиот Тефтер на сега веќе екс советникот, на сега веќе, екс премиерот. Месиите на Господ. Иш, иш!

9. Имало и друг тефтер, велат, наменет за Неморалните. Под КОДно име „ Зграпчи ги во Ноќта“. Ендеци, сообраќајки со смртни последици, опожарени коли, спектакуларни апсења и секси ноќни посети со Надгробни венци и палки за бејзбол. Бејрут на Балканите. Без Конфликт на Интереси!

10. Тефтер ко тефтер. Сите се исти. Секому според заслугите. Секому според Моралниот кодекс. Што е битно што некој седел во апс, загинал... сега е важно да си во еден од двата тефтера. За да можеш да говориш за Конфликт на Интереси. Непречено!

11. Идилата на Моралниот Рај на Балканите ја уништија, кој друг ако не несовесните редовни конзуматори на сега веќе за жал згаснатата Рубрика „Зграпчи го денот “, од синдикатот на Камионџии, сите 200. Ах тие Бугарски Пасоши и камионџии. Гласилото на Моралот го згаснаа. Поради белосветски гласила и рубрики како Плејбој. 200 Камионџии. Нивните камионџиски кабини сега ги красат туѓи рубрики. И едно шише. Може и повеќе шишиња. 1.5 лит. ПВЦ. Ех, Камионџии!

12. За да ја заштити јавноста од Неморал и Конфликт на Интереси, Господ Бог во потрага по нов Синдикат на Камионџии, ни го прати Светиот Грал во Македнското Новинарство. Донесен директно од Бога. Единствениот вистински деКОДер на затскриените и секогаш во сенка, Конфликти на интереси и Неморал. Алелуја!

13. Таа, Свет грал материјализиран во прекрасна дама, најдобро знае каков Морал и Општество без Конфликт на Интереси владееше до пред само 7 месеци. Лично се има уверено. Добивајќи средства од Филмската Агенција за свои проекти. Ах, тие носталгични времиња, кога само Месиите и Таа одеа по Македонските Морални улици и Институции. И добиваа финансии без Никаков Конфликт на Интереси. Како на земјата, така и на небото. деКОДирано. 100 му громова!

14. Дури во тоа време и Марсовците од Кодра Фура чесно и Морално си аплицирале и секогаш биле на адреса на која пријавувале проект. Само за Викенд отсуствувале. Впрочем!

15. Но сега, не додржа и проговори овој Свет Грал, поради Конфликтот на Интереси кој срце не ѝ дава да го премолчи. Во Името на Шилото кое врти, врти, врти и оп - Вистина. За туѓи гревови. Распната. На крст!


16. Солзи излеани крокодилски за судбата на младите филмаџии, среде емисија. Легендата вели дека кога таа збираше пари од Агенцијата за Филм, најмладиот филмаџија имал 60 години. Тогаш млади немало. А другите остареа во меѓувреме, без поддршка од Агенцијата за филм. Што поради светата тајна на откривање на ковчегот на Второстепената Жалбена комисија, што поради неподобност на нивните фирми да егзистираат на Македонската сцена, во тоа време кога Златен Морал лебдеше низ Државата. Без конфликт на Интереси. До пред само Седум месеци. Апокалипса!

Нема сила која ќе ме спречи, па дури и кампања за ненасилство на нашето МВР, да ве оставам раат, додека без потреба се истурате на членови од мојата екипа, од мојaта Претстава.

Сашо Коколанов е дел од мојата екипа.

И Претстава ќе има, но вас и вашиот фалшлив Морал ќе ги нема. Еднаш Засекогаш, ќе ги снема и клиентите чии интереси ги застапувате!

За почеток, ќе се обидам, бидејќи тоа го наметнавте, Како Гостин-Актер, да настапи г-н Роберт Алаѓозовски, а г-н Никола Гелевски - Коља се надевам нема да го одбие местото Продуцент. Со г-н Сашо Коколанов и остатокот од екипата, ќе добиете за прв пат Јавен и чесен Авторски Проект, а ако почесто одите во Театар, ќе видите дека претставите не познаваат конфликт на интереси, туку се Јавни и Чесни, и само за публиката.

И сериозен сум во намерите.

Уживајте во Театарот кој сами го создавате и живее само поради вас.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото