Таму кајшто никогаш не сум патувал

22.02.2018 02:31
Таму кајшто никогаш не сум патувал

таму кајшто никогаш не сум патувал, по сѐ што збиднало,
радосно молчат твоите очи:
во најмилното твое движење има нешто што ме сопира
или не можам да го допрам оти преблизу ми е

и најмалиот твој поглед лесно би ме открил
иако се имам свиено ко прсти
ти секогаш ме разоткриваш, ливче по ливче,
како пролетта што ја разлистува (галејќи ја кришум, со усет)
својата прва роза

но само посакај да ме скротиш и, за миг,
јас и животот мој ќе се свиеме леко,
ко душата на цветов кога мечтае дека секаде кротко снежи.

ништо видливо на светов не достои на твојата снажна милност:
нејзината снага ме покорува со бојата на своите предели,
принесувајќи ми ја смртта и вечноста со секој здив

(не знам што кај тебе се открива и свива;
нешто во мене само знае
дека гласот на твоите очи е побуен од сите рози)

никој, дури ни дождот, нема раце толку мали.

 

којзнае дали месечината

којзнае дали месечината е балон
што иде од некој топол град по небото
и носи убави луѓе?
(и дали треба ти и јас

да се качиме на него,
ако ме земат мене и ако те земат тебе на нивниот балон,
тогаш,
со сите тие убави луѓе ќе се вивнеме уште повисоко

од куќите, кубињата и облаците:
ќе отпловиме некаде и ќе си пловиме така,
кон некој топол град што никој никогаш не го посетил,
каде

секогаш
             е
                пролет), сите се вљубени, а цвеќињата сами си се берат.


Превод од англиски: Магда Ориѓанска
Слика: Едвард Хопер

ОкоБоли главаВицФото